X
 05.01.2017 Образование

Училиштата во Норвешка: Детската среќа е на прво место

Во Норвешка, на 22 декември официјално почнува зимскиот распуст, а неофицијално уште од почетокот на декември. Ако ме прашате мене, која сум строга и одговорна, и која поминав низ „сито и решето“ на праисториското образование во кое наставничката беше бог, директор, а литературата беше Оче наш - овде училиштето не ни започнало. Зборувам за пониските одделенија во кои учат моите деца.

-Искра, што денес правевте на училиште?

-Гледавме филм и подготвувавме претстава. Утре ќе одиме во дом за стари лица да им пееме.

Кај Петра е уште поопуштено.

- Ние прво игравме, па имавме голем одмор, па бевме надвор и после пак игравме. Правевме и божиќни колачиња.

Не е ни чудно што јас и Петра после започнувањето во прво одделение започнавме да правиме грешки во зборувањет, па наместо „училиште“, велевме „градинка“. А како да не грешиме кога децата постојано играа. Дури и на малата Петра, која никогаш нема да порасне, ѝ беше чудно, но како што одминуваше времето, таа се' повеќе се навикнуваше па на училиште влечкаше се' повеќе и повеќе играчки.

Овде децата во прво одделение можат со себе да земат и некој од родителите се' додека не се адаптира, а камоли играчка. Одговорната Петра не го искористи ова право. Ова разиграно дете стана писмено и на норвешки јазик. Во текот на првата недела на училиште, задача им беше да се запознаат, да ги запомнат имињата, да си се јавуваат еден на друг и да се слушаат меѓусебно кога зборуваат. За четири месеци, Петра научи одлично да чита на норвешки. За тоа како зборува на норвешки не треба ни да пишувам.

Еве како изгледа училишниот ден на Петра во Норвешка: наутро (секогаш се прва смена) наставничката ги пречекува децата во училницата, се поздравува со сите и на секое дете му вели: „Колку е убаво што те гледам“, „Баш се радувам што дојде“. Многу деца ја прегрнуваат наставничката, а и таа нив. Во Норвешка не постои персирање ниту титула, па децата радосно ѝ го изговараат името. А таа е толку насмеана и радосна со децата, што секоја година во училиштето ги води само првачињата. После тоа, според распоредот за часови тие имаат норвешки, учат букви, имаат математика, собираат и одземаат, имаат музичко, ликовно, физичко, англиски, а во меѓувреме многу играат и не ни чувствуваат дека нешто воопшто учеле. Кога Петра еднаш на англиски ми кажа какво ќе биде времето, за малку ќе паднев.

norveska
Фото: Freepik

-Па ни кажа наставничката!- рече Петра, налутена што јас бев изненадена кога го кажаа тоа.

-Ама изненадена сум, ти не кажуваш дека учите и англиски.

Домашно (освен англиски) имаат, но само за петок, па сето она што останува за дома, може да се распореди.

Веднаш покрај училницата имаат две или три соби за игра. Секако, освен разните коцки, мини кујните, куклите, тука се и детските играчки кои ги влечкаат од дома. Првачињата имаат и другарчиња од повисоките одделенија кои се задолжени за нив, да им читаат, да си играат со нив, да внимаваат на нив додека се адаптираат на новата средина... После училиштето, помладите посетуваат таканаречен „Активитет скуле“ (АКС), што е слично на престојот кај нас, со многу креативна работа и уште повеќе ири. За АКС се задолжени неколку наставници кои играат со децата надвор и внатре, танцуваат, заедно готват...

Во шесто одделение оди нашето постаро дете - тука нема многу игри, барем не во текот на часовите кои со сите мои ментални напори, се'уште не успеав да научам ниту колку се, ниту колку траат. Отприлика, освен норвешки и математика, децата имаат англиски, друг странски јазик, природни науки, општествени науки, еден предмет кој се вика КРЛЕ, а опфаќа комуникација, религиите на светот, духовност и етика, исхрана и здравје, готвење и секако, уметност, физичко и музичко. Во текот на часовите многу се разговара и се поттикнува детското мислење. На пример, за домашна задача децата имаа да одговорат на прашањето за толеранцијата, дали е полесно да се прости или да се бара простување и зошто.

Часовите траат од 60 до 90 минути, во зависност од предметот, не постои ѕвонче освен на почетокот на часовите и за крајот на големиот одмор кој трае половина час, додека малите одмори траат 15 минути. Оценување нема до осмо одделение кога започнува и вишо основно училиште кое трае три години. Во текот на ова образование децата се подготвуваат за избор за нивната идна професија.

Кои други правила треба да ги почитуваме во врска со училиштето? - Сендвичите кои ги правам за децата мора да бидат од кафеав леб. Едно од првите известувања кое ни пристигна кога децата започнаа да одат на училиште, се однесуваше токму на исхраната - ова е официјална државна политика која негува здрава нација, но претставува и поддршка од родителите.

Други строги правила - кога ќе започнат на училиште, наставничката носи сад во кој децата ги фрлаат своите мобилни телефони кои си ги земаат на крајот од часот и кои смеат да ги користат кога ќе излезат од училишниот двор.

И за крај, уште едно, најважно правило - детската среќа е на прво место, а тоа на норвешки гласи: валканото и босо дете е среќно мало човече!

Детето кое се валка, игра и седи онаму каде што сака, во Норвешка е природен закон, а не работа на воспитување, дозвола и забрана. Детето во валкана облека е здраво дете, суштество кое дише со полни гради. Уште ако е босо!

Извор: Kolubarske.rs
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование