X
 29.03.2017 Живот

Децата до две годишна возраст не треба да бидат изложени на светлината од екраните

Треба да се биде внимателен и со децата на возраст од 3 до 10 години. За жал сè уште никој нема одредено до каде е границата и колку едно дете кое е во развој смее да гледа во екран – објаснува логопедот Богојевска.

Бебиња кои сè уште не прозбореле држат мобилни телефони во рака, деца во парк наместо да трчаат и играат, гледаат во таблет... Ова за жал е сè почеста слика и во нашето општество. Електронските уреди се наша неминовност, бидејќи живееме во дигитална ера, но дали децата со нив треба да се запознаат од најрана возраст, како тие влијаат на развојот, дали им го попречуваат говорот и когнитивниот развој? Експертитете велат, да, па затоа совет до сите родители е да внимаваат како нивните деца го трошат слободното време. Логопедот Теодора Богојевска, која е и М-р по специјална едукација и рехабилитација објаснува дека електронските уреди го успоруваат целокупниот развој на детето, а посебно негативно се одразува нивната примена во најчувствителниот период од развојот на детето, а тоа е од самото раѓање па сè до третата година, кога мозочните функции се најсилни.

- Го успоруваат когнитивниот, моторниот и говорниот развој (децата многу често прозборуваат на англиски јазик), ја попречуваат раната комуникација и социјализација. Американската академија на педијатри препорачува децата помлади од 2 години да не бидат изложени на светлината од екраните воопшто. Исто така, треба да се биде внимателен и со децата на возраст од 3 до 10 години. За жал сè уште никој нема одредено до каде е границата и колку едно дете кое е во развој смее да гледа во екран - објаснува Богојевска.

Децата кои поголем дел од времето го поминуваат пред компјутер, најчесто имаат пореметувања во говорно-јазичниот и моторниот развој, потешкотии во комуникацијата и социјализацијата.

- Исто така овие деца имаат намалена концентрација, внимание и потешкотии со помнењето. Неретко забележуваме отсуство на самоконтрола, импулсивност, анксиозност или хиперактивно однесување, зголемена телесна тежина и забавена акомодација на окото. Претераната изложеност пред компијутерските екрани негативно влијае на функционирањето на мозокот и предизвикува забавен развој на когнитивните, говорни-јазините и моторните способности, отежнато учење, проблеми во однесувањето и сонот како и проблеми со видот и телесната тежина - вели таа.

Со оглед на тоа што електронските уреди се неминовност и децата ги гледаат во нашите домови од најрана возраст ја прашавме Богојевска за што препорачува да се користи компјутерот кај деца во претшколска и школска возраст?

- Во современиот свет не е можно да се едуцираме без компијутер, компјутерите немаат алтернатива, а ние треба да бидеме во чекор со времето. На децата треба да им се овозможи повремено (дозирано) играње, пред сè со едукативни содржини, но секако сето тоа да биде под контрола на возрасните, кои што ќе им постават еден патоказ во користењето, ќе ги надгледуваат како што ги надгледуваат во сите други сегменти од нивниот развој и живот - објаснува таа.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот