X
 22.05.2025 Наука

Јупитер порано бил двојно поголем и имал многу посилно магнетно поле

Разбирањето на раната еволуција на Јупитер помага да се расветли пошироката приказна за тоа како нашиот Сончев Систем ја развил својата посебна структура. Гравитацијата на Јупитер, честопати наречена „архитект“ на нашиот Сончев Систем, одиграла клучна улога во обликувањето на орбиталните патеки на другите планети и во обликувањето на дискот од гас и прашина од кој тие се формирале.

Во нова студија Константин Батигин, професор по планетарна наука на „Калтек“, и Фред Ц. Адамс, професор по физика и астрономија на Универзитетот во Мичиген, даваат детален поглед на првобитната состојба на Јупитер. Нивните пресметки откриваат дека приближно 3,8 милиони години по формирањето на првите цврсти тела во Сончевиот Систем Јупитер бил значително поголем и имал уште помоќно магнетно поле.

- Нашата крајна цел е да разбереме од каде доаѓаме, а утврдувањето на раните фази на формирање на планетите е од суштинско значење за решавање на загатката. Ова нè доближува до разбирањето како се формирал не само Јупитер, туку и целиот Сончев Систем - вели Батигин.


Батигин и Адамс пристапиле кон ова прашање проучувајќи ги малите месечини на Јупитер, Амалтеја и Теба, кои орбитираат уште поблиску до Јупитер. Бидејќи Амалтеја и Теба имаат малку наклонети орбити, Батигин и Адамс ги анализирале овие мали орбитални несовпаѓања за да ја пресметаат оригиналната големина на Јупитер: приближно двојно поголем од неговиот сегашен радиус, со предвиден волумен што е еквивалентен на над 2.000 Земји. Истражувачите, исто така, утврдиле дека магнетното поле на Јупитер во тоа време било приближно 50 пати посилно отколку што е денес.

- Зачудувачки е што дури и по 4,5 милијарди години остануваат доволно индиции за да ни дозволат да ја реконструираме физичката состојба на Јупитер во зората на неговото постоење - истакнал Адамс.

Тимот се фокусирал на орбиталната динамика на месечините на Јупитер и зачувувањето на аголниот моментум на планетата - количини што се директно мерливи. Нивната анализа воспоставува јасна слика од Јупитер во моментот кога околната сончева маглина испарила - клучна точка на транзиција кога градежните материјали за формирање на планетите исчезнале.

Ова сугерира дека Јупитер и другите џиновски планети околу други ѕвезди се формирале преку акреција на јадрото, процес со кој карпесто и ледено јадро брзо собира гас.

- Она што го воспоставивме овде е вреден репер. Точка од која можеме посигурно да ја реконструираме еволуцијата на нашиот Сончев Систем - заклучул Батигин.

Извор: phys.org

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука