X
 03.12.2020 Наша тема

За 5 години учествувала на 23 натпревари, освоила 18 медали и признанија. Каде ќе студира телентираната Мила Ивановска?

Честопати мојата наставничка по физика во основно велеше дека јас ја сакам математиката, но дека физиката ме сака мене, раскажува Ивановска 

Една од најнаградувните средношколки од Битола, која само во последните пет години учествувала на 23 натпревари и олимпијади, а од 18 се вратила со награди, моментално аплицира да студира на факултети за физика во Англија, Америка и во Франција, но како опција останува и Природно-математичкиот факултет во Скопје. Мила Ивановска, која е четврта година во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, првата награда ја добила уште во четврто одделение на регионален натпревар по математика, а сега тешко може да ги изброи сите натпревари на кои учествувала и добила награди. Едноставно, многу се. Круна на успесите е и минатогодишното општинско признание „4 Ноември“ за едногодишно остварување.



„Ја сакав математиката, а физиката ме сакаше мене“

- Ја сакав математиката и сѐ до крајот на основното образование бев вљубена во математиката. Честопати и мојата наставничка по физика во основно велеше дека јас ја сакам математиката, но дека физиката ме сака мене - раскажува талентираната Ивановска.

Во првите месеци од нејзиното средно образование љубовта се проширила и кон другите природни науки. Таа врата се отвори кога Ивановска стана дел од македонскиот тим за Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки. Вели дека љубовта кон природните науки не била резултат на наградите, туку на можноста да истражува интердисциплинарно. Го применила знаењето од математика во физиката, хемијата и во биологијата. Првпат имала и можност да работи со податоци и мерење, пипети и бирети, хроматографи и микроскопи. Следувале меѓународни натпревари, како Меѓународна олимпијада по физика, две интернационални јуниорски олимпијади по природни науки каде што освоила два бронзени медала, две јуниорски балкански олимпијади по математика (два бронзени медала), три ирански геометриски олимпијади (сребрен и бронзен медал, пофалница) и два европски математички купови (два бронзени медала). На државни натпревари освојувала први, втори и трети награди по математика, физика, хемија, скијање и по ударни инструменти.

Не знаеја каде е Македонија, но научија откако го добив медалот


- Претставувањето на Македонија на меѓународни натпревари е гордост. Не може со зборови да се опишат емоциите кога во Холандија, пред учесници од 50 држави, официјалниот спикер го кажува моето име и името на мојата држава дека се закитила со бронзен медал. Истото парче земја за кое многумина од учесниците претходно никогаш не слушнале и два дена претходно си им објаснувал каде се наоѓа, си им делел понекој сувенир фалејќи се со живописната природа на Пелистер и конзулскиот град во неговите пазуви - вели Мила.

Мила Ивановска

Вакви резултати не се постигнуваат со кампањско учење, туку со континуирано учење низ целото образование. Мила вели дека интензивно учи во последните месеци пред натпреварот. Тоа било особено тешко во првите години од средното образование бидејќи училишните обврски ѝ го одземале речиси целото време.

- Немам некоја дневна норма за решавање задачи, зависи од периодот и од бројот на другите обврски. Едноставно, слободното време сакам да го искористам продуктивно. Решавањето задачи ме исполнува, не ми претставува товар, но сепак гледам да одржувам некој континуитет, кој е многу битен. Решавањето задачи дефинитивно не е единствениот начин како треба да се подготвува. Тука се вклучени и многубројни часови на учење теорија, читање научни трудови, правење истражувања, присуствување на научни семинари - вели талентираната Мила.

Солиден кадар, недостигаат лабораториски услови

Поради пандемијата на Ковид-19, годинава беа откажани државните натпревари по физика и хемија, а Меѓународната олимпијада по физика се одржа виртуелно. Со надеж дека ќе се најде лек за коронавирусот, таа се подготвува за натпревари по физика и по хемија.

- Лошо е што со онлајн-наставата и подготовките не се добива истиот квалитет на знаење слушајќи преку лаптоп, а тешко е и да се задржи концентрацијата. Но, позитивната работа е што училишните обврски се малку намалени, па останува барем малку повеќе време за обврските надвор од училиште, меѓу кои во овој период се и приемни испити и апликации за факултет - вели Мила.



Одлучна е да студира физика. Во Македонија единствена опција е Природно-математичкиот факултет во Скопје, каде што таа смета дека има солиден кадар и не се сомнева во знаењето што би го добила од професорите. Но, гледа два потенцијални проблеми - застарена програма и лоши лабораториски услови со истите вежби што се правеле децении наназад, а светот пребрзо оди напред. Има студенти што и на факултет работат на врвни научни достигнувања, но нема научноистражувачки центри и лаборатории каде што би можела како истражувач да ја продолжи својата кариера. Мила моментално аплицира на неколку факултети во Англија, САД и во Франција, но како опција секако го има и ПМФ.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема