X
 07.02.2025 Наша тема

Рокот за полагање за возачка дозвола е една година, потоа сѐ се преполага: Што кога испитниот центар останал без лиценца и се чека да се формира комисија?

Полагањето на возачкиот испит, најчесто за Б категорија, со кој кандидатот се стекнува со знаење и дозвола за управување со автомобил е еден од најдолго очекуваните моменти за младите идни возачи, но и еден од најстресните и за нив и за тие што плаќаат.

Со години граѓаните се жалат дека паѓаат по неколку пати на практичниот дел од полагањето – возење низ град - и тоа без да направат ниту една грешка, па се сомневаат дека сето тоа се прави со цел кандидатите повеќе пати да плаќаат за полагањето.

Оваа ситуација предизвика и друга појава во последно време, која излезе дека е една од најголемите пречки за младите луѓе што сакаат да станат возачи и да имаат сопствен автомобил, изложувајќи ги на дополнителни трошоци и загуба на време.

Кандидатите што веќе положиле теоретски дел или популарните тестови за возачка, може да полагаат и да паѓаат неколку пати во текот на една година, но по 365 дена им се поништува и резултатот од полагањето теорија и повторно мора да платат за тестовите и да ги преполагаат.
Можеби ова изгледа нормално за оние кандидати што не се доволно подготвени да возат автомобил и имаат доволно средства да преполагаат, но има кандидати кои не по своја вина може да го загубат правото на положениот теоретски испит и со тоа да се изложат на дополнителни трошоци.



Кандидат од Прилеп два месеца чека да се оформи комисија за полагање и стравува дали по паузата ќе се пролонгираат и роковите за да не се доведе во ситуација пак да преполага сѐ.

- Со оглед на тоа што веќе два месеца не е формирана комисија и полагањата се на пауза, прашањето е дали откако ќе се оформи комисијата, ќе се продолжат роковите за полагање - прашува кандидатот од Прилеп, кој сака да остане анонимен.

Оваа проблематика ја регулира членот 20 од Правилникот за начинот на спроведување на возачките испити, кој го донесе МВР врз основа на Законот за сообраќај.

- Кандидатот за возач на моторно возило кој го положил теоретскиот дел од возачкиот испит може да го полага практичниот дел од возачкиот испит (прв и втор дел) во период од една година од денот кога го положил теоретскиот дел од возачкиот испит.
(2) Кандидатот за возач на моторно возило кој нема да го положи практичниот дел од возачкиот испит во рокот определен во ставот (1) на овој член, го полага повторно теоретскиот дел од возачкиот испит - стои во Правилникот.

Во Законот за сообраќај се вели дека кандидатот за возач го пријавува полагањето на возачкиот испит во испитниот центар според неговото живеалиште, односно во подружницата на испитниот центар каде што има пријавено престојувалиште во последните шест месеци.

- По исклучок од ставот (2) на овој член, во случај кога е одземена лиценцата на испитниот центар или кога има забрана за вршење дејност на испитниот центар, како и во случај кога лиценцата на испитниот центар е истечена, кандидатот за возач го пријавува и полага возачкиот испит во испитен центар надвор од неговото живеалиште, односно пријавено престојувалиште по негов избор - ни одговорија од МВР.



Според решението на МВР за висината на трошоците за полагање на возачкиот испит со кое се утврдени сите трошоци за категоријата Б, за првото полагање на возачки се плаќаат 6.276,00 денари и тука се вклучени полагање тестови, полигон и градско возење.
Повторно полагање на теоретскиот дел од возачкиот испит, кој се состои од 40 прашања, ги чини кандидатите нови 2.241,00 денари.
Цената за повторно полагање на практичниот дел на испитот е по 2.156 денари за прв практичен дел (полигон) и 2.156 денари за втор практичен дел (возење низ град). Ако кандидатот не успее да положи од прв пат, тој мора да уплати повторно за испит и да почека најмалку 15 дена пред да може да се пријави повторно.

Според Законот за безбедност на сообраќајот, кандидатите за возачка дозвола од Б категорија мора да имаат најмалку 40 часа практична обука, од кои 10 часа се на полигон, а 30 часа се на јавен пат. Цената за еден час практична обука е 500-600 денари. Ова значи дека до стекнување со возачка дозвола за управување на автомобил кандидатот ќе мора да издвои најмалку 500 евра под услов да положи од прва и да не чека на формирање на испитна комисија.

Експертите се согласни дека треба да се направат промени во системот за полагање на возачки испит за Б категорија, при што ќе се заштитат правата и интересите на кандидатите, а истовремено ќе се подигнат стандардите за безбедност на сообраќајот.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема