X
 25.02.2026 Технологија

Помош или мамење? Оваа ВИ-алатка може да го заврши факултетот наместо студентот

Замислете вашиот компјутер да ви ја пишува домашната задача и да ги извршува сите други училишни или академски обврски наместо вас. Нова ВИ-алатка, која станува сè попопуларна во САД, може да го направи тоа без никаква интервенција од ученикот или студентот.

Американскиот стартап „Компанион“ го претстави „Ајнштајн“, ВИ-алатка што може целосно да ги извршува задачите на студентите. За разлика од вообичаените чет-ботови, „Ајнштајн“ се најавува директно на студентскиот профил на „Канвас“ и автоматски ги извршува обврските, носејќи ново ниво на автоматизација во образованието.

„Канвас“ е систем за управување со учење во средни училишта, колеџи и универзитети, кој најмногу се користи во САД, каде што е еден од водечките системи. Има значајна примена и во Канада, Австралија и делови од Европа. Станува збор за веб-платформа на која наставниците објавуваат материјали за курсеви, задачи, квизови, форуми за дискусија и оценки, а студентите ги предаваат своите работи и го следат сопствениот напредок.

- Студентите веќе користат ВИ. Ние само им даваме подобра верзија на тоа - изјави Адваит Паливал, извршен директор на „Компанион“.

Како функционира „Ајнштајн“?


Откако ќе се поврзе, „Ајнштајн“ работи преку виртуелен компјутер. Може да отвора веб-прелистувачи, да навигира низ страниците на предметот, да гледа предавања, да чита ПДФ-документи, да пишува есеи, да решава квизови и да објавува коментари на форуми. Исто така, ги следи роковите и самостојно ги предава задачите, без постојана интервенција од корисникот.

Ги прегледува материјалите од предметот, ги идентификува задачите, ги сумира предавањата и создава оригинални есеи со правилни цитати. Коментарите на форумите се контекстуално приспособени, а известувањата и роковите континуирано се следат. Со други зборови, студент би можел да се запише на онлајн предмет и да му дозволи на „Ајнштајн“ да ги изврши повеќето, па дури и сите потребни обврски.

- Не станува збор за едноставни чет-ботови. Секој има пристап до цел виртуелен компјутер со траен систем на датотеки и пристап до интернет, така што навистина може да работи наместо вас. „Чет-ГПТ“ во споредба со тоа изгледа како играчка - вели Паливал.

Дали ќе има последици?


„Ајнштајн“ се појавува во време кога образовните институции сè уште ги приспособуваат правилата за користење на вештачката интелигенција. Традиционалните политики прават разлика меѓу ВИ како помош и ВИ како замена, но „Ајнштајн“ ја замаглува таа граница функционирајќи како целосна дигитална замена за студентот.

- Мислам дека начинот на предавање преку „Канвас“ веќе има склоност кон мамење. Оваа промена може да биде добра затоа што ќе ги принуди наставниците да ги редизајнираат предметите така што тие нема да се потпираат исклучиво на виртуелни задачи - вели Николас Димаџио, докторанд на Универзитетот во Чикаго.

Тој додаде дека ова може да поттикне повеќе работа во живо, усни испити или проектни активности. Сега училиштата треба да одлучат дали ќе ги забранат алатките како „Ајнштајн“, строго ќе ги регулираат или целосно ќе ги преиспитаат методите на оценување во време на бум на вештачката интелигенција.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија