X
 23.07.2025 Наша тема

Со завршено средно верско училиште ќе може да се студира и на други факултети: Верските училишта се интегрираат во јавниот образовен систем во државата

Државата носи закон за установи за средно образование на верските заедници, нецели три месеци откако Уставниот суд поради кршењето на принципот на секуларност ја укина одлуката на претходната Влада предводена од Талат Џафери на средното верското училиште „Иса Беу“ да му даде статус на приватното училиште-гимназија.

Со предлог-законот кој на 15 јуни 2025 година беше изгласан на седница на актуелната Влада, верските училишта во државата добиваат правен статус на средни училишта, чија диплома по положената матура ќе биде призната и ќе може да се запишат на факултетите низ државата. Предлог-законот влезе во собраниска процедура.
Со ова, по долги години постоење се признава правниот статус како установи за вршење средно образование на Македонска православна богословија „Свети Климент Охридски“ и Средното исламско училиште „Иса Беу“, двете од Скопје. Богословијата ќе образова ученици од областа на православната, а медресата од исламската религија и теологија.

По долги години постоење, првпат ќе се признаат дипломите од верските училишта

Познавачите на состојбите во верските кругови велат дека со ова се надминува долгогодишната неправда која им била нанесена на ученици од Православното богословско училиште и Средното исламско училиште, на кои не им се признаваа дипломите и не можеа да го продолжат школувањето на универзитетите во државата.

- Овој закон им дава можност на учениците да полагаат државна матура, а со тоа имаат можност за упис на други факултети освен Богословскиот. Богословијата останува средно стручно училиште, што значи дека произведува кадар за потребите на Црквата. Досега учениците не можеа да се запишат на други факултети поради неможноста за полагање на државната матура - велат од Управата на богословијата.

Додаваат дека интересот за упис е опаднат, но посочуваат дека многу училишта во државата се соочуваат со намален број на ученици. Додека на учениците кои излегуваа од богословското училиште не им се признаваа дипломите во државата, сепак тие успеваа да се запишат на богословски факултети во странство.

- Треба да се нагласи дека имавме завршени ученици кои се запишаа на православни богословски факултети во други држави: Грција, Србија, Романија, Русија, Албанија, Бугарија, Украина - додаваат од Управата на богословијата.



За едни, надмината е неправдата, а за други - прекршена е секуларноста

И покрај нашите обиди да оствариме контакт со директорот на медресата „Иса Беу“, Ислам Ислами, со цел да каже какво влијание ќе има ваквиот закон врз училиштето и учениците, тој не одговори на нашите прашања.
На фејсбук-страницата на училиштето тој објави дека ова е историски и исклучително значаен развој за медресата „Иса Беу“, која ќе биде призната и прифатена од сите високообразовни институции во земјата и странство. Тој изрази надеж дека наскоро Законот ќе биде усвоен од Собранието.

Од Исламската верска заедница соопштија дека конечно се решава прашањето за медресата „Иса Беу“ кое се провлекува уште од нејзиното основање во 1984 година.

- Со оваа одлука медресата ќе функционира во согласност со уставните стандарди и Законот за средно образование. Медресата со своите дисперзирани паралелки сега уште посилно ќе ја продолжи својата мисија за едукација на новите генерации во исламски дух. Ова е и признание за напорната работа на исламското население, кое ја одржа оваа медресата жива сите овие години - соопштија од Исламската верска заедница.

По одлуката на актуелната Влада да го прифати предлог-законот, имаше доста коментари, особено од партии од опозицијата, дека интеграцијата на верските училишта во јавниот образовен систем е спротивна на Уставот, кој јасно ја гарантира секуларноста на државата и ја одвојува верата од образованието како дејност од јавен интерес. Исто така, членот 7 од Законот за средно образование забранува верско организирање, дејствување и истакнување на верски обележја во училиштата.



Освен верските предмети, другите се изедначуваат со гимназиските

Во членот 11 од предлог-законот пишува дека учениците кои положиле државна матура имаат право да го продолжат своето образование на високообразовните установи во Република Северна Македонија согласно условите утврдени со закон и конкурсите на самите установи. Тоа значи дека ученици со верско средно училиште ќе можат да се запишуваат и на факултети кои проучуваат други научни области.
Но, никаде не пишува дека ова ќе важи ретроградно и дали ќе се признат дипломите на поранешните ученици што учеле по претходните наставни планови и програми.

Според предлог-законот, богословското и исламското училиште ќе ја остваруваат воспитно-образовната работа согласно наставниот план кој ќе се усвојува на предлог на училиштето, но со добиено позитивно мислење од Бирото за развој на образованието.

За општообразовните предмети, ќе се користат наставните програми за гимназиско образование утврдени од Министерството за образование. Наставните програми за предмети од областа на православната и исламската теологија, историја на религиите, верска етика и други сродни дисциплини, на предлог на соодветното училиште, ќе се усвојуваат со акт на основачот. Но, пред нивното усвојување, програмите се доставуваат до Бирото за развој на образованието за информација и увид, особено во однос на нивната концепциска поставеност и усогласеност со целите на образовниот систем.


Фото: фејсбук
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема