X
 02.11.2018 Образование

Одржан натпреварот за симулација на судски процеси пред Европскиот суд за човекови права во организација на УКЛО

Од 12 до 15 октомври во Битола, во организација на „Civil Rights Defenders“, се одржа „VII FUTURA Regional Moot Court“ за симулации на судски процеси пред Европскиот суд за човекови права.

Натпреварите се одржуваа во Основниот суд во Битола, а за првото место се бореа 8 правни факултети од 3 земји од регионот (Битола, Штип, Крагујевац, Бања Лука, Мостар, Зеница, Тузла, Травник).

Студентите од клубот „Titus Flavius Orestes“ од Правниот факултет УКЛО - Битола (апликант: Невена Димовска, Мерита Шахин и Мартин Трајковски; респондент: Наталија Василевска, Никола Ристевски и Ивана Марковска) под менторство на доц.д-р Ангелина Станојоска и доц.д-р Мирјана Ристовска, меѓу 8 правни факултети учесници ги освоија следните награди:

1. Најдобар писмен поднесок на апликантот;
2.Најдобар писмен поднесок на респондентот (државата);
3. Прво место во групата Б;
4. Трето место во генералниот пласман по полуфиналните мечеви.

Регионалниот „Moot Court“ натпревар за еден млад студент од областа на правните науки претставува вистинска и огромна можност која нуди широк спектар на познавања. Овој натпревар ни овозможи детално и практично запознавање со содржината на Европската конвенција за човекови права, како еден темелен европски правен акт и базичен документ кој е еманација на современата демократија и човековите права и слободи поставени на највисок пиедестал. Од суштинско значење, беше тоа што имавме можност да бидеме оценувани од страна на еминентната судска фела од нашиот регион која ни додели и посочи конструктивни критики кои за нас се голема придобивка и адут. Темелно ја осознавме работата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој е правна потпора за лица кои сметаат дека се прекршени нивните права, како и олицетворение на вистинската имплементација на Конвенцијата. За мене, претставуваше огромна чест и задоволство да бидам дел од еден ваков квалитативно издигнат настан од непроценлив карактер. Би сакала да изразам голема благодарност до нашите предводници, кои целосно, несебично и секојдневно ни го посветуваат нивното време и енергија, доц. д-р Ангелина Станојоска и доц. д-р Мирјана Ристовска. – рече Мерита Шахин.

За Невена Димовска, „натпреварот беше многу интересен, возбудлив, динамичен.  Дадовме се - од себе, се трудевме, работевме тимски на случајот, го напишавме писмениот поднесок и расправавме пред Судот. Покажавме одлично познавање на Конвенцијата и примена на истата.

1

Тоа не е само настан само два дена. Подготовките за натпреварот траат со месеци. Секоја фаза од подготовките е неизвесна, полна со предизвици и можност да се научи нешто ново. Целокупниот судски процес е можност, како студенти по право, да се сретнеме со нешто практично  и да видиме како изгледа постапката, да го подобруваме нашиот јавен настап и правничкото изразување. Натпреварот придонесува за наше професионално усовршување и стекнување непроценливо искуство, како практичн, така и академско. Исто така, исклучиво корисно искуство бидејќи не само што се повеќе учиме за Конвенцијата, туку и ја подигнуваме свеста за почитување на човековите права и слободи загарантирани во  истата. Горда сум на третото место, горда сум што сум дел од клубот Titus Flavius Orestes и што имав можност да работам со ментори како доц.д-р Ангелина Станојоска и доц д-р Мирјана Ристовска

Наталија Василевска за своето искуство вели: „Учеството во регионалниот Moot Court натпревар за мене лично претставува едно огромно задоволство и уште поголема придобивка. Ова беше една прекрасна можност со која нас, студентите ни беше овозможено да го почувствуваме и доловиме начинот на кој се води една вистинска постапка пред Европскиот суд за човекови права. Средбата со Европските судии беше еден огромен предизвик, но и привилегија во исто време. Тоа  беше одлична можност за збогатување на моето практично знаење, зајакнување на говорните вештини, изјаснување на сопствениот став и правилно поткрепување на аргументи, како и јакнење на личната самодоверба. Убавите зборови, позитивните критики и длабокото искуство кое судиите го споделија со нас, лично мене, а верувам и сите останати учесници, не поттикнаа уште повеќе да се осврнеме кон значењето на човековите права загарантирани со Европската конвенција за човекови права. Од друга страна, ја „истрениравме” и нашата одговорност, дисциплинираност, амбициозност, мотивираност  и трудољубивост. Секако успехот, задоволството и наградите кои ги добивме од овој натпревар ги должиме и на своите ментори доц. д-р Ангелина Станојоска и доц. д-р Мирјана Ристовска кои несебично го вложија својот труд , време и безрезервна поддршка. За крај, можам да кажам дека ова беше една одлична “авантура” која ќе ја паметам уште многу долго и затоа на секој студент по право му препорачувам кога би имал ваква можност, да ја прифати без апсолутно никакво размислување и двоумење.“

Ивана Марковска смета дека: „Придобивките за нас како студенти од вакви натпревари се огромни и повеќекратни. Токму јас имав можност да научам како функционира системот на правата кои се гарантирани со Европската Конвенција за заштита на човековите права, пред се за тоа како изгледа вистински процес пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Со учеството во ваквите  натпревари ние сите како тим ја покажуваме својата организираност, амбициозност, одговорност и создаваме услови за сопствен успех, а тој успех е мотив за понатамошна работа и напредување, кои воедно се и резултат на вложениот труд, дисциплината и тимската работа која што нема никогаш да ја заборавам, како и тимот.

„Учеството на регионален moot court натпревар, каков што е „Футура“, за еден студент на правни студии претставува навистина голема привилегија. На овој начин добиваме несекојдневна можност одблизу да се запознаеме со она што значи „Европска конвенција за заштита на човековите права и слободи“. Моментот кога се застанува пред Европскиот Суд за човекови права, чија должност и обврска е да ја задоволи правдата, значи да се истакнат фактите, како и да се прикаже умешноста на ораторските вештини, во одбраната, и на апликантот, и на респондентот. Ова е најдобриот начин да се оживотвори правото преку неговата практична примена. Соработката со останатите членови на тимот и менторите кои ни помагаа во текот на целата подготовка е бесценета, трудот и посветеноста секогаш гарантираат успех, а сето тоа надополнето со незаборавни мигови поминати како дел од клубот „Titus Flavius Orestes“.“ – изјави Никола Ристевски

2

За Мартин Трајковски „е чест да се биде дел од „Moot court“ клубот „Titus Flavius Orestes“, за кој можам да кажам дека претставува огромно искуство, а воедно и голем предизвик со кој не е лесно  да се носиш. Учеството на 7-миот Футура Регионален Moot Court,  ми овозможи практично да го имплементирам моето теоретско знаење. Со учеството на вакви симулации се добива слика, како се одвива еден судски процес пред Европскиот Суд за човекови права. Натпреварот ми овозможи да ги зајакнам моите реторички способности  и да имам поголема самодоверба, со кои не е лесно да се ставиш во улога на адвокат пред толку значаен Суд. Овој вид на судења ми овозможи поблиску да се запознаам со човековите права и Европската Конвенција за нивна заштита.“

Ваквиот тип натпревари е важен за нашите студенти, бидејќи се запознаваат со Европската Конвенција за заштита на човековите права и начинот на работа на Европскиот суд за човековите права во Стразбур. Преку учеството на вакви натпревари, нашите студенти добиваат можност бранејќи ги своите аргументи, практично да ја почувствуваат правничката професија. – велат професорките Станојоска и Ристовска.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование