X
 26.11.2019 Наука

Дали тресењето на главата за да ја извадите водата од ушите е безбедно?

Кога по пливање или туширање ќе ви се заглави вода во увото, инстинктивна и разбирлива реакција е да се обидете да ја протресете главата и да ја отстраните блокадата. Но, според една нова студија, не треба да го правите тоа бидејќи, како што е наведено, тоа може да има потенцијални сериозни здравствени ризици поради насилното тресење на главата - особено кога станува збор за мали деца.

Поточно, истражувачи од Универзитетот „Корнел“ велат дека силите на забрзување вклучени во исфрлањето на водата од ушниот канал би можеле хипотетички да ги изложат малите деца на оштетувања на мозокот.

- Нашето истражување е главно фокусирано на забрзувањето кое е потребно за вадење на водата од ушниот канал - вели студентот по инженерство Ануџ Баскота.

Треба да се забележи дека ова засега се прелиминарни резултати, засновани на експерименти кои ја симулираат количината на сила што е вклучена, а не вклучуваат реални луѓе, туку стаклени туби и 3Д-печатени ушни канали. Затоа, тие не може да се земат како клинички доказ за оштетувања на мозокот добиени од оваа активност.

Но, истражувањето сè уште може да служи како валиден потсетник за она што веројатно не треба да го правите следниот пат кога ќе ви се заглави вода во увото. Најбрзото потенцијално решение на тој чест проблем веројатно не е најбезбедната опција.

За да ги измери силите потребни за вадење на водата од увото, тимот направил стаклени туби со различни дијаметри, кои требало да функционираат како поедноставена реплика на човечки ушен канал. За да го дизајнираат вештачкото уво што е можно пореалистично, истражувачите испечатиле модел заснован на ушен канал од скен од компјутерска томографија на човечка глава и ја обложиле внатрешноста на стаклената туба со силан (SiH4) за приближно да се совпадне со нивото на хидрофобност во реалните ушни канали.

Фото: Science Alert

Потоа тие ставиле вода во стаклените туби, пред да ги стават тубите на федери за да измерат колку гравитациска сила е потребна за да се извади водата.

- Резултатите откриваат дека клучното забрзување за отстранување на водата од ушниот канал зависи од волуменот и позицијата на заробената течност во тубата - објаснува тимот.

Децата може да се особено во ризик, додаваат истражувачите, бидејќи е потребно поголемо забрзување за да се извади водата заробена во помали туби.

Со други зборови, на возрасните им е полесно да ја истресат водата од ушите за разлика од децата, но врз основа на физиката, веројатно не е препорачливо за никого бидејќи постојат други безбедни решенија - на пр., лежење настрана.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука