X
 17.01.2023 Култура

Орвел: Масите не се ни свесни дека се експлоатирани додека не им се дозволи да стекнат стандард со кој ќе се споредуваат

Култната книга „1984“ од Џорџ Орвел е вистинска ризница на мисли за кои додека ги читаме, помислуваме како можел овој писател толку добро да го опише општеството во кое живееме. Во продолжение ви претставуваме неколку од нив.

- Чувствата не можат да ти ги променат; најпосле не можеш да ги промениш ни сам колку и да сакаш. Можат да изнесат на виделина, до најситни детали, cè што си направил, кажал и помислил; но само душата, чии постапки и на тебе самиот ти се најјасни, останува неосвоива.

- Лесно е да се прикаже фасада на политичка исправност, а притоа да се нема врска што значи исправност. Во извесна смисла, погледите на Партијата беше најлесно да им се наметнат на луѓето кои беа неспособни да ги сфатат. Беше возможно да ги натерате да ги прифатат најочигледните насилства над реалноста бидејќи никогаш не ја сфаќаа целата величина на она што се бара од нив, а за јавниот живот не беа доволно заинтересирани за да забележат што се случува. Затоа што не сфаќаа докрај, остануваа нормални. Тие едноставно голтаа cè, a тоа што ќе го проголтаа не им штетеше бидејќи не оставаше ништо зад себе, токму како што зрното од пченка поминуваа несварено низ грлото на некои птици.

- Од моментот кога се појави првата машина, на секој интелигентен човек му стана јасно дека ја снема потребата од човечкото макотрпно работење, па според тоа и за човечката нееднаквост. Ако машините осмислено се користат за таа цел, гладот, прекумерната работа, неписменоста и болестите би можеле да се ликвидираат за неколку генерации.

- Во светот во кој сите би имале пократко работно време, сите би биле сити, би живееле во куќи со бањи и фрижидери и би поседувале автомобили, па дури и авиони, најочигледниот и можеби најважен облик на нееднаквост веќе би исчезнал. Ако стане општо, богатството веќе не дава можност за издвојување. Нема сомнение дека може да се замисли општество во кое богатството, во смисла на приватна сопственост и раскош, би било рамномерно распоредено, додека моќта би останала во рацете на мали привилегирани касти. Но во практика, таквото општество не би останало стабилно долго време. Зашто ако сите еднакво уживаат во одмор и сигурност, огромните маси луѓе кои во нормални услови затапувале од сиромаштијата, би се образовале и би мислеле со сопствените глави; ако, пак, го направат тоа, порано или подоцна ќе сфатат дека привилегираните немаат никаква корисна функција и ќе ги отстранат. Во крајна линија, хиерархиското општество може да опстане само врз темелите на сиромаштијата и незнаењето.

- Целта на високите е да останат таму каде што се. Целта на средните е да го променат местото со високите. Целта на ниските, кога имаат цел - бидејќи постојана карактеристика им е тоа што се премногу притиснати од црнчење за да бидат почесто свесни за што било друго освен за својот секојдневен живот - е да се укинат сите разлики и да создадат општество во кое сите ќе бидат еднакви.

- Би било претерано да се каже дека низ целата историја немало никаков материјален напредок. Дури и денес, во периодот на опаѓање, просечниот човек е физички во подобра ситуација отколку пред неколку столетија. Но никаков напредок во богатството, никаква цивилизираност во однесувањето, никаква реформа и ниту една револуција не ја приближија еднаквоста до човештвото ниту за милиметар. Од гледна точка на ниските, ниту една историска промена никогаш не значела ништо друго освен промена на името на господарот.

- Во поранешните времиња, класните разлики биле не само неизбежни, туку и пожелни. Нееднаквоста претставувала цена за цивилизацијата. Меѓутоа, развојот на машинското производство ја променил ситуацијата. Иако и понатаму било потребно луѓето да извршуваат различни работи, веќе не било потребно да живеат на различни општествени или економски нивоа. Со тоа, според мислењето на новите групи што биле подготвени да ја приграбат власта, човечката еднаквост веќе не била идеалот за кој треба да се борат, туку опасност што требало да се спречи.

- Масите никогаш не се бунтуваат сами, ниту пак се бунтуваат само затоа што се експлоатирани. Додека не им се дозволи да стекнат некој стандард со кој ќе се споредуваат, тие дури и не се свесни дека се експлоатирани.

- Суштината на олигархиите не е наследувањето од татко на син, туку одржувањето одреден светоглед и одреден начин на живот, кој мртвите им го наметнуваат на живите. Владејачката група е владејачка дамо додека може сама да именува наследници. Целта на Партијата не е да ја овековечи својата крв, туку да се овековечи самата себе. Не е важно кој владее ако хиерархиската структура секогаш останува иста.

- Што мислат или што не мислат широките маси, воопшто не е важно. Може да им се даде интелектуална слобода бидејќи немаат интелект. Од друга страна, кај членовите на Партијата не може да се толерира ни најмало отстапување на мислењето за најневажната работа.

- Од членот на Партијата се бара да нема лични чувства ниту, пак, одмор од ентузијазмот. Тој треба да живее со постојана бесна омраза кон надворешните непријатели и кон внатрешните предавници, да ги слави победите и да се поклонува пред моќта и мудроста на Партијата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура