X
 26.02.2020 Наука

Научници открија животно на кое не му треба кислород за да преживее

Некои вистини за универзумот и нашето искуство во него изгледаат непроменливи. Небото е горе. Гравитацијата влече. Ништо не може да патува побрзо од светлината. На повеќеклеточниот организам му е потребен кислород за да живее. Сепак, може да подразмислиме за ова последното.

Научниците открија дека паразит сличен на медуза нема митохондриски геном - првиот повеќеклеточен организам кај кој се знае дека постои вакво отсуство. Тоа значи дека не дише. Всушност, живее целосно независен од кислород.

Ова откритие не само што го менува нашето разбирање за тоа како функционира животот на Земјата, туку може да има импликации и во потрагата по вонземен живот.

Организмите почнале да ја развиваат способноста да го метаболизираат кислородот, односно да дишат - некаде пред повеќе од 1,45 милијарда години. Поголема археа голтнала помала бактерија и некако новиот дом на бактеријата бил корисен за двете страни и тие двете останале заедно.

Таа симбиотска врска резултирала со тоа што двата организма еволуирале заедно и на крајот бактеријата сместена внатре станала органела наречена митохондрија. Секоја клетка во вашето тело, освен црвените крвни зрнца, има голем број митохондрии и тие се клучни за респираторниот процес.

Тие го разбиваат кислородот за да создадат молекул наречен аденозин трифосфат, кој повеќеклеточните организми го користат за „напојување“ на клеточните процеси.

Знаеме дека има адаптации што им овозможуваат на некои организми да „цветаат“ во услови со малку кислород. Некои едноклеточни организми еволуирале во органели поврзани со митохондрија за анаеробичен метаболизам, но можноста за целосно анаеробични повеќеклеточни организми беше предмет на научни дебати.

Фото: Science Alert

Сѐ додека истражувачи предводени од Дајана Јахаломи од Универзитетот во Тел Авив во Израел не решиле подобро да го разгледаат паразитот во лосос наречен Henneguya salminicola.

Тој е жаркач и припаѓа на истиот тип како и коралите, медузите и анемоните. Иако цистите што ги создава во месото на рибата се грди, паразитот не е штетен и може да живее во лососот целиот свој живот. Сместен во домаќинот, малиот жаркач може да преживее прилично хипоксични услови. Но, како точно го прави тоа, тешко е да се дознае без да се погледне во ДНК на суштеството, па истражувачите решиле да го направат токму тоа.

Тие употребиле длабоко секвенцирање и флуоресцентна микроскопија за да го проучат паразитот и откриле дека тој го изгубил митохондрискиот геном. Дополнително, тој го изгубил и капацитетот за аеробична респирација и речиси сите гени лоцирани во клеточното јадро на еукариотите, кои се вклучени во транскрибирање и реплицирање на митохондријата.

Како и едноклеточните организми, така и овој паразит еволуирал во органели поврзани со митохондрија, но и тие се необични - тие имаат набори во внатрешната мембрана кои обично не можат да се видат.

Резултатите од испитувањата покажале дека имаме повеќеклеточен организам на кој не му е потребен кислород за да преживее. Како точно преживува, сѐ уште е мистерија. Можно е да „цица“ аденозин трифосфат од домаќинот, но тоа сѐ уште треба да се утврди.

- Нашето откритие потврдува дека адаптацијата на анаеробичната околина не е својствена само за едноклеточните еукариоти, туку еволуирала и кај повеќеклеточните паразити. Така, H. salminicola дава можност за разбирање на еволутивната транзиција од аеробичен во ексклузивно анаеробичен метаболизам - истакнуваат истражувачите во нивниот труд.

Истражувањето е објавено во PNAS.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука