Во Америка речиси сите знаат што претставуваат ФБИ и ЦИА. Овие кратенки станаа дел од секојдневниот јазик, а нивната улога во филмовите и телевизиските серии дополнително создаде впечаток дека животите на агентите се полни со акција, заговори и тајни операции. Но, дали знаеме што точно се случува зад затворените врати на овие институции?
Освен ако не сте агент задолжен за следење написи за ФБИ и ЦИА, одговорот е дека знаеме многу малку. И тоа е сосема нормално. Агенциите постојат за да откриваат закани и да спречуваат злосторства, а тоа би било многу потешко доколку јавноста има пристап до нивните операции и методи на работа.
И покрај тоа, повремено „протекуваат“ мали увиди во нивниот свет. Овој пат заслугата му припаѓа на еден редит-корисник кој одлучи да постави прашање што многумина го имаат на ум: „Агенти на ФБИ/ЦИА од Редит, што можете да ни откриете, а да не мора да нѐ убиете?“
Следуваше низа од одговори. Некои наводно од агенти, некои од поранешни вработени, а некои од членови на семејства. Како што и се очекуваше, идентитетите не беа откриени. Еве што излезе на виделина.
Поради обуката, не спиела со недели
Најголемо внимание привлече одговор од некој што наводно познавал поранешна вработена во Национална безбедносна агенција. Таа признала дека за време на обуката морале да гледаат видеа кои прикажувале случаи на закани и злосторства што агенцијата ги открила и спречила.
Последиците од тоа искуство биле застрашувачки. Девојката раскажала дека не можела да спие две недели по обуката.
Мислевте дека доверливите документи се важни? Сте се излажале
Кога ќе се спомене „доверлив документ“, повеќето луѓе веднаш помислуваат на тајни што би можеле да го променат текот на историјата. Но, вистината е поинаква. Еден аналитичар објаснил дека дури 85 отсто од доверливите материјали се класифицирани не поради содржината, туку поради начинот на кој информациите биле обезбедени.
Значи, не секогаш станува збор за „сочни“ тајни, туку за заштита на изворите и методите користени за добивање информации.
Ова го потврдил и поранешен вработен кој имал дозвола наречена „Строго доверливо“ додека служел во американската морнарица. Тој признал дека очекувал пристап до неверојатно возбудливи податоци, но се разочарал.
Според овие сведоштва, следниот пат кога ќе се спомене откритие на „класифициран документ“, веројатно нема да биде ништо спектакуларно.
Ментално исцрпувачки работи
Еден редит-корисник се потсетил на разговор со својот ментор кој некогаш работел за ФБИ. Неговата секојдневна задача била да следи и да открива педофили преку детска порнографија.
Но, работата била толку ментално исцрпувачка што не можел долго да издржи.
- Не можеше да остане бидејќи му го уништуваше менталното здравје - објаснил корисникот.
Најголемата тајна е дека можеби нема голема тајна
Можеби најинтересната приказна дојде од корисник кој споделил искуство на својот вујко, поранешен агент на ФБИ. Секогаш кога семејството ќе го замолело да каже нешто интересно од својата работа, тој одговарал: - Под заклетва сум, не ми е дозволено ништо да кажам.
Десет години семејството ја слушало истата приказна, сѐ додека еднаш неговата сестра не го соочила со директно прашање: „Навистина?“
На што вујкото признал: „Не, не се случи ништо интересно“.
Извор:
Bizlife.rs
Фото: Unsplash