Институтот за филозофија вчера објави мислење по повод предложениот модел на реформите од страна на БРО и МОН, според кој предметот Филозофија нема да е задолжителен, туку изборен предмет, а предметите Логика и Етика се целосно отстранети од наставниот план.
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме мислењето:
Поаѓајќи од ставот за исклучителната важност на гимназиското образование во контекст на целокупниот образовен систем на нашата држава, и вклучувајќи се во Јавната расправа по нацртот на Концепцијата за реформи на гимназиското образование, а врз основа на анализата на предложениот модел на реформите на овој тип образование од страна на БРО и МОН од јануари 2025 година, Институтот за филозофија го дава следново мислење:
• Институтот за филозофија, историски гледано, секогаш ги иницирал и ги поддржувал принципиелните идеи за реформи во средното образование, насочени кон обезбедување квалитетно гимназиско образование и „создавање поединци кои ќе бидат и етички и интелектуално подготвени да одговорат на предизвиците во светот, истовремено придонесувајќи за неговиот прогрес“ (Концепција, стр. 11).
• Сепак, Институтот категорично го отфрла решението присутно во конкретниот модел со кое се врши бришење на предметот Филозофија од корпусот задолжителни предмети (односно, неговото ставање во категоријата Изборни предмети за почетно изучување), како и целосно отстранување на предметите Логика и Етика од корпусот изборни предмети во однос на постојниот наставен план. Тоа решение претставува неприфатливо деградирање на статусот на филозофијата како една од темелните дисциплини од хуманистичките науки и директно противречи прокламираните цели на самата Концепција.
• Институтот за филозофија инсистира на ставот дека без разлика на тоа каков концепт за гимназиско образование ќе се одбере, во него мора да биде застапен корпусот филозофски предмети Филозофија (како задолжителен), Етика (како задолжителен) и Логика (како изборен предмет). Како дисциплини чија фундаментална цел е развивањето на холистичкиот пристап кон светот, критичкото мислење и етичките вредности во личното и колективното дејствување, тие го сочинуваат јадрото на гимназиското образование, кое треба да овозможи целосен развој на личноста на ученикот, во интелектуална, морална, социјална, емоционална и физичка смисла.
• Како форма на средно образование, гимназијата ги поставува основите за натамошното интелектуално и професионално усовршување на учениците. Таа им овозможува да го продолжат високото образование во кое и да било од постојните научни подрачја и да се оспособат за професии со висок степен на сложеност и општествена одговорност. Од друга страна таа ги подготвува учениците за активно и продуктивно учество во општеството како автономни, одговорни, социјално свесни и емпатични граѓани. Оттаму, токму систематското вклучување на Филозофијата, Логиката и Етиката во гимназиското образование дава најдобра основа за остварување на целите на Концепцијата и за подготвување на нашите гимназијалци за рамноправно учество во глобалните трендови на светскиот развој со нивните врсници од другите земји.
• Ако како база за реформите се земе моделот предложен во Концепцијата, Институтот за филозофија инсистира во гимназиското образование да ce врати предметот Филозофија како задолжителен во четврта година, како што е во сегашниот наставен план, и да се воведе како задолжителен предметот Етика (во трета година), а предметот Логика како изборен (во категоријата Изборни предмети за почетно изучување);
• За предметот Логика се предлага модификување на насловот во Логика и критичко мислење, и соодветна интервенција во наставните содржини, со ставање акцент врз логичките аспекти на критичкото размислување и аргументирање;
• За предметот Етика се предлага модификување на насловот во Етика и морален развој, и соодветна интервенција во наставните содржини, со ставање акцент врз моралниот развој.
• За сите филозофски предмети застапени во гимназиското образование - Филозофија, Логика и Етика, Институтот ја нуди својата експертиза при изработката на нови наставни програми, учебници и помошни наставни материјали со иновирани содржини и методи на работа во духот на современите светски трендови на изучувањето на овие предмети.
• Освен во поглед на филозофските предмети, Институтот за филозофија ги поддржува заложбите, вградени во Концепцијата, за унапредување на квалитетот на наставата и по сите други предмети застапени во гимназиското образование. Тие заложби ги опфаќаат: осовременувањето на содржината на наставните програми, методите на наставата и наставните материјали; унапредувањето на методите на оценување и следење на квалитетот на наставата; подобрувањето на квалитетот и компетенциите на наставниот кадар и на инфраструктурата, особено на технолошката инфраструктура, и создавање на поттикнувачка училишна клима и култура во гимназиите.
• Во однос на предлозите за застапеноста на корпусот филозофски предмети во гимназиското образование, Институтот нуди и конкретни решенија за нивно спроведување, кои може да бидат операционализирани во натамошните дискусии во однос Концепцијата.
Институт за филозофија
Раководител
Проф. д-р Ана Димишковска
Професори на Институтот
Проф. д-р Бранислав Саркањац
Проф. д-р Иван Џепароски
Проф. д-р Ристо Солунчев
Проф. д-р Дејан Донев
Проф. д-р Вангел Ноневски
Проф. д-р Јасмина Поповска
Проф. д-р Марија Тодоровска
Насловна фотографија: Архива