X
 26.08.2018 Образование

Зошто не треба да носите телефон на предавањата?

На предавањата на факултет многу професори немаат толеранција за технологијата. Барем на збор. Но, студентите често не ги почитуваат тие правила. Една нова студија посочува на уште една причина зошто не треба да го проверувате телефонот на час: не му штетите само на вашето учење, туку и на она на вашите колеги.

Еден семестар две групи што оделе на исто предавање кај ист професор на Универзитетот „Рутгерс“ учествувале во еден експеримент. Во едната група технологијата била строго забранета, додека во втората студентите можеле да користат телефони, таблети и лаптопи кога сакале - само требало да пополнат анкета подоцна посочувајќи дали ја користеле технологијата за академски или за други цели. За да го следат учењето на материјалот, истражувачите ги мереле перформансите на студентите на оценувањата вршени на предавањата и на испитите.

Тие утврдиле дека иако користењето технологија во текот на предавањата влијаело врз достигнувањата, тоа не се случило веднаш. Двете групи имале речиси исти оценки на оценувањата на предавањата. Сепак, на крајниот испит, онаа група на која ѝ било дозволено да користи технологија имала за 5 отсто полоши резултати од другата. Со други зборови, користењето на телефоните за цели кои не се академски го погодило помнењето на материјалот, но само долгорочно.

Фото: Pexels

Уште поизненадувачки е тоа што во групата каде што била дозволена технологијата сите студенти имале значително полоши резултати на крајниот испит, па дури и оние студенти што не ја користеле. Со други зборови, технологијата во предавалната им го одвлекува вниманието на сите. Самото тоа што има активна направа во ваша близина ја нарушува вашата концентрација.

Тука проблемот е долготрајната меморија. Краткотрајното помнење на студентите речиси и да не е погодено од нивните телефони и други направи, па тие имаат чувство дека не испуштаат ништо додека, да речеме, гледаат пренос од фудбалски натпревар на предавањето (секако, без пуштен тон). Но, кога ќе дојдат испитите по неколку недели или месеци, тогаш се чувствуваат последиците.

Дури и кога мислите дека сето свое внимание го посветувате на нешто, мал дел од вашиот мозок е фокусиран на електронската пошта и лајковите на „Инстаграм“.

Целосното фокусирање е моќна алатка.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование