X
 20.08.2018 Живот

Пет земји што никој не може да ги освои



Историски гледано, секое големо царство имало свој почеток и свој крај, кој настанувал по освојување од страна на друга сила.

Постојат држави кои имаат капацитет да создадат власт надвор од своите граници или на глобално ниво, како Америка, или на регионално, каков што е случајот со Иран, но постојат и такви што се неосвоиви, пишува „Бизнис инсајдер“.


Војник со фотоапарат
(Фото: Pixabay)


Кога станува збор за одбрана на територијата во рамките на државните граници, одредени земји едноставно се непобедливи и неосвоиви. Еве за кои земји се работи:

1.    Соединети Американски Држави


Секој што би помислил да ја нападне Америка, би се соочил не само со американската војска, туку и со 330 милиони Американци и огромно количество оружје. Во повеќето американски сојузни држави законите дозволуваат самите Американци да дизајнираат и да изработуваат свое оружје, кое немаат обврска да го регистрираат и да го пријават. Тоа значи дека секој Американец може да поседува свој приватен арсенал, па и да обучува своја приватна војска.

Дури и во случај напаѓачот да успее да ја преземе контролата над цивилното население, што е невозможно, и натаму би се соочил со најдобро истренираните и најдобро опремените војници во светот, регрутирани и обучувани во сурови и насилни услови. Потенцијалниот напаѓач на САД би морал да го „преживее“ и локалното население, кое во многу градови е обучено како да се организира во случај на војна. И како да го уништи непријателот.

При освојувањето на САД дополнителен отежнувачки факт е и големината на земјата, која се протега во четири временски зони и седум различни климатски подрачја.

Огромните згради и зданија што постојат во поголемите американски градови речиси се неосвоиви. Не треба да се заборават и локалните банди и екстремистички здруженија кои се концентрирани во тие градови, а кои би застанале на патот на освојувачот кој би имал претензии воено да ја освои Америка.

2.    Русија

Иако руската војска не е толку голема како некогаш, нејзината легендарна отпорност на каков било напад и натаму е стабилна, дури и на екстремно ниски зимски температури. Да се нападне и да се освои Русија практично е невозможна мисија, што неколку пати е докажано низ историјата. Кога во 1812 година Наполеон ја нападнал Русија, биле забележани многубројни жртви од двете страни, но освен живата сила на непријателската војска, Русите ги уништувале и своите градови, фарми и целата инфраструктура за да не паднат во рацете на непријателот.

Истата работа ја направиле и во Втората светска војна кога биле нападнати од нацистичката војска. Борбата на територијата на Русија многу брзо станала брутална, а на напаѓачите не им помогнал ни фактот дека се борат на територија со 11 временски зони. Освен тоа, Русите ги имаат и сите можни климатски услови на своето подрачје и луѓе кои во секој момент се подготвени да земат оружје в рака и да ја одбранат својата земја. Во таа одбрана сигурно би имале и помош од соседните земји, настанати по распадот на СССР.

Пустините на Казахстан и шумите на Кавказ, смрзнатите брегови на Црното и Каспиското Море, степата и тундрата во Средна Азија – сето тоа се подрачја на кои напаѓачот би морал да го даде својот максимум иако и тоа не е доволно за да успее.

3.    Авганистан

Иако не се чини така, победата во Авганистан не би била лесна. Секоја војска што досега се обидела да го освои Авганистан само помогнала да се докаже спротивното – дека Авганистан е неосвоив, со што се потврдува титулата што ја носи - „Гробишта на империите“. Тука се вбројуваат Америка, Русија и Велика Британија.

Она што Авганистан го прави неосвоив, пред сè, е теренот. Огромната пустина опкружена со некои од највисоките врвови на светот се покажала како најголем непријател на сите што претендирале да го освојат Авганистан. Високите врвови оневозможуваат пробив на тенкови и оклопни возила токму како и напредните коњички сили во минатото.

Денес во Авганистан, Америка држи дел од своите воени сили за да постигне логистичка предност. Најважна причина поради која никој досега не успеал да го покори Авганистан е фактот дека во тој случај би морал да го покори и целото население на земјата. Неколку етнички групи во случај на напад би се организирале во единствена војска посветена на единствената цел – одбрана на земјата. Триесет и четирите милиони Авганистанци досега никој не успеал да ги порази.

4.    Кина

А како тогаш некој освојувач би успеал да организира војска што би требало да се бори против милијарда луѓе? Најмногубројната земја на светот денес има 1,3 милијарда жители. Во случај на напад, една милијарда луѓе за многу кратко време би ги формирале своите одбранбени сили против агресорот.

Кина е огромна земја со различни климатски и географски карактеристики, па освојувачите би морале да бидат подготвени за борба и во непроодната пустина Гоби и во џунглите на Југоисточна Азија, како и во снежниот хималајски регион кој би ја оневозможувал воздушната поддршка на копнената војска на агресорот. Дури и кога тој би ја пробил одбраната на кинеската војска, го очекуваат разни тропски болести, како и болести кои се појавуваат во региони со огромна популација.

Освен тоа, Кинезите не се љубители на странска технологија, па затоа и треба да се претпостави дека на секој напад, модерната кинеска армија би одговорила со високо-технолошки капацитети за одбрана што ги развива 750-милионската работна сила во оваа земја.

5.    Индија

Можеби звучи изненадувачки, но Индија сама по себе е страшно место за кој било потенцијален агресор. На север и на исток се наоѓаат острите хималајски планински вериги, половина од северозападниот регион во Индија го чинат суви пустини, а на југозапад Индија е влажна и непријателски настроена кон евентуалниот напаѓач.

Главен дел од индиската воена стратегија се подморниците што имаат задача да го потопат секој непријателски брод што ќе им се најде на домет. Борбата на индиска територија воопшто не би била лесна. Висината на хималајските планини оневозможува каква било воздушна поддршка на копнените сили на агресорот.

А во случај на напад врз Индија треба да се смета на одговор од неколку страни. Индија негува пријателство со Пакистан и Кина, па лесно е да се заклучи дека во случај на напад, помош во одбраната на индиската територија би стигнала и од таа страна.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот