X
 02.08.2020 Здравје

Нов извештај го идентификува најголемиот ризик за човековото здравје и тоа не е вирус

Загадувањето на воздухот го скратува животниот век на секој маж, секоја жена и секое дете на Земјата за речиси две години, покажуваат податоците објавени неодамна за кои експертите велат дека покажуваат дека слабиот квалитет на воздухот е најголемиот ризик за човековото здравје.

Од Индексот за квалитет на воздухот (AQLI) истакнуваат дека додека светот е во трка да најде вакцина за ставање под контрола на пандемијата на Ковид-19, загадувањето на воздухот може да продолжи да предизвикува милијарди луѓе ширум светот да водат пократки и поболни животи.

Индексот го претвора загадувањето на воздухот со честички - главно од горење на фосилни горива - во неговото влијание врз човековото здравје.

Било утврдено дека покрај значителните редукции на ПМ честичките во Кина - некогаш една од најзагадените земји во светот - вкупното ниво на загадувањето на воздухот останало стабилно во текот на изминатите две децении.

Во земји како Индија и Бангладеш загаденоста на воздухот била толку голема што сега го скратува просечниот животен век во некои области за речиси една деценија.

Авторите на истражувањето истакнуваат дека квалитетот на воздухот што го дишат многу луѓе претставувал многу поголем ризик за здравјето од Ковид-19.

-Иако заканата од коронавирусот е голема и го заслужува секое внимание кое го добива, сфаќањето на сериозноста на загаденоста на воздухот со слична жестина би им овозможило на милијарди луѓе да водат подолги и поздрави животи - истакнува Мајкл Гринстоун, креатор на AQLI.

Речиси една четвртина од глобалното население живее во само четири земји во јужна Азија, кои се меѓу најзагадените - Бангладеш, Индија, Непал и Пакистан.

Од AQLI утврдиле дека овие популации ќе забележат просечно скратување на животниот век за пет години поради изложувањето на ниво на загаденост за 44 отсто повисоко за разлика од пред 20 години.

Околу 89 отсто од 650-те милиони лица кои живеат во регионот, живеат во области каде загаденоста на воздухот ги надминува директивите на Светската здравствена организација.

Додека местата како САД, Европа и Јапонија забележаа успех во подобрувањето на квалитетот на воздухот, загадувањето сè уште скратува две години од животниот век во светот.

Неколку студии покажаа дека изложеноста на загаден воздух исто така е клучен ризик-фактор за Ковид-19 и Гринстоун им порача на владите да му дадат приоритет на квалитетот на воздухот по пандемијата.

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје