X
 26.08.2020 Наука

Кометата Неовајс ја преживеала блиската средба со Сонцето, покажува фотографија

Кометите не секогаш ги преживуваат нивните патувања во внатрешниот дел на Сончевиот Систем, но новата фотографија од кометата Неовајс, направена одблизу, покажува дека таа успеала да преживее.

По 6.800 години нашите потомци, доколку сè уште живеат на Земјата, може да очекуваат повторна посета на кометата Неовајс. Оваа комета со ширина од 5 километри се чини дека го преживеала неодамнешното патување околу Сонцето. Ова беше откриено благодарение на нова фотографија направена одблизу, со помош на вселенскиот телескоп „Хабл“. Нејзиното цврсто јадро останува недопрено, укажувајќи на потенцијално враќање по илјадници години.

Кометата првпат беше забележана овој март. Се смета дека е најсветлата комета што се гледаше од северната хемисфера уште од кометата Хејл-Боп во 1997 година. Неовајс беше видлива со голо око од почетокот на јули до средината на август, а на 3 јули стигна до најблиската точка до Сонцето, достигнувајќи 43 милиони километри во орбитата на Меркур. Сега, кометата оди кон надворешниот дел на Сончевиот Систем со 60 километри во секунда.

Цврстото ледено јадро не може да се види на новата фотографија што беше направена на 8 август, но на сликата се прикажани дел од гасови и прашина што излегуваат од кометата, формирајќи облак. Ова е првпат „Хабл“ да фотографира комета со толкава светлина и со толку голема резолуција толку блиску по поминувањето покрај Сонцето.

1
Неовајс видена од Земјата на 18 јули и потоа фотографија од неа на 8 август, направена од „Хабл“

Кометите најдобро се опишуваат како гигантски валкани снежни топки што се формирале пред многу време, во надворешниот дел од Сончев Систем. Кога се близу до Сонцето, тие влегуваат во привремена активна состојба, што резултира во светла комета, формирајќи долга опашка.

Некои комети не ги преживуваат овие средби и се распаѓаат поради топлината и гравитационите притисоци. Ова ѝ се случи на кометата ИСОН во 2013 година. Астрономите не биле сигурни дали истата судбина ќе ја снајде и Неовајс.

За да откријат, дипломираниот студент Киченг Занг и неговите колеги направиле фотографија од кометата, при што не откриле видливи знаци на фрагментација.

kometa
Видеото ја покажува ротацијата на кометата Неовајс набрзо откако го помина Сонцето

- „Хабл“ има далеку подобра резолуција отколку што можеме да ја добиеме со кој било друг телескоп. Оваа резолуција е клучна за да се видат детали близу до јадрото. Ни овозможува да видиме промени во прашината - вели тој.

Астрономите сега внимателно ќе ги следат сите промени на кометата бидејќи се оддалечува од Сонцето, вклучувајќи ги и промените во бојата на нејзината прашина. Тие сакаат подобро да разберат како сончевата топлина влијае врз материјалот во кометата и нејзиниот хемиски состав.

Извор: Gizmodo.com
Фотографии: NASA
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука