X
 24.06.2018 Технологија

Вештачката интелигенција од „Фејсбук“ може да го поправи вашето неуспешно селфи

Додека повеќето корисници на „Фејсбук“ при правењето селфи настојуваат да ги отстранат акните, брчките или други недостатоци, „Фејсбук“ оди чекор понатаму. Најновата примена на вештачка интелигенција на корисниците ќе им овозможи да ги отворат очите на фотографијата, макар и во текот на фотографирањето случајно да ги затвориле.

За оваа демонстрација на дигитална магија, одговорна е напредната техника на машинското учење и е наречена „generative adversarial network“ (GAN). Тимот за развој на „Фејсбук“ ја научил вештачката интелигенција да ги следи сликите на кои сте трепнале, да ја спореди со вашата фотографија каде не трепнувате и потоа, на неуспешната селфи фотографија да ви ги „отвори очите“.

На проектот работат програмерите Брајан Долански и Кристијан Кантон Ферер кои во понеделникот објавиле научен труд во кој детално го опишуваат целиот технолошки процес. Доколку сѐ помине како што треба, „Фејсбук“ ќе може да го додаде „GAN“ како функција за своите апликации, иако овој план не се споменува во ниту еден дел од научниот труд.

2
Фото: Facebook


Како функционира?


Долански и Ферер ја научиле вештачката интелигенција да препознава детали како бојата на зеницата, тонот на кожата, контурите на очите и осветлувањето. Откако „поправиле“ неколку фотографии, тие од корисниците побарале да ја препознаат фотомонтажата. Резултатите биле изненадувачки: 54 отсто од испитаниците не можеле да ја разликуваат вистинската фотографија од монтираната.

Авторите на софтверот тврдат дека моментално е доста тешко да се репродуцираат „лажните очи“ ако личноста на фотографијата носи очила, но тоа планираат да го поправат во идните верзии. Друг проблем настанува кога личноста ги гледа сопствените слики - во тој случај постои поголема шанса да ја препознае грешката.

Како и да е, се чини дека во блиска иднина, сите катастрофални семејни фотографии ќе можеме да ги поправиме благодарение на магијата на вештачката интелигенција на „Фејсбук“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија