X
 19.11.2019 Технологија

Научници создадоа холограми кои можете да ги видите, слушнете и почувствувате

Холограмите веќе не се нешто невообичаено. Досега сме виделе холограми од човечки органи, слонови во циркус, па дури и од одамна починати музичари.

Но, сега истражувачите од Универзитетот во Сасекс, Велика Британија, најдоа начин да создадат иновативни холограми кои можете не само да ги гледате, туку и да ги слушате, па дури и да ги чувствувате, а сето тоа е изведено со користење стара технологија.

Истражувачите објавија труд за нивната направа во списанието „Нејчр“. Направата работи со употреба на ултразвучни бранови за да зароби и придвижи стиропорно зрно со ширина од 2 милиметри во воздух. Зрното ја исцртува формата на објектот во три димензии, додека ЛЕД-светилки светат кон него со црвена, зелена и сина светлина.

Поради тоа што зрното се движи многу брзо, човечкото око ја гледа само целосната форма - илузија која е слична на начинот на кој брзи серии на слики во мирување изгледаат како да има движење.



- Нашата нова технологија е инспирирана од старите телевизори кои користат еден светлосен сноп кој толку брзо го скенира екранот, што вашиот мозок го регистрира како една слика. Нашиот прототип го прави истото со користење обоена честичка која може да се движи толку брзо насекаде во 3Д-просторот, што голото око гледа волуменозна слика во воздух - вели истражувачот Рјуџи Хирајама.

Користењето на ултразвучните бранови овозможува направата да создава врева, како и физичка сензација.

- Дури и ако не е звучна, ултразвукот сепак е механички бран и пренесува енергија низ воздухот. Нашиот прототип ја насочува и фокусира оваа енергија, која потоа може да ги стимулира вашите уши за звук или да ја стимулира вашата кожа да почувствува содржина - вели истражувачот Диего Мартинез Пласенсиа.

Истражувачите предвидуваат идни верзии на направата со користење повеќе зрна за да се создадат уште подетални холограми. И можеби уште повозбудливо од самиот холограм е фактот дека за разлика од многу современи технологии, овој можеби многу полесно ќе стане продукт за потрошувачите бидејќи е создаден од евтини и комерцијално достапни компоненти.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија