X
 01.12.2020 Образование

УКИМ: Обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава ги поткопува и темелите на државата

Владата и сите чинители во евроинтеграциските процеси да ги почитуваат достигнувањата на македонските научни работници од областа на хуманистичките, општествените и културолошките науки, како и сознанијата на светската славистика, лингвистика и современа историска наука, повика најголемиот и најстариот универзитет во Македонија - „Св. Кирил и Методиј“. Како продолжувач на традицијата на сесловенските просветитeли во чии организациски единици се истражуваат, проучуваат, негуваат и се афирмираат македонскиот јазик, македонската историја и македонското културно и духовно наследство, УКИМ порача дека:

- Ги поддржува стратешките напори на Владата на нашата држава за интегрирање во ЕУ.
- Се придружува и ја поддржува Промеморијата на МАНУ за државотворноста и идентитетот на македонскиот народ.
- Ги повикува Владата и сите чинители во евроинтеграциските процеси да ги почитуваат достигнувањата на македонските научни работници од областа на хуманистичките, општествените и културолошките науки, како и сознанијата на светската славистика, лингвистика и современа историска наука, според кои:

     а) македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат и просторен и временски континуитет; македонскиот јазик е посебен јазик од групата на јужнословенските јазици, кој се изучува на универзитетски центри во целиот свет;

     б) македонскиот идентитет е изграден врз колективното сеќавање и врз свеста за традицијата, културата, етнокултурната, политичката и јазичната засебност на македонскиот народ;

     в) процесот на формирање на македонскиот народ и македонската нација во ништо не се разликува од соодветните процеси кај другите балкански народи и нации; формирањето на еден народ не е и не може да биде последица на административен акт;

     г) создавањето на македонската држава е заедничка придобивка од долготрајната борба на македонскиот народ и сите други етнички заедници; ова историско тежнеење доживеало кулминација во антифашистичката војна, поради што македонската државност е заснована врз антифашистички начела.

- Оттука, обезвреднувањето на идеалите и на жртвите за посебна македонска држава би значело и поткопување на темелите на државата.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование