X
 16.06.2020 Наша тема

Математичко-информатичката гимназија само со два класа

Според пропозициите, минатата недела во два различни дена кандидатите полагаа квалификациони тестови по математика и по физика

Почнуваат уписите во средните училишта во земјава, а денеска првпат ќе се одржат и уписи во новоформираната Математичко-информатичка гимназија во Скопје. Каде ќе се одвива наставата, на кој начин, колку ученици ќе го понесат епитетот „прва генерација“, објаснува директорката Јулија Гајдаџиева.

- За оваа година се планирани две паралелки со по 34 ученици, една на македонски, другата на албански наставен јазик. Наставата привремено ќе почне во зградата на ГУЦ „Здравко Цветковски“ во Скопје - вели Гајдаџиева.


Јулија Гајдаџиева

Според пропозициите, минатата недела во два различни дена кандидатите полагаа квалификациони тестови по математика и по физика. Гајдаџиева вели дека ова бил и еден од условите за упис во гимназијата, покрај успехот на ученикот од 6. до 9. одделение.

- Оние ученици што не се јавиле или не го положиле приемниот испит по математика и по физика не можат да конкурираат и да се запишат во гимназијата. Бодирањето на резултатите го врши стручна комисија со членови определени од министерот за образование - вели таа.

Се формира наставниот кадар

Математичко-информатичката гимназија е нова институција, но нема да стартува како класично средно училиште, со многу паралелки и сл. Според Гајдаџиева, во моментот малку лица се ангажирани за реализација на активностите поврзани со подготовките за да може институцијата да почне со работа. Екипирањето на наставниот кадар и административно-техничкиот персонал е во тек. Гимназијата ќе работи според програмата која е посебно изготвена од Бирото за развој на образованието, според посебни наставни планови и програми.

- Наставата ќе ја спроведуваат реномирани професори од соодветната област. Застапени се сите општообразовни предмети, но акцентот ќе биде ставен на математиката и информатиката. Во модерниот свет кој постојано се менува неопходно е да се држи чекор со времето и постојано да се усвојуваат нови знаења. Квалитетното образование и напредок на нашите ученици е најголема и најдобра потврда за нашиот успех и главната цел на постоењето на оваа гимназија - вели Гајдаџиева.


Од минатонеделните квалификациони испити

Пред триесетина години во Скопје постоеше математичко-информатичка гимназија која имаше насочено образование – „Раде Јовчевски-Корчагин“, и важеше за едно од најдобрите средни училишта во Македонија. На прашањето какви се шансите да се спојат двете гимназии во надграден, современ модел на тоа што давало добри резултати пред три децении, Гајдаџиева вели:

- Посакувам Математичко-информатичката гимназија во иднина да биде репер за квалитетно образование како што е гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, каде што претходно работев како професор по физика. Во неа се образоваат најдобрите ученици, а во Математичко-информатичката гимназија да се образоваат најдобрите по математика и по информатика - вели таа.

Стипендии за одличните

Неколку години се чекаше формирањето на гимназијата и таа да почне со работа. Иако предлог-законот влезе во собраниска процедура во 2018 година, лани не почна со работа. Како ќе функционира воспитно-образовниот процес во новата институција е утврдено за Законот за Математичко-информатичка гимназија.

Според Законот, во новата институција се запишуваат редовни ученици кои завршиле основно образование и имале општ успех од најмалку 4,5 од шесто до деветто одделение, а оценка 5 по математика и по физика од 6. до 9. одделение. Секој ученик што сака да се запише во Математичко-информатичката гимназија полага приемен испит на кој му се проверуваат знаењата по математика и по физика.



За учениците во Математичко-информатичката гимназија што постигнале одличен успех на крајот од претходната учебна година Министерството за образование и наука ќе обезбеди месечна стипендија, по претходно објавен конкурс. Сите ученици што ќе го исполнат овој услов ќе добиваат стипендија до крајот на четврта година. Ако некој ученик го расипе успехот, стипендијата ќе му се укине по автоматизам.

Учениците во оваа гимназија, како и сите други, на крајот на четврта година полагаат училишна или државна матура.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема