X
 08.07.2020 Технологија

Јапонското технолошко чудо руши рекорди, а вози дури и кога има земјотрес

Најновиот јапонски воз не само што вози брзо туку и може безбедно да пренесува патници во случај на земјотрес.


Возот наречен „Н700С“  бил пуштен во употреба на 1 јули и служи за линијата Токаидо Шинкансен, која ја поврзува станицата во Токио со станицата Шин Осака во Осака.

Возот може да развие брзина од 360 километри на час, нов рекорд поставен за време на тест-возењето во 2019 година, со што е еден од најбрзите возови во светот. Но, работната брзина е 285 километри на час.

Ова е првиот воз од ваков вид додаден на линијата Токаидо Шинкасен од Централната железница на Јапонија во период од 13 години. Лансирањето оригинално било темпирано да се совпадне со Олимпијадата во Токио во 2020 година, која сега е одложена за 2021 година.

На прв поглед „Н700С“ не се разликува од постарите модели „Н700“ и „Н700A“, освен по неговото елегантно златно лого. Но, ако погледнете одблиску, ќе забележите дека новиот воз има поаголен нос, подебели „образи“ и поелегантен дизајн на светлата.

Новодизајнираните седишта им овозможуваат на патниците поголема удобност, особено за патниците што се возат подолго време. Секое седиште има индивидуален штекер за струја. Внатрешното осветлување е дизајнирано да создаде помека и порелаксирачка атмосфера, додека горните полици за багаж се осветлуваат на секоја станица за да ги потсетат патниците за нивните работи. Исто така, може да се резервира место плус за дополнителен багаж.

Возењето ќе биде многу потивко благодарение на новиот активен систем на суспензија што помага при амортизацијата на движењата на возот. Покрај зголемената удобност, дизајнерите ставија поголем акцент на безбедноста. Возот има надграден систем за автоматска контрола и сопирање, што му овозможува побрзо запирање во итни случаи.

Исто така, возот е опремен со литум-јонски самопогонски систем на батерии - прв од ваков вид во светот. Овој систем му овозможува на возот да продолжи да работи, на кратко растојание, доколку дојде до прекин на електричната енергија, така што ќе се движи до побезбедна локација со помала брзина доколку е заглавен во област со висок ризик за време на земјотрес, на пример, мост или тунел.

Инсталирани се повеќе камери во вагоните, а ажурираните компоненти заземаат помалку простор затоа што се наоѓаат под подот на возот. Со тоа ќе се обезбеди пофлексибилна конфигурација, од 4 на 16 вагони. Исто така, ова ја намалува потрошувачката на енергија при забрзување на времето на производство, што го прави попривлечна опција за меѓународните оператори.

Извор: Editioncnn.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија