X
 03.03.2021 Наша тема

Вакцини нема - заздравувањето на економијата ќе оди многу побавно, велат експертите

Македонските економисти и институциите посочуваат дека сите проекции и планови за надминување на економската криза или за раст на економијата треба да се базираат врз конкретни планови за вакцинација или преку надминување на здравствената криза

Неочекувано бавното темпо на вакцинација низ земјите членки на Европската Унија, но и други развиени земји ги кочи плановите за развој на Унијата и за излез од економската криза, која е присутна речиси во целиот свет. (Не)вакцинацијата влијае и врз онака слабата економска состојба во земјава. Сите надежи за надминување на оваа здравствено-економска криза беа насочени кон вакцините и кон брзата имунизација на населението, но темпото на нивна испорака не оди според очекувањата.
Дополнителен проблем на кој укажуваат голем дел од светските економисти е создавањето разлики меѓу развиените земји и земјите во развој токму поради ширењето на вирусот, но и поради побрзата имунизација на населението во одредени земји.

Македонските економисти и институциите посочуваат дека сите проекции и планови за надминување на економската криза или за раст на економијата треба да се базираат врз конкретни планови за вакцинација или преку надминување на здравствената криза.

- И натаму е нагласена неизвесноста од движењето на светските цени на примарните производи во следниот период и нивното влијание врз домашните цени, согласно неизвесните економски ефекти поврзани со вториот бран на пандемијата и мутациите на вирусот, како и со производството и дистрибуцијата на вакцините - велат од Народна банка.

Домашните бизнисмени и економистите укажуваат дека македонската економија е директно зависна од случувањата во европските земји и на Балканот, бидејќи најголем дел од трговската размена се прави со Унијата и со земјите во околината. Претставниците на бизнис-заедницата посочуваат дека индикациите од нивните соработници укажуваат на побавно економско заздравување, поради што стравуваат од поголеми загуби отколку што биле предвидени со претходните проекции.

- Последните информации од нашите трговски партнери од Европа се дека заздравувањето на економијата ќе оди побавно отколку првичните проекции. Ова се должи на два факти. Прво, вакцинацијата се одвива побавно од очекувањата и второ, појавата на нови соеви на вирусот, кои се со поголема вирулентност од првиот, што внесува нов страв и ги спречува владите да размислуваат за отварање на малопродажните објекти и раст на потрошувачката. Самата изложеност на македонската економија кон тие пазари е знак дека не можеме да очекуваме брзо закрепнување ниту на нашата економија. Се разбира дека одредени дејности, поради олабавувањето на мерките во Македонија, почнаа да заживуваат, но сите извозници страдаат од намалена побарувачка и работат со многу мал капацитет - посочува Ангел Димитров, првиот човек на Организацијата на работодавци на Македонија.


Ангел Димитров / Фото: ОРМ

Тој дополни дека од почетокот на кризата е јасно дека случувањата во економијата силно се поврзани со состојбите во здравството и сè додека вирусот се шири, не може да се очекува заздравување на економијата.

- Сè додека не стане јасно дека вирусот се губи, економијата ќе страда. Ова е така затоа што во економијата се многу важни очекувањата на потрошувачите. Сè додека не се врати оптимизмот и не се изгуби стравот од вирусот, сè додека не прекине губењето на работни места, не можеме да очекуваме раст на економијата - заклучува Димитров.

ММФ во најновата проекција ја намали прогнозата за раст на светската економија поради новите бранови и новите форми на вирусот, кои надвиснаа над надежите за подобрување на состојбите.

- Во услови на исклучителна неизвесност, се предвидува глобалната економија да порасне 5,5 проценти во 2021 година и 4,2 проценти во 2022 година. Предвиденото закрепнување на растот оваа година следува по силниот колапс во 2020 година, кој имаше сериозни негативни влијанија врз жените, младите, сиромашните, неформално вработените и оние што работат во интензивни сектори. Силата на заздравувањето значително ќе варира во земјите, во зависност од пристапот до медицински интервенции, ефективноста на поддршката на политиката, изложеноста на прелевања меѓу земјите и структурните карактеристики што влегуваат во криза - се наведува во извештајот на ММФ.
Монетарците потенцираат дека треба да се обезбеди ефективна поддршка сè додека не започне закрепнувањето. Потенцираат дека е потребна силна мултилатерална соработка за да се стави пандемијата под контрола насекаде.

„Таквите напори вклучуваат зајакнување на финансиите за КОВАКС-системот за забрзување на пристапот до вакцини за сите земји, пристап до терапија по пристапни цени за сите. Многу земји, особено економиите во развој со ниски примања, влегоа во криза со висок долг, кој ќе се зголеми уште повеќе поради пандемијата. Глобалната заедница ќе треба да продолжи да работи за да обезбеди соодветен пристап до меѓународната ликвидност за овие земји“, се наведува во извештајот на ММФ.

- Пред кризата предвидуваме дека јазот во приходите меѓу напредните економии и 110 земји во развој ќе се намали во текот на следниве две години. Сега проценуваме дека само 52 економии ќе достигнат чекор во тој период, додека 58 ќе заостанат. Ова делумно се должи на нерамномерниот пристап до вакцините. Дури и во најдоброто сценарио, повеќето економии во развој ќе имаат широко распространета вакцинација на крајот од 2022 година или подоцна. Дел од нив се особено изложени поради сериозно погодени сектори, како што се туризмот или извозот на нафта, а повеќето од нив се воздржани поради ограничениот простор на буџетите. Минатата година напредните економии во просек распоредија околу 24 проценти од БДП во фискални мерки, во споредба со само 6 проценти на земјите во развој и помалку од 2 проценти во земјите со ниски приходи - посочи Кристалина Георгиева, директорка на Меѓународниот монетарен фонд.


Кристалина Георгиева / Фото: ММФ

Таа во своето обраќање до Европскиот парламент посочи дека годинава вакцините се суштината на економските политики во Европа и во светот. Потенцираше дека додека не се победи пандемијата, не може да се очекува напредок.

- Од клучно значење е да се зголемат производството и дистрибуцијата на вакцините, дополнителното финансирање за да се набават и испорачаат дозите, но и навремено да се распоредат вишокот вакцини, за што е потребна соработка - потенцира Георгиева.

Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема