X
 05.08.2018 Наша тема

Македонија има огромен архивски материјал - особено се значајни црковните записи од 14 век

Бурната македонска историја придонела околните центри на нашите соседи да поседуваат документација која е премногу значајна за македонската историја. Каде има најголема концентрација на вакви документи?


Бурната македонска историја придонела нашите соседи да поседуваат документација која е премногу значајна за македонската историја. Документи важни за македонската историја има низ целиот свет, но најмногу во соседните земји, како и во Турција, вели Никола Митровиќ, доцент по историски науки и архивистика. Со него разговараме за оваа интересна наука, која веќе 18 години се изучува на Филозофскиот факултет во Скопје. Митровиќ работи во подрачното одделение при Државниот архив на Република Македонија, во родниот Охрид. Деновиве ја подготвува промоцијата на книгата „Архив(истика)“.


Никола Митровиќ

Доцент сте по историски науки и архивистика. Што Ве предизвика да се посветите на оваа наука?

- Истражувањето на минатото, особено преку архивистиката (документите), за мене беше предизвик што не можев да го одбијам. Имав среќа во 2000 година на Филозофскиот факултет во Скопје да се отвори насоката историја со архивистика. Така станав дел од првата генерација на историја со архивистика. Со огромен интерес и задоволство, во еден здив ги поминав додипломските студии, кои беа столб на моето понатамошно дејствување и во доменот на историјата, истражувањето и на мојата работа.

Од кога постои архивистиката во светот, а од кога датираат почетоците на архивистиката во Македонија?

- Архивистиката (како признаена) е релативно млада наука и се смета за помошно-историска наука. Но, во тој магичен круг на дополнување на една со друга, можеме да констатираме дека и историјата може да биде помошна наука на архивистиката. Како процес, архивистиката датира од многу одамна, со самиот развој на човечката свест дека она што е запишано, нацртано може да преставува значајно сведоштво за наредните поколенија. Како призната наука варира, во зависност од периодот кога се воспоставува во некоја земја, односно кога се отворени државните архиви - во Франција од 1790 година, во Англија 1838 година, во Соединетите Американски Држави во 1934 година. Република Македонија на 1 април 1951 година го основа Државниот архив со задача да ги прибере архивските материјали кои преостанале во нашата земја, да ја организира архивската мрежа и да врши истражување и презентирање на архивската граѓа.

Државниот архив е формиран на 1 април 1951 година, а во зградата покрај реката Вардар е вдомен речиси четири години

Во Македонија речиси нема семејство кое нема тапија, разгледница, писмо старо еден век. Кои сè документи се третираат како архивска граѓа?

- Архивски документ е оној што го создало или примило некое правно или физичко лице како средство и трага за сопствена активност – практична дејност. Архивските документи имаат свои составни елементи и соодветни белези. Архивскиот документ е токму документ-запис, а тоа е известување, информација прицврстена за некоја основа во постојан облик. Известувањето е приопштена смисла, значи забележана порака (свесно или несвесно). Затоа, секој документ задолжително се состои од содржина, материјална основа и облик.

Можете ли да издвоите неколку најстари и неколку најважни документи за Република Maкедонија?

- Документите што се чуваат во Државниот архив можат да се поделат на неколку групи – врз основа на нивната старост, содржина, на тоа кому му припаѓал одреден документ, кој го пишувал, на каков материјал е пишуван и сл. Особено се значајни црковните записи што датираат од 14 век, документи кои ја опфаќаат македонската историја низ призмата на револуционерниот период и НОБ, најновиот период како декларација за самоопределување, Устав и сл.

Дали сите документи од архивите се достапни за јавноста или сè уште постојат досиеја/предмети што се запечатени?

- Значењето на архивската документација е премногу големо. Затоа во архивската наука и дејност постојат одредени правила кои мора да се почитуваат кога станува збор за користење архивска документација. Тој пристап не се однесува на затскривање на одредена содржина, туку пред сè за заштита на одредени документи од оштетување на содржината. Сето тоа зависи од класифицираноста и среденоста на архивските фондови и документи. Користењето на документацијата е достапно - речиси 90 отсто од целокупната документација што најчесто се проучува во научноистражувачки цели.

Охридско вакафнаме од 1491 година, од колекцијата на Државниот архив Фото: Wikimedia Commons

Има ли архивски материјал од Македонија во околните центри на нашите соседи?

- Бурната македонска историја придонела околните центри на нашите соседи да поседуваат документација која е премногу значајна за македонската историја. Документи значајни за македонската историја има низ целиот свет. Затоа во рамките на Државниот архив постојат и научноистражувачки дејности насочени кон пронаоѓање, копирање и пренесување на таквите документи. Се разбира, постојат и меморандуми за соработка преку кои се олеснуваат ваквите процеси. Најголема концентрација на вакви документи има во соседните земји, како и во Турција.

Сите бевме сведоци на огромни оштетувања од поплави во новата зграда каде што е сместен Државниот архив на Македонија. Каква е состојбата денес, што изгубивме од архивираниот материјал?

- Јас работам во подрачното одделение во Охрид. Но, знам дека нема оштетување на документите бидејќи колегите ревносно, деноноќно се обидуваа и успеаја да ги спасат документите. Институцијата Архив мора да има посебни стандарди во самата градба, особено во заштитата на документите. Верувам дека лошите денови се завршени и во најскоро време покрај санација на просториите ќе се најде и стандардизиран објект каде што ќе се чува нашата пишана историја.


Корицата од новата книга

Деновиве треба да ја промовирате својата книга „Архив(истика)“. На што се осврнавте во ова дело?

- Основната цел е подобро да се запознае архивистичката дејност, нејзиниот историјат, различниот пристап кон документацијата во различни земји, пристапот на архивистика во Македонија, електронскиот пристап кон архивската документација и материјал. Книгата е во завршна фаза и наскоро ќе биде промовирана.

Архивскиот материјал по правило е исклучително нежен и подложен на оштетувања (хартија). Како трајно да се заштити?

- Постојат различни стандарди за чување на архивскиот материјал. Сè зависи од материјалот на кој е пишуван, бидејќи е подолжен на различни карактеристични временски услови. Во поново време особено значење ѝ се дава на дигитализацијата како најбрз и значаен процес во заштитата и во пристапот и користењето на документите. Затоа дигитализацијата на архивскиот материјал е многу значаен процес кој треба што поскоро целосно да имплементира. Различни фирми што се занимаваат со електронски софтвери даваат различни начини за скенирање документи и електронско работење во канцелариските процеси. Сепак, тие треба да се унифицираат и да бидат според законските прописи за архивската дејност. Но, и тоа е чекор напред кога станува збор за дигитализацијата на документи во канцелариското работење. Се разбира, треба да се забрза и процесот на дигитализација на документите низ депоата во архивите.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема