X
 22.08.2018 Наша тема

Охридската гимназија - ризница за најдобри матуранти. Ана и Владимир се шампиони по математика, заедно учеле од градинка до средно

Горди се што се најдобри матуранти по математика, за жал, еден од најнеомилените предмети на матурантите

Од градинка, па сѐ до средно деновите ги поминувале во заедничка училница... Денеска ја делат и титулата број еден математичари на државната матура. Ана Воденичаровска и Владимир Бојаџи имаат најдобри резултати по математика на годинешното полагање на државната матура и се од исто училиште - охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ - ризница за најдобри матуранти.



Тие со огромна радост ја дочекале веста дека се едни од најдобрите математичари во земјава.
- Се разбира дека веста за мојот успех ме израдува, ме направи среќна и ме натера да се почувствувам исполнето - вели Ана за Факултети.мк.
- Иако знаев дека добро го решив тестот, информацијата дека сум најдобар на државната матура по математика ме израдува и ме направи среќен – додава Владимир.


Ана Воденичаровска

Како се станува број еден по математика?

Со Ана, покрај тоа што се соученици уште од градинка, се и добри пријатели и делат и добро и зло. Горди се што се најдобри матуранти по математика, за жал, еден од најнеомилените предмети на матурантите.
Ги прашуваме како се станува број еден во државава по математика?
- Зад секој успех стои напорна работа, па така и зад мојот стои многу работа и континуирано вежбање – вели Ана.
- Успехот се должи на љубовта кон математиката, континуираното вежбање и талентот – додава Владимир.
Ана последната година од средното образование ја поминала во повторување на материјалот од претходните три и паралелно го учела новиот материјал од четврта година. Најинтензивно учела во последниот еден месец пред полагањето. Владимир, пак, вели дека активно се подготвувал последните неколку месеци.

Математиката, за жал, не им е омилен предмет на учениците. Сѐ помал број матуранти избираат да го полагаат овој предмет.
- Не би можела да дефинирам зошто ја сакам математиката. Едноставно математиката била и е мој омилен предмет. Кога добро владеете со одредена проблематика, лесно може да направите избор за понатаму и да бидете успешни во тоа – вели Ана.
Владимир додава дека е заинтересиран за математика уште од основно образование.
- Решавањето математички проблеми отсекогаш ми било интересно и никогаш не ми претставувало проблем, туку задоволство.


Владимир Бојаџи

Ана продолжува на ФИНКИ, а Владимир на ФЕИТ

Учениците од охридската гимназија секогаш имаат добри резултати на матурата. Секојпат има по неколку ученици што се меѓу најдобрите според финалните резултати. На што се должи ова?
- Охридската гимназија отсекогаш важела за училиште со одличен кадар и веројатно нивниот ангажман резултира со соодветен успех на учениците, кои само го потврдуваат нејзиниот рејтинг – согласна е Ана.
Владимир потврдува дека тајната е во квалитетот и посветеноста на професорскиот кадар.


Владимир со соучениците

Ана своето образование ќе го продолжи на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

- Моите планови се врзани со математиката и информатиката, па затоа иднината ја гледам на ФИНКИ.
Владимир, пак, ќе се запише на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).
- Сакам да се запишам на ФЕИТ поради неговата перспективност и мојот афинитет кон таа наука. Доброто владеење на математиката ми го олесни завршувањето на средното образование и се надевам дека ќе ми помогне во завршувањето на ФЕИТ, а и понатаму во професионалната кариера – вели овој млад успешен математичар.

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема