Музиката игра важна улога во човечките емоции и култура. Но, дали нашата способност да уживаме во музика има биолошка основа? Генетско истражување спроведено врз близнаци покажува дека уживањето во музика е делумно наследно.
Меѓународен тим предводен од научници од Институтот „Макс Планк“ за психолингвистика во Најмеген, Холандија, и Институтот „Макс Планк“ за емпириска естетика во Франкфурт, Германија, открил генетски фактори што влијаат врз степенот на музичко уживање, а кои се делумно различни од гените што влијаат врз општото уживање во наградувачки искуства или музичката способност.
Музиката има важна улога во човечките емоции, социјалната поврзаност и културното изразување. Како што забележал Дарвин, музиката е еден од најмистериозните дарови. Сепак, зошто луѓето уживаат во музиката?
Одговорот на ова прашање има потенцијал да обезбеди увид во пошироки аспекти на човечкиот ум, на пример, како искуствата стануваат пријатни, велат истражувачите.
- Сакавме да разбереме дали генетските разлики меѓу луѓето можат да предизвикаат разлики во задоволството што луѓето го добиваат од музиката и што овие разлики можат да ни кажат за човечката музикалност генерално - велат истражувачите.
За да утврдат дали генетските фактори придонесуваат за музичко уживање, истражувачите ги споредиле сличностите помеѓу идентични и двојајчени близнаци.
Едноставно кажано, ако идентичните близнаци се послични отколку двојајчените близнаци, тогаш генетиката треба да има влијание. Во соработка со шведскиот институт „Каролинска“, биле користени податоци за повеќе од 9.000 близнаци, вклучувајќи самопријавена чувствителност на музичко уживање, како и способноста да се перципираат музички особини како фреквенција, мелодија и ритам.
Резултатите покажале дека способноста да се доживее музичко задоволство е делумно наследна. Истражувачите процениле дека 54 отсто од варијабилноста во шведскиот примерок се поврзани со разликите во ДНК меѓу индивидуите. Дополнително, посебни генетски патишта влијаеле врз различни аспекти на музичкото задоволство, како што се регулирањето на емоциите, танцувањето по некој ритам или изведувањето музика.
Овие наоди укажуваат на сложена слика во која делумно специфични разлики во ДНК придонесуваат за различни аспекти на музичкото уживање.
Идните истражувања кои ќе истражуваат кој дел од геномот најмногу придонесува за способноста на луѓето да уживаат во музиката имаат потенцијал да ја објаснат човечката способност која го збунувала Дарвин, а која продолжува да нѐ интригира и денес.
Извор:
Vice.com
Фото: Pexels