X
 24.03.2022 Наша тема

Стефани Јовческа од Скопје е примена на „Стенфорд“

Стефани Јовческа од Скопје е четврта година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, на Катедрата за германски јазик и книжевност, со просечен успех од 9,7.

Младата, 21-годишната Стефани своето образование ќе го продолжи на вториот најпрестижен универзитет во светот - „Стенфорд“ во Соединетите Американски Држави. Нејзиниот самостоен и несебично вложен труд во текот на студирањето ѝ овозможи да влезе во 4 отсто што се примени на овој универзитет, на кој ги запиша магистерските студии на насоката Анализа на образовната политика. Во интервјуто за Факултети.мк ни раскажува за тоа.

Од каде потекна идејата за студирање во странство?

- Како генерација поминавме низ многу образовни промени. Почнувајќи од основно, каде што првпат се сретнавме со екстерното тестирање, во прва година средно со бојкот, штрајкови, протести, сѐ до моменталната ситуација на онлајн предавања. Самиот тек на процесот на моето образование ме натера да размислувам за тоа како општествените околности влијаат врз него и најверојатно оттаму ми се роди идејата да аплицирам на насоката Анализа на образовната политика. Филолошкиот факултет во најголема мера ги подготвува студентите да останат во образовниот процес, па земајќи ја основата оттаму, се одлучив за овој пат.

Со оглед на тоа дека не секој студент може да биде примен на овој престижен универзитет, како успеавте да влезете во кругот на одбраните студенти?

- Годинава ја прогласија како најкомпетитивна година во историјата на „Стенфорд“. Сè уште не ми е јасно како успеав да влезам. Вложив голема аналитична работа во подготовката на трудот, а и желбата да се успее, односно посветеноста е пресудна за влез на универзитет со 4 отсто стапка на прифаќање. Затоа, пред сè, сум благодарна, а потоа следуваат чувствата на среќа, радост, возбуда, малку позитивен притисок итн. Многу луѓе зборуваат за тоа како вонфакултетските, односно воншколските активности се најважни при приемот на факултети од највисок ранг. Сметам дека се важни, но не и одлучувачки. Интервјуто, приложениот труд, во мојов случај, и препораките од професорите се тие што те издвојуваат од другите кандидати.



Како најважна улога при аплицирањето ги нагласивте трудот и вонфакултетските активности. Која беше Вашата тема и во какви активности бевте вклучени?

Еден од условите е да се испрати труд, објавен или необјавен, на тема поврзана со студиите. Темата за трудот некако сама ми се наметна. Во неа направив анализа на образовните системи во кои им се налагаат одредени стратегии за учење на студенти. Поточно, главната хипотеза беше прашањето како студентот му пристапува на наставниот материјал во зависност од политиката на образованието. Притоа, направив неколку генерални споредби со Европа, Америка и Азија и при самото истражување сфатив дека би го правела ова и цел живот. Истовремено, кога ќе се заинтересираш за една област, сите дополнителни материјали, колумни, трудови на кои наидуваш додека пребаруваш некако доаѓаат во прилог, па пишувањето на скицата ми претставуваше нула напор.
Од активности надвор од факултетот би го издвоила УНЕСКО-форумот во Кина во 2019 година, што беше навистина незаменливо искуство и од академска и од лична гледна точка.

При аплицирање за додипломски или последипломски студии во странство младите најчесто се определуваат за неколку факултети. Зошто се одлучивте токму за „Стенфорд“?


Настапив доста амбициозно бидејќи за моето понатамошно школување не аплицирав на ниту еден друг универзитет освен на „Стенфорд“. Апликацијата за интернационални студенти е навистина долг процес бидејќи станува збор за генерални услови, т.е. прашања на кои треба да одговориш на неклише начин, со што би се издвоил од толпата апликанти. Конкретно за мојата насока беше потребно да испратам труд, кој го пишував минатото лето, односно процедурата ја започнав уште во петтиот семестар од студиите. Мислам дека и желбата за нешто „повеќе“ произлезе токму од споредбената анализа во трудот. Многу ми е интересен самиот концепт на споредба. Може да е многу токсичен доколку човек се загуби во процесот на неценење и прекумерна критика кон себе, но исто така споредбата е многу иницирачки истрел кон амбициозноста. Најверојатно и на овој начин се одлучив за „Стенфорд“.

Од каде произлезе интересот за студирање на германскиот јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје?

Германскиот јазик почнав да го учам на курс од петто одделение, па ми се допадна логичноста на јазикот, зборообразувањето, што уште од мала паметам ми беше многу интересна област. Па така, сложенките и зборови со по 20 букви беа причината да се запишам на германски јазик и книжевност. Поради пандемијава, студиите само една и пол година се одвиваа со физички предавања. Во преостанатиот период професорите навистина се вложија да не ја почувствуваме разликата, но сепак сметам дека поднесовме еден дел од „изгубени“ студентски можности. Затоа, среќна сум што магистерските ќе ги започнам со физичко присуство. Со магистерските студии малку ќе се одделам од лингвистиката, но суштината е таа.



Во денешно време младите што студираат во странство најчесто остануваат таму. Какви се Вашите планови по завршувањето на студиите во САД?

Кога зборувам за иднината, јас се гледам во Скопје. Оваа моја визија не е само од емоционална природа, туку малку и од чувството на должност кон Скопје, градот во кој се изградив како личност. Сето тоа што го постигнав во моментов е благодарение на мојот труд, како и на целосната поддршка од моите професори, па затоа сметам дека е многу фер и логично да се трудам да „отплатам“ враќајќи се дома. Сепак, и покрај тоа што во моментот си имам зацртано некоја академска цел, не значи дека по секоја цена ќе се оствари. Ќе се потрудам да дадам сѐ од себе за таа цел, но би сакала да остане исполнет и мојот социјален живот, кој е голем дел од мојот карактер. Стекнатото искуство со моите 21 година, сепак, е премало, а желбите се преголеми, па не можам да кажам дека следам некаков конкретен план во животот, туку повеќе ги следам можностите.


Фото: приватна архива
Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема