X
 05.01.2016 Образование

Радикален начин на ослободување на генерација генијалци

2

 

Основното училиште Хосе Урбина Лопез се наоѓа близу депонија преку американската граница во Мексико. Училиштето е наменето за жителите на Матаморос, град во кој живеат 489.000 жители и град во кој моментално владее дрогата.


Постојано се случуваат престрелки, а не е невообичаено жителите да пронајдат и тела расфрлани на улица во утринските часови. За да стигнат до училиште, учениците мораат да поминат земјен пат, чијашто паралела е смрдливиот канал. Само еден блок ги дели училиштето од депонијата - цела планина ѓубре, што станала толку голема, што морала да се затвори. Во текот на денот, лошиот мирис се шири низ ѕидовите на училиштата. Поради тоа, често пати училиштето се нарекува „место за казна“.

За 12 годишната Палома Нојола Буено, училиштето беше нејзината светла точка. Повеќе од 25 години нејзиното семејство се преселувало до границата од централно Мексико во потрага по подобар живот. Наместо тоа, тие останале да живеат покрај депонија. Нејзиниот татко цел ден чистел отпадоци од улицата, стакло и пластика.

После училиште, Палома се враќа дома и седи со нејзиниот татко во дневната од нивниот дом. Таа секогаш му ги раскажува лекциите кои ги учела тој ден во нејзината униформа,  во обид да го расположи. Училиштето никогаш не било предизвик за неа - воопшто не и` претставува тешкотија. За неа не е тешко да повторува по наставниците, такашто има добри оценки. Со одењето во петто одделение, Палома очекува горе-долу иста рутина - предавања и меморирање.

Серхио Хуарез е свесен за ваквиот вид на наставна програма. Всушност, пет години стоел пред учениците и се обидувал да помине низ наставната програма на владата. Било неверојатно досадно и за него и за неговите ученици, па дошол до заклучок дека е целосно губење на времето. Резултатите од тестовите биле ужасни, а учениците кои имале добри резултати не се посветувале целосно. Нешто морало да се промени.

Исто како Палома, и Серхио порасна близу депонија во Матамарос, а станал наставник со надеж дека ќе им помогне на децата доволно за да направат нешто повеќе во нивниот живот. Затоа во 2011 година, кога Палома започна на училиште, Хуарез Кореа започна да експериментира. Тој започна да им чита книги и да бара идеи онлајн. Наскоро дојде до видео во кое се објаснува работата на Сугата Митра, професор по образовна технологија на Њукасл Универзитетот во Велика Британија. Во доцните 1990-ти и во текот на 2000-тите, Митра спровел експерименти во кој на децата во Индија им дал пристап до компјутери. Без никакви инструкции, тие биле во можност да покажат изненадувачки вештини.

Хуарез Кореа успеа да создаде нова образовна филозофија, онаа која се однесува на логиката на дигиталната ера во училницата. Токму таа логика е незапирлива: пристапот до светот на бесконечни информации го промени начинот на кој комуницираме, ја процесираме информацијата и размислуваме. Децентрализираните системи се покажаа како попродуктивни и агилни отколку крутите. Иновациите, креативноста и независното мислење се од клучно значење за глобалната економија.

 

1
Хуарез Кореа и Палома


А сепак, доминантниот модел на јавното образование се`уште во својата основа учи дека на работните места се цени точноста, правилноста, вниманието и тишината. Овој образовен систем рутински им дава тестови на децата за да ја провери нивната способност за меморирање на информации и покажување на сет вештини. Училишните администратори подготвуваат наставна програма според стандардите и „водичи“ за да им покажат на наставниците како тие секојдневно да предаваат. Инспекторите надгледуваат што се случува во училницата.

Резултатите зборуваат самите за себе - секоја година стотици илјади деца го напуштаат јавното средно училиште. Оние кои успеваат да матурираат, не се академски подготвени  за факултет.

Затоа нов вид на едукатори, инспирирани од интернетот па се` до еволутивната психологија и вештачката интелигенција, измислуваат радикални нови начини за децата да учат, растат и напредуваат. За нив знаењето не е производ кој е доставен од наставникот до ученикот, туку нешто што произлегува од сопствената љубопитност, подгреана со истражувањето на учениците. Наставниците даваат инструкции, но не одговори, а потоа се повлекуваат настрана за учениците да учат сами и еден од друг. Тие создаваат начини за децата да ја откријат својата страст - и да откријат цела генерација на генијалци во процесот.

Во Матаморос, Хуарез Кореа започнува да ги апсорбира овие идеи. Колку повеќе учел за овој вид на предавање, толку повеќе се возбудувал. На 21 август 2011 година, почетокот на новата училишна година, тој влезе во училницата и ги намести дрвените клупи во мали групи. Кога Палома и другите ученици отидоа во училницата, тие изгледаа збунети. Хуарез Кореа ги покани да седнат и тој седна со нив.

Започна да им раскажува за другите деца во другите делови од светот кои можеле да запомнат од пи па се` до стотици децимални броеви. Тие можеле да запишат симфонии и да создадат роботи и авиони. Повеќето луѓе не ни би помислиле дека учениците од Хосе Урбина Лопез училиштето би можеле да прават вакви видови на работи. Децата од другата страна на границата, во Браунсвил, Тексас, имаат лаптопи, интернет и ментори, додека учениците во Матаморос имаат нестабилна струја, малку компјутери, ограничен интернет и понекогаш недоволно храна.

 

2


„Но имате нешто што ве прави еднакви како и секое друго дете во светот. Потенцијал“, им вели Хуарез Кореа на учениците.

„Отсега, ќе го користиме тој потенцијал за да бидете најдобрите ученици во светот“.

Палома молчејќи очекува да и` кажат што треба да прави. Таа не беше свесна дека во следните неколку месеци, нејзиното искуство на училиште целосно ќе се промени.

Хуарез Кореа започна да се води според принципите на Сугата Митра чијшто принцип е: „Децата се целосно задолжени за сопственото образование. Во крајна линија, ако вие не го контролирате споственото учење, никогаш нема да научите“.

Митра тврди дека информатичката револуција овозможи стил на учење кој досега не беше возможен. Неговите теории во последниве неколку години започнаа да ги поддржуваат голем број теоретичари и истражувачи. Неговиот начин на размислување започнаа да го истражуваат и еволутивните психолози.

 

Питер Греј, професор на колеџот во Бостон кој го проучува детскиот природен начин на учење, тврди дека човековата когнитивна машинерија е фундаментално неспојлива со конвецнионалното школување. Тој истакнува дека младите деца, мотивирани од љубопитноста и разиграноста, учат доста многу за светот. А кога ќе достигнат возраст за да почнат на училиште, нивните сопствени желби им се заменети со програма.


„Ги учиме децата дека нивните прашања не се важни, дека важни се прашањата на наставната програма. Ова не е природниот начин на учење. Дизајниран е да реши проблеми и да открие работи кои се дел од нашите реални животи“.

Некои училишта започнаа да ја усвојуваат оваа нова филозофија - и покажаа прекрасни резултати. Во 1990-тите, Финска ја намали наставната програма по математика од 25 на 4 страни, со што се намали училишниот ден за еден час, а потоа се фокусира на независноста и на активното учење. До 2003 година, финските ученици од пониско место на меѓународната ранг листа за перформанси, се искачија на првото место меѓу развиените земји.

Еден ден, Хуарез Кореа, на табла напиша: 1 = 1.00. Доколку беше традиционална училница, тој би требало да го објаснува концептот на дропки и децимали. Наместо да започне да објаснува, тој напиша: ½ = ? и ¼ =?

„Размислете“, им рече на учениците и излезе од собата.

Додека децата мрмореа, Хуарез отиде во училишната кафетерија. Тој позајми околу 10 пезоси во монети, и повторно влезе во училницата, кадешто ја распореди вредноста на монетите на секоја маса. Тој забележа дека Палома веќе напишала: 50 и 25 на парче хартија.

На тој начин тој предизвика дебата меѓу учениците што значи една половина. Конечно, самите ученици открија дека одговорот е 50.

За Хуарез ова истовремено беше возбудливо и страшно искуство. Во Финска, наставниците се подложени на неколку годишна обука за да научат како да диригираат ваков стил на учење; тој само експериментираше.

Хуарез помина непроспиени ноќи гледајќи образовни видео клипови. Тој читаше полемики од мексиканскиот карикатурист Едуардо дел Рио, во кој тој тврдеше дека децата треба да бидат слободни да истражуваат што сакаат. Тој исто така, беше импресиониран од Митра кој им дозволува на децата да „талкаат околу идеите“. Хуарез започна да одржува редовни дебати во училницата, не бегајќи од контроверзни теми. Тој побара од децата да кажат како размислуваат за тоа дали треба да бидат дозволени хомосексуалноста и абортусот. Тој ги запраша што мислат дека треба мексиканската влада да преземе во врска со имиграцијата во Америка.

Клучната компонента во теоријата на Митра беше дека децата можат да научат со пристап до интернетот, но ова не беше лесно за учениците на Хуарез Кореа. Државата плаќаше за технолошки инструктор кој го посетуваше класот еднаш неделно, но немаше технологија на која би можел да демонстрира. Намест тоа, тој располагаше со постери од тастатури, џојстици и флопи дискови.

Еден ден, Хуарез им ја раскажа приказната за паднатото магаре во бунарот. Магарето не било повредено, меѓутоа не можело да излезе од бунарот. Бидејќи сопственикот мислел дека е старо, решил да го закопа со бунарот во кој немало вода. Како што почнал да копа, магарето рикало, но човекот продолжил со копање. На крајот, магарето престанало да рика. Човекот, претпоставувајќи дека магарето е мртво, бил изненаден дека по толку копање, магарето успеало да скокне од бунарот. При секое фрлање на лопата земја врз магарето, магарето ја тресело на земја, па со зголемувањето на земјата, можело да скокне.

„Ние сме како тоа магаре. Се` што ни е фрлено врз нас, е можност да се подигнеме на повисоко“, им рече тој на класот.

Кога во јуни 2012 година започнал дводневниот национален стандардизиран испит, Хуарез Кореа тоа започна да го гледа како уште еден куп на нечистотија фрлена врз детските глави. За да се спречи препишување, беше поканет координатор од министерството за образование, кој ја надгледуваше постапката и ги земал одговорите на крајот на тестирањето. Како што учениците одговараа на прашањата, за нив беше повеќе од лесно.

Резултатите од тестовите беа подобри од претходните години, меѓутоа резултатите на Палома беа сосема друга приказна. Претходната година, 45% паднале на математичката секција, а 31% паднале на шпански. Овој пат само 7% од учениците паднаа по математика, а 3.5% паднаа по шпански.

Оценките по јазик беа на доста високо ниво. Дури и најниските оценки беа над националниот просек. Но, врвниот резултат на Хуарез Кореа беше 921.

Кога резултатите му беа прикажани на Хуарез, тој веднаш им ги покажа на учениците.

„Ги имаме резултатите од испитот. Имаме еден ученик во училницата кој е најдобар во Мексико“, им рече тој на класот.

Палома ги имаше највисоките математички резултати во земјата, но другите ученици не беа далеку од нејзиниот резултат.

Хуарез Кореа, имал измешани чувства за тестот. Неговите ученици успеаја бидејќи тој вметна нова наставна метода, една од подобро прилагодените на начинот на кој децата учат - модел кој ја нагласува групната работа, креативноста, и работата предводена од студентите. „Овие испити се како граница за наставниците. Тие го тестираат она што го знаете, а не она што можете да го направите, а јас сум повеќе заинтересиран за тоа што моите ученици можат да го направат“.

Како Хуарез Кореа, многу образовни иноватори успеваат надвор од мејнстримот. Но, овие примери вклучуваат само илјадници ученици - и тие се исклучок од правилото. Системот како целина едуцира милиони и бавно препознава или носи успешни иновации. Тоа е систем кој функционира скоро дваесет години со цел да се задоволат потребите на индустриската ера. Сега, кога нашето општество и економија еволуираа подалеку од оваа ера, нашите училишта мораат да продолжат со оваа еволуција.

Сега засега, може да се предвиди како во иднина ќе изгледаат училниците како онаа на Хуарез Кореа. Исто така, може да се забележи дека промените нема да дојдат лесно. Иако училницата на Хуарез имаше импресивни резултати, тие инспирираа мала промена. Франциско Санчез Салазар, началник на Регионалниот центар за развој на образованието во Матаморос, беше дури и песимистичен. „Овој метод на настава не прави голема разликиа. Интелигенцијата доаѓа од нужност“, вели тој.

Хуарез Кореа се почувствува како магарето во приказната. Но, тогаш се сети на Палома, која го изгуби својот татко и која живееше до депонија. И таа како магарето ја тресеше нечистотијата и се искачуваше се` повисоко и повисоко.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование