X
 22.03.2022 Наша тема

Активисти од Охрид реставрираат стари „фапови“ за да собираат отпад и да гаснат пожари

Досега собравме 40 камиони отпад. Нема што немаше, телевизори, мебел, пластика, сѐ што на човек можело да му текне или му било при рака. Собиравме отпад од места каде што шетаат туристи, вели Горан Устијаноски, претседател на ЕКО ФАП од Охрид

„Некој некогаш создавал сам, со своја сила и глава, капитални дела, а нам, умните и современите денес ни треба стратешки партнер и за производство на спица од велосипед! Затоа сакавме барем да го исфарбаме! Мал гест на почит за дедо ми, за дедо ти, за татко ми, за татко ти. Затоа го направивме, сведок да е!“, напиша Горан Устијаноски, претседател на охридското здружение ЕКО ФАП, откако со својот тим го заврши реставрирањето на стариот автобус „санос“.


Горан Устијаноски (десно)

Тој заедно со неговите колеги, другари, активисти не дозволува некои стари возила исклучиво од марката ФАП, оставени на забот на времето, да паднат под канџите на пресата во отпадот, туку ги носи во гаража и им ја враќа душата и повторно ги оживува, овој пат за специјална намена.
Тимот на ЕКО ФАП пред извесно време го заврши автобусот кој ќе им служи за транспорт на волонтерите до дестинациите околу Охридското Езеро каде што ќе чистат кабаст отпад.



Токму од идејата да чистат диви депонии и да ја поправат грдата слика за еден од најубавите градови во регионот, се родила идејата да реставрираат и паралелно да развиваат и второ, односно поинакво одделение на здружението, доброволна противпожарна заштита.
Активистите од ЕКО ФАП пред неколку години почнале да ги чистат депониите околу езерото и во националниот парк Галичица и досега направиле 40 акции, односно 40 тури со камионот и собрале околу 450 м3 кабаст отпад.

- Здружението го формиравме со реставрирањето на првиот камион, синиот ФАП кој ни служи за собирање отпад. Целта ни беше да го чистиме Охрид со околината. Досега собравме 40 камиони отпад. Нема што немаше, телевизори, мебел, пластика, сѐ што на човек можело да му текне или му било при рака. Собиравме отпад од ударни места каде што шетаат туристи, а тоа е недозволиво за еден туристички град како Охрид - објасни Горан Устијаноски, претседател на ЕКО ФАП од Охрид.
По овој камион за собирање ѓубре, активистите ставиле во функција две стари противпожарни возила кои биле исфрлени од употреба, со цел да ја развијат и втората активност, односно одделение на здружението, доброволна противпожарна заштита.



- Покрај хуманитарниот карактер, целта ни е да помогнеме при гаснење на пожарите, односно овие возила да бидат на располагање секогаш кога, не дај боже, ќе има потреба. Целта ни е на она што ’рѓосува некаде и стои во нечија гаража или двор, да му дадеме душа и да го ставиме во возна состојба со мали вложувања. Ние имаме своја работилница, секој од нас се разбира по малку во механика, електрика, браварство и слободното време го трошиме работејќи на оспособување на возилата - рече Устијаноски, инаку капетан на Капетанијата во Охрид.
Во паузата меѓу две туристички сезони, активистите решиле да не го трошат времето напразно и на тој начин да си го „платат“ моралниот и душевен данок кон својот Охрид.

По првиот камион, синиот„ ФАП 1314“, здружението успеало да ги заврши и двата пожарникарски камиони од истиот модел, 1314. Акцијата ја финансираат активистите од свој џеб и од средства од нивни блиски пријатели кои имале успешен бизнис и сакале да помогнат.
Овие возила се произведени помеѓу 1975 и 1980 година и имаат недостатоци, но Горан вели дека нема нешто што не се прави во нивната гаража.



– Нормално дека има трошоци околу нив, една регистрација е 40.000 денари. Ако имало посериозни проблеми со менувач или мотор, ќе се потрошат околу 2.000 до 3.000 евра. Проблемот е што нема делови на секој чекор, некогаш нема во Македонија, па бараме од регионот. Но, барем работната рака е наша, па тука заштедуваме многу - вели Устијаноски.

Друштвото полека го оформува возниот парк. Досега направи две противпожарни возила, во подготовка за реставрација се уште две противпожарни, па со синиот ФАП за собирање отпад и со автобусот „санос“ ќе имаат шест комплетно реставрирани возила.



- Автобусот за малку ќе завршеше под преса на отпад. Решивме да му ја вратиме душата, да го обновиме за да го користат волонтерите кога одат на еколошки акции. Се работи за модел „санос“ од 1981 година кој ќе го користиме за да однесеме 15-ина луѓе на местат каде што ќе чистиме. Сакаме за Охрид да оставиме дополнителна можност. Новата технологија во непристапните терени, како на Галичица, нема да се покаже како ова возило, верувајте. Најновите возила може да затаат на тие терени, но за овој камион не постои препрека, тоа е толку чудно возило што ништо не му треба, освен нафта - истакна Устијаноски.

Здружението планира да направи изложба со сите возила за да им се заблагодари на сите што им дале поддршка во акцијата за реставрирање.








Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема