X
 19.11.2016 Култура

„Оксфордскиот речник“ го избра зборот на годината


Лингвистите кои го „градат“ Оксфордскиот речник го избраа зборот на годината, а тој е post-truth или во превод „поствистината“.

Луѓе бараат книги на полици

Зборот ја изразува состојбата во која фактите се помалку важни од емоциите, што ни е многу познато од денешен аспект, особено после одлуката на Британците за излегување од ЕУ и после победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, кои за многумина беа неочекувани.

„Post-truth“ се користи и како придавка и се однесува на „околностите во кои објективните факти имаат помало влијание врз обликувањето на јавното мислење, отколку емоциите и реакциите во општеството или личните и поединечните ставови“.

За да можат зборовите да се внесат во Оксфордскиот речник, мора да се користат најмалку 10 години во медиумите или во книжевноста, а во случајот со терминот „поствистина“  дополнителен критериум бил и „зацврстувањето на социјалните мрежи како извор на информации и сè поголемата недоверба кон фактите што ги изнесува естаблишментот“, соопшти редакцијата.

Изразот „поствистина“ во 2016 година стана „главен збор во политичките коментари, а процентот на користење се зголемил 2000 проценти во однос на минатите години, во контекст на Брегзитот и победата на Трамп“, наведуваат лингвистите.

Според Оксфордскиот речник, терминот „поствистина“ првпат го употребил покојниот американски писател со српско потекло, сценарист и романсиер, добитник на Оскар, Стив Тешиќ (1942-1996).

Во статијата што Тешиќ ја објавил во списанието The Nation, во врска со американскиот скандал во Иран - Контра и за војната во Персискиот залив, тој напишал: „Ние, како слободни луѓе, слободно одлучивме дека сакаме да живееме во некаков ‘поствистински’ свет.“

Постојат докази дека овој израз се користел и порано, пред статијата на Тешиќ, и според укажувањата на Оксфордскиот речник „тогаш значењето на терминот било јасно: ‘после сознавањето на вистината’, а не како што е сега – кога вистината сама по себе стана неважна.“

Тие додаваат дека новото, пошироко значење на префиксот „пост“  е дека истиот „не се однесува само на времето што следи по некоја ситуација или  настан, како во сложенката „post-war“ (поствоен), туку во терминот „поствистински“ добива значење ‘припаѓање на време во кое некој концепт станал неважен’.

Таа нијанса потекнува од втората половина на 20 век, од сложенките како што се „постнационален“ (post-national, 1945)  и „пост-расен“ (post-racial, 1971), наведува Оксфордски речник.

Инаку, минатата година за „збор“ на годината беше прогласен терминот емоџи (emoji) со значење - оној кој плаче од смеење.

Емоџи
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура