Сѐ започнува со група стари пријатели во Буенос Аирес кои играат карти во жешка летна ноќ. Одеднаш, прекин на електричната енергија. Додека темнината го голта градот, од небото паѓа мистериозен отровен снег.
Илјадници луѓе умираат по вдишувањето на загадениот воздух. Преживеаните мора да ја мобилизираат сета своја сила за да се борат со невидлив непријател.
Не помина ниту еден месец откако научнофантастичната аргентинска серија „Вечниот патник“ (шпански: „El Eternauta“, англиски: „The Eternaut“) се појави на „Нетфликс“, а кај публиката веќе предизвика вистинска еуфорија.
Серијата е базирана на култниот стрип од 50-тите години на Хектор Херман Оестерелд. Под слоганот „Никој не преживува сам“, новата адаптација поттикна значајни дебати во медиумите и пошироката јавност.
Но, уште поважно, серијата стана симбол на отпорот против политиките на штедење и даде нов живот на барањата за социјална правда.
Моќна телевизија за тешки времиња
Аргентина минува низ сериозни кризи. Стапката на сиромаштија нагло порасна, а инфлацијата достигна речиси 300 отсто во 2024 година.
Десничарската влада на претседателот Хавиер Милеј спроведе радикални мерки на штедење и приватизации, со што драстично го намали буџетот за култура. Националниот институт за филм и аудио-визуелна уметност, главен финансиер на аргентинската кинематографија, е речиси уништен.
Во такви услови се појавува „Вечниот патник“, целосно аргентинска продукција, со аргентинска екипа и актери, предводени од легендата на аргентинскиот филм Рикардо Дарин во улогата на Хуан Салво.
Серијата е режирана од влијателниот режисер Бруно Стањаро, познат по филмот „Пица, пиво и цигари (1998).
Поминаа речиси 30 години, а Стањаро повторно го менува жанрот. Научната фантастика не е повеќе холивудска приказна со суперхерој кој го спасува светот сам, туку аргентинска визија за колективен хероизам.
Серијата моментално е најгледана неанглиска продукција на „Нетфликс“ во 24 земји и веќе се подготвува и втора сезона.
Ода на аргентинскиот идентитет
„Вечниот патник“ вешто ја меша фикцијата со политичката алегорија. Во филмот главна тема се траумите од диктатурата од 70-тите, но и индиректно ја критикува актуелната влада. Во една од сцените, реклами, брендови и симболи на потрошувачко општество изгледаат апсурдно среде катастрофата што се одвива.
Најсилно од сè, серијата ја слави аргентинската душа преку мотиви на заедништво, отпор и инвентивност во време на криза, порака што длабоко одекна кај гледачите.
Како што вели Рикардо Дарин во едно интервју, серијата го истражува човечкото однесување во криза, дилема и катастрофа, но, пред сè, ги истакнува луѓето што го посветиле својот живот на заштита на другите.
Извор:
The Conversation
Фото: Screenshot/YouTube