X
 14.04.2023 Наша тема

Со воведувањето на „Кембриџ програмата“ знаењето и интересот за математика значително се намалија, вели Ѓорги Маркоски, претседател на Сојузот на математичари

Математиката во училиштата може да се унапреди со промена на програмата и на учебниците, и зголемување на неделниот фонд на часови по математика, вели Ѓорги Маркоски

„Математиката е скриена тајна за разбирањето на светот“, рекол математичарот Роџер Антонсен. Со претседателот на Сојуз на математичари на Македонија, Ѓорги Маркоски, поразговаравме за интересот на децата кон математиката. На прашањето какво е знаењето на децата за математиката, тој вели:

-Мојот впечаток е дека со воведувањето на „Кембриџ програмата“ знаењето и интересот на учениците значително се намалија. Има и други фактори за ова намалување, но мислам дека овој е најзначајниот. Се чини дека има добар интерес за математика во 4., 5., 6. одделение. На пример, на општинскиот натпревар за основно оваа година учествуваа околу 4.500 ученици од 4. до 9. одделение. Се разбира, потребно и да остане овој интерес и понатаму кај што поголем број ученици. Но, тоа зависи од многу фактори – вели Ѓорги.

„Кембриџ програмата“ лошо влијае врз учениците

Според него, учебниците направени по „Кембриџ програмата“ не се соодветни за децата.

- Во училиштата учебниците се направени според „Кембриџ програмата“, а веќе го кажав мислењето за неа. Сега се во тек промени на таа програма и името „Кембриџ“, а можеби ќе има и нови учебници. Не сум ги разгледал внимателно новите учебници, но за старите (Кембриџ) имам многу негативно мислење. Речиси сите активности и знаења што се бараат таму се засноваат на едноставни пресметки. Слабо (или никако) се застапени посложени задачи кои бараат повисоки знаења и размислувања на учениците. Се разбира, и материјалот не е убаво последователно математички обработен. Притоа, секое изучување на делови од математиката мора да има соодветна теоретска подготовка. Тоа се чини изостанува во овој момент во основното образование – посочува претседателот на Сојузот.



Според него, слабоста на основното образование предизвикува голем јаз во средното образование.

- Математиката за средно бара повеќе предзнаења, т.е. онака како што била програмата пред „Кембриџ“. Затоа наставниците во средно мора да се враќаат на материјал кој би требало да се учи во основно. Со тоа тешко го реализираат предвидениот материјал за средно. И така и таму се јавуваат тешкотии. Значи, тоа е поврзан систем кој не треба да има слаби делови. Ако има такви, се создаваат проблеми во сите натамошни нивоа на изучување на математиката – додава Ѓорги Маркоски.

Кои им се најтешките математички проблеми на учениците?

Според претседателот на Сојузот на математичари, учениците имаат разни проблеми.

- Од лошо разбрани и применети операции до слабо математичко мислење, како поврзување на знаењата, користење својства итн. Според мене, тоа се должи на многу фактори, а тука можат да се споменат лошите учебници, немотивираните наставници и ученици, слабата програма итн. – вели Маркоски.


Ѓорги Маркоски

Според него, математиката во училиштата може да се унапреди со промена на програмата и учебниците, зголемување на неделниот фонд на часови по математика, намалување на бројот на предмети, како и мотивирање на наставниците и учениците. Тоа би придонело за унапредување на математичките знаења.

- Потребно е сеопфатно размислување и дејствување за да се постигне ова. Делумни решенија не помагаат многу. Консултација со наставните институции на кои се изучува математика и со наставниците по математика на сите нивоа пред да се донесуваат промени во наставата. Се чини дека тоа не се прави во овој момент. Ние како Сојуз колку можеме, се обидуваме да го зголемиме интересот за математика. Издаваме списанија за основно и за средно образование, имаме натпревари, конгреси, семинари, школи итн., во рамките на нашите можности - подвлекува Маркоски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема