Секој ден, илјадници бегалци заминуваат од регионите погодени од војна и поминуваат речиси смртоносни патувања до Европа за да стигнат до подобар живот. Многу од овие бегалци не успеваат да стигнат до својата дестинација. Податоците покажуваат дека од април 2015 имало над 1.200 смртни случаи меѓу бегалците кои се обидуваат да пристигнат до Европа.
Грчкиот остров Лезбос е транзитен во патеката на бегалците. Секој ден, таму пристигнуваат приближно 3.000 бегалци. Меѓу волонтерите кои им помагаат на бегалците се наоѓаат дури и студенти, и тоа од странство.
„Еден од моите најдобри пријатели и неговата сопруга собираа пари за да им помогнат на бегалците во криза. Кога испратив пари за помош, тој ми пиша дека не ги сака моите пари, туку моите способности“, вели 27-годишната канаѓанка Елис Киларски, која студира на Универзитетот во Единбург.
Елис веднаш допатувала во Грција за да им помогне на волонтерите. Нејзини двајца пријатели, Кејт и Лукас, слушнале за нејзината намера и се одлучиле да ѝ се придружат. Кејт (24) и Лукас (26) се студенти. Тие работеле со невладина организација основана од страна на британски доктор во камп за бегалци од УНХЦР.
Студентите-волонтери веднаш започнале да пружаат медицинска помош на пациентите и да им помагаат на ранливите семејства да најдат засолниште. Волонтерите, освен што помагаат, добиваат со ова искуство.
„
Tribune“ ја пренесува нивната приказна, во која Кејт вели дека искуството ѝ помогнало да се соочи со едноставен факт за животот.
„Кога гледате луѓе на ваша возраст како спијат на земјата или родители со мали деца кои ризикувале сè за да пловат низ опасното море, сфаќате дека некои работи не се фер во светот и многу нешта се случуваат само поради среќата која ја имате од раѓањето“, вели Кејт.
Зборувајќи за војната во Сирија, Кејт изјавила дека не смета „дека кампања со бомбардирање е начин за напредок и истата ќе предизвика само човечка трагедија“.
Преку нивното искуство, волонтерите откриле дека има многу луѓе кои ги исполнуваат социјалните одговорности како глобални граѓани.
Со зборовите на Елис, таа видела дека „светот не оди надолу толку брзо како што е прикажано на медиумите. Има уште добри работи и добри луѓе кои се трудат да го направат светот подобро место за оние кои имаат потреба од најмногу помош“.