X
 01.02.2021 Наука

Наскоро ќе може да се печатат коски директно во човечкото тело?

3Д-печатењето поврзано со медицината стигна далеку, особено во создавањето органи. Она што некогаш ни се чинеше научна фантастика стана реалност и здравството се подобри.

Но, што е со 3Д-печатените коски? Во 2016 година имаше известувања за работата на некои истражувачи од Северозападниот универзитет во Илиноис кои создадоа 3Д-печатен материјал кој комбинираше хидроксилапатит, минерал кој го има во коските, со поликапролактон, биокомпатибилен полимер. Крајниот резултат беше замена за коска која телото не ја одбиваше.

Сепак, оттогаш многу малку се слушна за 3Д-печатени коски. Сега тим од Универзитетот на Нов Јужен Велс во Сиднеј, Австралија, конструира керамичко мастило кое може да се печати со живи клетки и без опасните хемикалии што често се поврзуваат со овој процес.

Истражувачите дури тврдат дека може коските да бидат 3Д-печатени директно во човековото тело.

- За разлика од претходните материјали, нашата техника нуди начин за печатење конструкции на самото место, кои ги имитираат структурата и хемијата на коската - вели Иман Рухани, биоинженер во Школата за хемија при универзитетот.



Моментално најчест метод за обнова на коските е автологното пресадување коски. Сепак, тие пресадувања имаат висок степен на инфекција и едноставно не функционираат ако коскениот материјал е преголем.

Затоа истражувачите смислиле мастило кое може да се испечати во водена околина која го имитира човечкото тело. Мастилото е како паста на собна температура, но штом ќе се стави во желатин, се стврднува во нанокристална матрица, слично на структурата на вистинско коскено ткиво.

Тимот сега се обидува да испечати големи структури и ги тестира на животни за да види колку се ефикасни нивните 3Д-печатени коскени делови.


Извор и насловна фотографија: Interesting Engineering
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука