X
 15.01.2018 Наука

Трансформацијата на Чернобил во масивна соларна централа е речиси завршена

централа
Фото: Shutterstock

На местото каде што се случила нуклеарната катастрофа во Украина се привршува големата нова соларна централа што треба да обезбеди еден мегават обновлива енергија за локалната електрична мрежа.

Новата фабрика се наоѓа на стотина метри од „Обџект Шелтер“, запечатена метална купола дизајнирана да спречи понатамошно истекување на зрачењето од остатоците на нуклеарната централа во Чернобил.

Експлозијата што се случила на 26 април 1986 година останува како една од двете катастрофални нуклеарни несреќи во историјата, заедно со Фукушима, меѓутоа, инсталацијата на овие соларни панели нуди надеж дека оваа локација може да се искористи за нешто корисно, наместо да ѝ наштети на планетата.

„Оваа соларна електрана може да ги покрие потребите на село со средна големина“, изјави Евген Варјагин, шеф на соларната електрана Чернобил. Тоа е еквивалентно на 2.000 домови.

Почвата во областа останува силно контаминирана, а украинските власти изјавија дека ќе треба да поминат 24.000 години пред луѓето да можат безбедно да се вратат и да живеат таму, но новата фабрика покажува дека оваа огромна површина може да се стави во добра употреба.

Ова делумно е возможно благодарение на „Шелтер Обџект“ - инсталиран кон крајот на 2016 година за да го замени стариот бетонски штит што првично бил поставен, кој го намалил зрачењето во близина на фабриката на една десетина од претходното ниво.

Новата соларна централа опфаќа околу 16.000 квадратни метри и е опремена со 3.800 фотоволтаични панели за претворање на сончевата светлина во електрична енергија.

Сепак, сè уште постојат проблеми што ги предизвикува локацијата. Поради внимателност, сончевите панели се прицврстени на бетонските плочи наместо да бидат поставени на земјата бидејќи сè уште се забранети дупчењето и копањето.

„Солар Чернобил“ и неколку партнери неодамна ја завршија соларната централа од 4,2 мегавати во соседна Белорусија, која се наоѓа во озрачена зона.

Нуклеарната катастрофа во 1986 година се случила кога Чернобил бил дел од СССР, а била предизвикана од дефект на реакторот. Катастрофата довела до досега најголемо, неконтролирано радиоактивно ослободување во атмосферата. Во рок од 3 месеци, 31 лице загинале. Областа што била контаминирана опфаќала милиони луѓе.

По долга евакуација и процес на расчистување, регионот постепено станува корисен по 30 години. Да се надеваме дека денешниот Чернобил наскоро ќе биде познат по соларната енергија наместо по нуклеарната катастрофа.

„Малку по малку сакаме да ја оптимизираме зоната Чернобил. Повеќе нема да биде црна дупка во средината на Украина“, вели Варјагин.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука