X
 22.08.2018 Наука

Што се случува со вашиот мозок ако секој ден се жалите?

Мислата ја менува структурата... Имам видено како луѓето го менуваат мозокот со мислите за да ја излекуваат претходно неизлечливата опсесија или траума, вели Норма Доидџ, психијатар и автор на книгата „Мозокот што се менува самиот“.

Човечкиот мозок е неверојатно флексибилен. Може да се обликува како пластелин, само со малку повеќе време и труд.

Благодарение на брзиот развој во областа на сликањето на мозокот и невронауката во последните 20 години, може со сигурност да се потврди дека мозокот е способен за реинженеринг - и дека ние самите сме инженери.

За многу луѓе невропластичноста - општ термин што ги опишува трајните промени на мозокот во текот на животот на човекот - е одлична работа.

Еве неколку причини зошто е така:

- Можеме да ја зголемиме нашата интелигенција.
- Можеме да научиме нови вештини што можат да ни го променат животот.
- Можеме да закрепнеме од одредени видови оштетувања на мозокот.
- Можеме да ја зголемиме емоционалната интелигенција.
- Можеме да се одвикнеме од штетното однесување, уверување и штетните навики.

Благодарение на нашата способност да се одвикнеме од штетното однесување, уверувања и навики, секогаш можеме да се вратиме на правилната патека.

Уверувањата го менуваат мозокот

Доналд Хеб, пионер во невропластичноста и невропсихологијата, вели дека невроните што заедно функционираат се поврзуваат меѓу себе.

Д-р Мајкл Мерзениќ, кој денес се смета за најпознат светски невронаучник, ја надградил работата на Хеб, докажувајќи го односот помеѓу мислите и структуралните промени во мозокот.

Нашите искуства, однесување, размислување, навики и начин на кој реагираме не се издвојуваат од тоа како се обликува нашиот мозок.

Негативните навики го менуваат нашиот мозок на полошо, додека позитивните го менуваат нашиот мозок на подобро.

Жалењето и промените на мозокот

Како негативното однесување, на пр., постојаното жалење, ја менува структурата на мозокот?

Сите знаеме некој што постојано е негативен. Личност што се чини дека никогаш не е задоволна. Негативните луѓе речиси секогаш се жалат за нешто. Уште полошо, луѓето што постојано се жалат не се задоволуваат со тоа да ги задржат своите мисли и чувства за себе, туку бараат некој што ќе ги ислуша. Така, тие ги нервираат своите пријатели и своето семејство, но не треба да се обвинуваат, туку да се сфатат.

Одвреме-навреме сите се жалиме од нешто. Всушност, истражувачите од Универзитетот „Клемсон“ емпириски докажале дека сите се жалиме понекогаш. Само некои тоа го прават почесто од другите. Некои луѓе се жалат за на тој начин да привлечат внимание и секогаш размислуваат дека ним им е потешко отколку на другите луѓе.

Некои се хронично незадоволни. Ако не зборуваат за своите тешкотии, тогаш веројатно размислуваат за нив.

Ова компулсивно однесување психолозите го нарекуваат руминација, што се дефинира како репетитивно размислување за проблемот без крај. Руминацијата, за жал, е директно поврзана со депресивниот и анксиозниот мозок.

Луѓето што постојано се жалат имаат понизок емоционален коефициент на интелигенција, неопходен за разбирање на емоциите. Нив не ги интересира вашето гледиште, размислување или чувства. Тие секогаш ја користат секоја можност за да ви се пожалат.

Дали е мозокот виновен? Главно, одговорот е потврден. Но, повеќето негативни луѓе не сакаат вака да се чувствуваат. Кој би сакал?

Штетното однесување, како што е жалењето, ако му дозволиме постојано да се одвива во мозокот, неминовно ќе ги промени мисловните процеси. Менувањето на мислите води до менување на уверувањата, што води до промена на однесувањето. Нашиот мозок повеќе се фокусира на негативните околности отколку на позитивните.

Повторувањето е мајка на знаењето

Кога го повторуваме фокусот на негативното, постојано жалејќи се, ние користиме неврони одговорни за негативна тенденција. Така создаваме негативно однесување преку повторувањето. Не е возможно постојано да се биде среќен и позитивен, ниту треба да се обидете. Но, потребно е да преземеме конкретни чекори за да се бориме против негативното размислување. Истражувањата покажуваат дека медитацијата е еден од начините.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука