X
 07.07.2018 Наша тема

Вангел Тркаљанов скија, плива, нурка: Ние можеме да бидеме еднакви иако сме со попреченост!

Тркаљанов се залага за развој на екстремните спортови во Македонија


- Лицата со физичка попреченост не се свесни каква сила и способност поседуваат. Знам дека можам да им помогнам споделувајќи го моето искуство - раскажува за Факултети.мк Вангел Тркаљанов од Здружението за лица со параплегија и квадриплегија „Без ограничувања“, кое се залага за развој на екстремните спортови во Македонија.

Вангел е 34-годишен кочанчанец кој, поради повреда во 2005 година, стана квадриплегичар. Парализиран е во нозете и оттогаш е во инвалидска количка. Но тоа не го спречува во остварувањето на неговите соништа. Како и пред несреќата, продолжи да спортува, без да потклекне на тешкотиите. Негова најголема љубов уште од најрана возраст е падобранството. И денес е активен падобранец.
Рекреативно се занимава и со пливање, скијање, скијањe на вода, возење велосипед.



Адаптирани спортови за лица со попреченост

Тој неодамна беше дел од програмата „Развивање адаптирани спортови за лица со попреченост“ во Јута, Америка. Целта на неговата посета била да стекне знаење и да го искористи во правењето акциски планови за доближување на таквите спортови во Македонија. Институцијата што ја посетил брои повеќе од 250 вработени, кои ги организираат сите видови спортови и натпревари.
- Тие прават промоции, дури и испраќаат летоци до центрите за рехабилитација. Луѓето веднаш по повредувањето имаат можност да почнат со различни активности. Ваквиот начин на функционирање го намалува бројот на депресивни лица и на оние со суицидни мисли – објаснува Тркаљанов.



Статистиката покажува дека во првите десет години кај лицата со квадриплегија или параплегија постои голема опасност да си го одземат животот.
- Во центарот ги учат луѓето дека не се безвредни, им даваат поттик да продолжат со животот и да имаат забава – истакна Тркаљанов, кој го задржал својот оптимизам и ведар дух.
Покрај предавањата, таму во слободното време го открил и качувањето по карпа. Кај нас не постои ваква можност за лицата со попреченост. Моментално се подготвува за Европското првенство во падобранство за лица со попреченост, кое годинава ќе се одржи во Москва. Пријавен е во дисциплината фигуративни скокови и е единствениот претставник од Македонија.
Во Белорусија 2016 година го освоил првото место и имал трипати подобро време од второпласираниот. Олеснителна околност е помагалото за падобрански скокови кое му е достапно во последниве неколку месеци. Претходно сѐ било импровизација и морал да набавува од странство. Дополнителни тренинзи во воздушен тунел ќе има и во Русија. Таков тип подготовки имал и во Франција.
- Многу е забавно затоа што ја гледаш околината, природата околу тебе, а ти си во тунел и лебдиш – додава младиот падобранец.



Борба против стереотипите и тешките услови

Кај нас нема спортска опрема приспособена за лицата со попреченост.
- Мораме да купуваме од други држави, а цените се превисоки - нагласува тој.
Овие лица во Македонија се потпираат на помошта од државата и не сакаат да работат. Општеството има наметнато поинакви норми и стигматизацијата е преголема, споредува нашиот соговорник.

Негова желба и цел е да им покаже на лицата што се во инвалидска количка дека можат да спортуваат и да работат. Сака да ги охрабри да го сменат стилот на живеење и да не седат затворени дома. Перцепцијата на околината, според него, е тоа што ги спречува во остварувањето на соништата. Вангел истрајно се бори со стереотипите и чудните погледи со кои секојдневно се среќава. За крај ја пренесува пораката:
- Сите треба да сфатат - ние можеме да бидеме еднакви иако сме со попреченост!
Подготвил: Теодора Цветковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема