X
 18.11.2020 Наша тема

Два антибиотика се даваат прекумерно, а се трупаат и домашните аптеки, алармира проф. Пановски

Денес е Светски ден на антимикробна резистенција, кога и се потенцира опасноста од непотребно пиење антибиотици. Тоа доведува до состојби на создавање смртоносни супербактерии на кои не дејствуваат лековите, а човечкиот организам е поподложен на разболување

Пандемијата на Ковид-19, но и стравот кај граѓаните драстично ја зголеми потрошувачката на „азитромицин“ (кај нас познат како „сумамед“) и „цефиксим“ (познат и како „панцеф“), антибиотици кои изминатиот период се препишуваат од матичните лекари и во многу случаи се користат во лекувањето на болните од коронавирусот, особено на оние што се лекуваат во домашни услови.
Само преку Фондот за здравствено осигурување во првите девет месеци се регистрирани илјадници рецепти за овие антибиотици, а поради енормниот раст на секојдневни позитивни случаи, се очекува Македонија оваа година да ја заврши со рекордна продажба на овие два антибиотика, особено ако на ова се додадат и лековите купени на приватно.

Ова го потврдува и микробиологот проф. д-р Никола Пановски, кој е и претседател на Комисијата за контрола на антимикробна резистентност (АМР) на Македонија, повикувајќи се на податоците кои за потребите на Комисијата ги има добиено од ФЗО, а се темелат на бројки од првите девет месеци од минатата и оваа година.

Напишани 70 илјади рецепти повеќе од лани

Проф. Пановски посочува дека за 57 отсто е зголемена потрошувачката во првите девет месеци од оваа година за разлика од истиот период минатата година на лекот „азитромицин“ таблети од 500 мг. Во првите 9 месеци од годинава се препишани 70 илјади рецепти за овој лек повеќе во споредба со 2019 година.
Минатата година, во првите девет месеци се препишани 65 илјади рецепти на „цефиксим“ од 400 мг, за разлика од истиот период оваа година кога биле препишани 75 илјади рецепти, што е 17 отсто повеќе од минатата година. Тоа се 10 илјади рецепти на „панцеф“ повеќе од лани.



Во првите девет месеци од 2019 година биле реализирани 120 илјади рецепти на товар на Фондот за здравствено осигурување, препишани од матичните лекари.
Истиот период оваа година биле реализирани 190 илјади рецепти на товар на ФЗО, препишани од матичните лекари.

Тоа значи дека 70 илјади рецепти повеќе биле реализирани оваа година за разлика од минатата. Под реализирани рецепти се подразбира дека граѓаните ги подигнале препишаните лекови од аптеките.
Потрошувачката на сите други антибиотици, според податоците со кои располага Пановски, е намалена. Тој смета дека тоа е така зашто почитувањето на препораките за заштита од Ковид-19 истовремено го запира и ширењето на бактериските инфекции, за кои е потребно лекување со одреден антибиотик.

Интересот за антибиотици ќе се зголеми до крајот на годината

Во овие бројки не спаѓаат оние лекови што се купени на приватен трошок на граѓаните.
Според Пановски, не само што ќе продолжи овој тренд, туку ќе биде и поголем зашто во месеците октомври и ноември годинава расте бројот на заболени.
- До крајот на септември имаше само 18 илјади позитивни на Ковид-19, од кои половината беа без или со лесни симптоми. Сега со 50 илјади случаи позитивни на Ковид-19 рецептите се удвоени. А тука не се лековите купени приватно. Тоа се најмалку уште 50 илјади пакувања „сумамед“. Значи 120 илјади пакувања за 10 илјади болни, а ниту тие не требало да ги добијат лековите, односно барем 95 отсто од нив. Инаку, поголем дел од овие лекови се сега во домашни резерви - посочува Пановски.


Проф. д-р Никола Пановски

Попразни и џебовите на граѓаните и државната каса

Според него, до крајот на годинава, економската штета од оваа непотребна, нестручна практика ќе изнесува помеѓу половина и еден милион евра, половина платени од ФЗО, половина од граѓаните што си ги купуваат лековиве од свој џеб.
- Нерационалната употреба (злоупотреба) на антибиотици доведува до создавање отпорни бактерии, а ја намалува ефикасноста на дадените антибиотици и на оние слични на нив. Со еден збор - го нарушува јавното здравје на една популација - посочува тој.

Штетата поголема од користа

Пановски потенцира дека кога ќе се даде антибиотик кај пациент со Ковид-19, особено ако се даде и „сумамед“ и „панцеф“ одеднаш, доаѓа до уништување и на бактериите што живеат во устата, во цревата.

- Тие се значаен дел од нашиот одбранбен систем. Тие нè штитат од лошите бактерии. По пиење  антибиотик со широк спектар следните два-три месеци пациентот е подложен на инфекции со лошите бактерии. Ако вака третиран пациент со антибиотици дома (најчесто без индиции за бактериска инфекција) поради влошена состојба се хоспитализира, особено на интензивна нега, кај него многу лесно и брзо ќе се населат болничките бактерии кои се отпорни на речиси сите познати антибиотици. Таков пациент има поголем ризик да добие бактериска пневмонија и сепса во споредба со оние што не примале антибиотик. За жал, нема национални протоколи, а некои лекари неразумно препишуваат антибиотици кај инфекција со Ковид-19, каде што немаат дејство. Не смеат да се даваат превентивно, туку само според лабораториски и клинички наод за бактериска инфекција - објаснува Пановски.

Искусните лекари советуваат пациентите да не се лекуваат по телефон и така да им се одредува терапија, туку, за да се одреди и препише терапија, да се следат низ прегледи и анализи. Дополнително, матичните лекари немаат протокол за лекување на заболени од коронавирус, а за тоа дали е потребен, сè уште дискутира стручната јавност.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема