X
 08.01.2015 Образование

Расказ за реалната ситуација во Македонија



Актуелните настани во државава која радо би ја продале кога би имало кој да ја купи, од мене ги влечат острите реченици што свирепо ја разголуваат нашата стварност. Студентите креаваат револуција. Сител вели дека се тоа двајца без тројца, Телма заклучува дека станува збор за најмасовното студентско движење во историјата, а јас велам дека е ова крик, крик на интелектуалци ранети од апсурдните промени кои некој некаде ги виде, ама не ги одгледа до крај, а сега се обидува да ги имплементира во системот, експериментирајќи притоа со сопствената иднина. Зошто? Тоа е главното прашање кое деновиве се наметнува. Зошто го нарекувате државен испит, а не екстерно тестирање? И зошто таканаречениот државен испит ни го наметнувате како синџир околу вратот, откако ги укинавте приемните испити убедувајќи ги сите дека можат да студираат што сакаат? Тоа ќе го подобрело квалитетот на образованието. Не, нема! Дали екстерното тестирање во средните училишта го подобри квалитетот на образованието?

Оценките веќе не се вадат од ракав, се сипуваат од ракав. Зошто? Затоа што одлучивте прашањата да ни бидат однапред познати, што е најголемиот апсурд во приказнава. Во затворени училници, пред компјутери кои делумно работат, со професори кои екстерното ги удираше директно по џеб, ние како созреани индивидуи од четврта година имавме задача да ги препознаеме одговорите на прашањата кои претходно детално ги прочитавме. За да ни ја олеснат работата и нормално за да си ја спасат платата, најголем дел од наставниците ги згазија своите принципи и ни дозволија да препишуваме. Да, успеавте со ситни монети да направите марионети од оние кои четири години нè учеа да станеме вистински луѓе, а сега со затворени усти ги прекршија личните убедувања за да ни обезбедат малку правда во морето од неправда. И пак не беше фер. Зошто? Затоа што влегувањето во тие училници беше како лотарија, кај Даниела нема да препишеш, кај некој друг можеби ќе може, а можеби нема, зависи од неговата идеологија. Ни поделија исти карти, а играта ја игравме во различни услови. И сепак добивме добри оценки, на овој или на оној начин. И секоја наредна генерација ќе покажува солидни резултати на смешните тестови кои ги состави некој кој очи не ни видел, а сепак се осмели да ја негира оценката на професорот кој четири години, четири часа неделно беше со нас, професорот на чии часови доцневме, одговаравме, читавме есеи и пишувавме писмени. Министерот не знае колку елементи има периодниот систем, ама се дрзна да чепка по дневникот на професорката по хемија, на која и стави на располагање три зрнца натриум хлорид, а и даде задача да ни покаже титрација, и хидролиза, и пиролиза и што уште не. И што прават сега оние кои во училниците зад затворена врата стопроцентно нè подржуваа, а кога доаѓаше време за кревање на гласот ни ги заклучуваа сите влезови и излези, глумејќи кротки јагниња пред камерите на диктаторот? На сите им пишуваат поголеми оценки. Зошто?

Затоа што знаат дека ќе се снајдеме. Свесни се дека ако сака, и ако не му падне системот и неписмен може да ги научи прашањата кои оваа година се речиси идентични како претходната и да добие висока оценка, што ќе удри по нивната и онака ниска плата. И ние не ги обвинуваме нив. Не ги обвинуваме оние кои не дојдоа со нас, кога најмногу ни требаа, не ги обвинуваме што ни ги заклучија вратите во моментите кога посилните од нас ни ја кроеја судбината. Ние ја обвинуваме политиката, ги обвинуваме оние кои се негираа себе си, го ставија прстот под црниот маркер и излегоа да избираат притоа гласно викајќи: „Сите се исти.“ И не, јас не сум опозиција, ни позиција, немој да ме заокружувате. Ова не е писмо од анонимен студент, јас имам име и презиме. Ова е расказ за реалната ситуација во Македонија, видена низ призмата на еден човек кој живее тука и сега. Ова е писмо до вас кои правите од човечките срца ѕид за политички пароли и други глупости. Писмо до хипокризијата на оние кои сè уште молчат и зад заклучени врати ги убедуваат своите средношколци сами да протестираат против она што поденднакво ги засега и едните и другите. Ова е писмо до идеалите на мојата генерација која се слика на партиски предновогодишни забави и пикници, па сè уште сте млади за да верувате во политика, барем обидете се поинаку. Ова е писмо до нашата слобода и нејзините бели крилја, писмо до синџирите кои мора да ги скинеме, до нашите предрасуди, до сфатените и несфатените, до сите кои не знаат како, а сепак зборуваат, и најважно до оние кои знаат како, а молчат.

Не ни треба државен испит. Не сакаме државен испит. Не затоа што не сме способни да одговориме на тие пет прашања, туку затоа што сме свесни дека пак нема да биде фер, знаеме дека не е добро смислено, знаеме дека сè додека се продаваат дипломи ќе има некој кој ќе ги купува. И иако понекогаш сме во конфликт со нашите професори, сепак нема да му дозволиме некому што не знае да реши прост интеграл да дојде и да напише нешто друго врз оценката од професорката по математика. Како може со пет прашања на заокружување да се провери оценката која ја добивме така што испишавме цели тетратки, цртавме цртежи и изведувавме формули? И не, ние не сме политичари. Не се врти овој свет околу СДСМ и ВМРО, има повиоки идеали во животот од политички партии. Па всушност што се политичките партии освен замислени имиња и скапи споменици на чии камења мрзне интелектот на нашата младина. Ние не сме власт, не сме опозиција, ни позиција. Ние сме живи луѓе. Ние сме вашите идни лекари, инженери и уметници, научете да нè цените. Зошто државен испит? Зошто екстерно тестирање? Студентите купувале дипломи? Па во тапацираните фотелји секако најдовте место и за оние кои си ја купиле дипломата. А ние кои не можеме или од некоја причина не сакаме да купуваме дипломи? Е ние ќе станеме лекари кои ќе работат по зафрлени села, ќе земаат исти плати како келнерите и ќе ги трошат на курсеви по германски јазик, чекајќи ги своите пет минути. Ние ќе станеме вашите инженери кои ќе мечтаат за првата вистинска шанса засекогаш да заминат од овде и на сите да им раскажуваат за убавините на Македонија, кои се многу повеличествени кога ги гледаш оддалеку.

Наталија Тасевска

Објавувањето колумни од надворешни автори е одраз на намерата „Факултети.мк“ да биде влијателен глас на студентите и младите луѓе. Но, напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат нашите колумнисти, особено кога станува збор за лични дисквалификации, етикетирања без основа и извртување на контексти со цел да се наштети на други личности од која било сфера. „Факултети.мк“ се оградува од таквиот речник и конотации и ги смета за непримерни во јавната комуникација.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование