X
 26.08.2016 Култура

Тајни сокриени со векови

Мистериите се секаде околу нас. Но, откривањето на некои скриени библиотеки разоткриваат факти од историска важност.

1.    Библиотеката во Могао пештерите во Кина

Могао пештера.

Могао пештерите се состав од 492 келии и храмови откриени во планината Минг Шо, на 25 км југоисточно од Дун Хуанг. Познати се и под името “Пештерите на Илјада Буди” и ги содржат некои од најзнаменитите дела на будистичката уметност, создадена во период од илјада години. Во 1900 година, неофицијалниот чувар на пештерите, Ванг Јуанлу, тао-свештеник, случајно открил скриена врата која води до комора исполнета со ракописи настанати помеѓу 4 и 11 век. Унгарскиот истражувач и археолог, Аурел Стеин, на почетокот од 20 век откупил 10.000 ракописи од библиотеката, а дел од овие знаменитости зеле и делегациите на Франција, Русија и Јапонија. Остатокот од документите, денес се наоѓа во Пекинг, Кина. Благодарение на британската библиотека, од 1994 година започната е дигитализација на оваа колекција.
Ова откритие ја променило историјата. Имено, еден од документите, познат како “Дијамантна Сутра”, е најстарата печатена книга на светот и датира од 868 година. Ова е доказ дека печатењето, сепак, не води потекло од Европа.

2.    Ватиканските тајни ракописи

Станува збор за најпознатата тајна библиотека (архив) во светот, за чие постоење се знае од моментот кога е формирана, во 1612 година. Зборот “тајна” потекнува од латинското име “secretum” што, всушност, значи “приватно”. Ватиканските тајни архиви (Arhivum Secretum Apostolicum Vaticanum) се црквена архива, основана од папата Павле V. Се проценува дека овие архиви содржат полици долги 85 километри  со околу 35.000 архивски единици. Овие архиви ја содржат коресподенцијата на сите папи во последните илјада години. Во 1810 година, во времето на Наполеон, архивите се запленети и преместени во Париз. Нивното враќање во Ватикан се случило помеѓу 1814 и 1817 година, но во текот на тој трансфер, многу документи се уништени или изгубени. Според љубителите и теоретичарите на завери архивата вклучува и черепи од вонземјани, докази за Исусовата крвна линија, дури и машината Кроновизор, што наводно е изградена од бенедиктински свештеник со цел да се врати назад во времето за да може да го сними Исусовото распетие. Токму заради вакви приказни, Ватикан постепено почнува да ги отвора архивите за јавноста, но во форма на изложби и ограничени посети во деловите од архивот. Генерално, влезот во оваа библиотека е сè уште забранет. Меѓудругото и заради тоа што архивот е сместен во бетонски бункер, што се наоѓа зад Базиликата на Св. Петар, а го обезбедува швајцарската гарда и ватиканската полиција. Меѓу поинтересните документи во архивот се наоѓаат и преписките на Папата со Моцарт, Еразмо, Волтер, дури и со Хитлер. Тука е и декретот за екскомуникација на Мартин Лутер, рачно пишаниот транскрипт од судењето на Галилео Галилеј за ерес, дури и писмото на Микеланџело, во кое се жали дека сè уште не е исплатен за работата во Систинската капела.

Тајните архиви на Ватикан.

3.    Библиотеката во синагогата Бен Езра во Каиро

Овие ракописи не ги чува вооружена стража, туку многувековен заборав. Околу 280.000 фрагменти од ракописи најдени во генизата, односно архивот во синагогата Бен Езра во Каиро, претставуват еден од најдрагоцените извори за историјата на Евреите, но и на историите на средновековниот Египет и арапскиот свет, воопшто. Во Европа за оваа збирка за првпат се слушна уште во 18 век, но дури на крајот од 19 век започнуваат интензивните истражувања, кога бројни документи се откупени за потребите на многу светски библиотеки. Најстариот документ од оваа библиотека датира од 871 година, а најдоцниот од 1880. Денес најголемиот дел се наоѓа во библиотеката на Кембриџ и универзитетот во Манчестер.

Синагога Бен Азра.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура