X
 07.11.2021 Наша тема

Кипровски: Во Галичник се наоѓа родната куќа-музеј на Ѓорѓија Пулевски, но под клуч и запуштена

Пишувам за недогледните, недопрени убавини и планинските врвови, за пештерите, реките и водопадите на Бистра, Шар Планина, Кораб, Крчин, Дешат, Стогово, Буковиќ, Сува Гора, за најдолгиот водопад во Македонија, вели новинарот и хроничар Киро Кипровски за Факултети.мк


Кипровски е новинар речиси 55 години. Неговото перо редовно зборува за западната страна на нашата татковина. Тој пишува за убавините кои ги крие, но и со кои се истакнува овој крај, пишува и за проблемите, чудата, актуелностите, ги откопува заборавените нешта, а од него ќе дознаеме за многу локации за кои не сме чуле. Соработувал со многу дневни весници, неделни и периодични, со електронски медиуми, електронски портали. Работниот век го минал во Радио Гостивар, сѐ уште е редовен во првиот весник во Македонија - „Нова Македонија“, пишувал за „Вечер“„Утрински весник“, неделниците „Журнал“ „Екран“, „Починка“, „Македонија“, „Скок“, со новинските агенции „Танјуг“, МИА и „Макфакс“, Радио Скопје, Телевизија Скопје, Радио Дојче веле, Радио Берлин и во многу други. Има објавено над десет илјади текстови, толку или повеќе репортерски фотографии во печатените и во електронските медиуми, 11 луксузни монографии со околу 4.000 страници. Повод за нашата средба беше неговото најново дело, монографијата „Иконата на Бистра закрилник на православието“, преку која повторно изискува прошетка во Западна Македонија, овој пат во Бигорскиот манастир.



Ревносно ја ткаевте и најпосле ја создадовте Вашата 11. книга. Таа е нем сведок кој ги опишува последните 25 години во Бигорскиот манастир. Како се создаваше „Иконата на Бистра - Закрилник на православието“?

- Половина век од возобнувањето на монашкото братство во Бигорскиот манастир, на крајот од јули 1995 година, на сите празнувања сум присуствувал и сум информирал. Како ревносен хроничар, го напишав современиот летопис на манастирот. Со монографијата ги оттргнав од заборав многу настани и случувања од животот, молитвите, фрескоживописот на параклисите, библиотеката, трпезаријата, манастирските чардаци, големата сала во која се одржуваат културни и други настани.
Во 1995 година се возобнови монашкото братство, кое со декрет беше укинато од иноверната власт. Условите за живеење на тројцата монаси беа под сите стандарди, немаше вода, струја, ќелиите беа запуштени, темни, со влага, нечисти, сите простории запуштени итн. Монасите, вложувајќи голем труд, успеаја да создадат пристојни услови за живеење и за одржување на секојдневните божествени литургии и за прослава на црковните празници. Како изгледаше Бигорскиот манастир пред 26 години и денес е неспоредливо. Бигорскиот манастир денес наликува на манастир од Света Гора. На Долни палат му се вратени содржини од пред 1912 година, кога беше изгорен, изграден е Источен палат, кој ги поврзува Долен со Горен палат. Целосно е обновен Горен палат по пожарот од 2009 година, автентично како што опстојуваше со векови. Изграден е конак за гости, етноресторан „Куќа на Мијаците“. Монашкото братство ги обнови конаците во раичкиот манастир „Св. Ѓорѓија Победоносец“, метох на Бигорскиот манастир итн.


Киро Кипровски

Доколку некој посака да оди таму, а не може, идеално би било да прочита некој Ваш текст каде што го носите мијачкиот крај пред очите на читателот. Сте размислувале ли за кого пишувате, до кого и каде сакате да стигнат Вашите зборови, реченици, пасуси?

- Кога ќе се објави во медиум, текстот станува достапен за секој љубител на пишаниот збор. Ќе бидам нескромен ако изјавам дека со текстовите успевав на јавноста да ѝ откријам и да ѝ ги доближам, да ја „прошетам“ низ недогледните, недопрени природни убавини на планинските врвови, пештерите, реките и водопадите на планините: Бистра, Шар Планина, Кораб, Крчин, Дешат, Стогово, Буковиќ, Сува Гора, на најдолгиот водопад во Македонија, водопадот Длабока Река на Кораб, Дуфскиот Водопад, во близина на долнореканското село Ростуше, глацијалното езеро Локуф, на планината Дешат, над долнореканските села Битуше и Требиште, мостот Елен Скок на Мала Река, најдолгата и најубава пештера во Македонија, Убавица кај гостиварското село Горна Ѓоновица, пештерата Шаркова Дупка кај село Маврово итн. Моите репортажи биле предизвик граѓаните да ги посетат и да уживаат и во „Св. Богородица“ во горнореканското село Сенце, „Св. Никола“ во село Кичиница, „Св. Никола“ во Беличица и во други места). Со текстови и со фотографии ги афирмирав манифестациите „Галичка свадба“, Мавровскиот собир, Избор на езерска убавица, Долнореканските средби итн. Западниот дел на Македонија е непресушен извор за пишување, треба да се истражува, да се открива скриеното културно и друго богатство.



Како и од кога почнавте да се заплеткувате во пајажината на нашите природни и културни богатства од Западна Македонија?

- Никогаш не сум се заплеткувал и затоа не сум се отплеткувал во природните и културните богатства во западниот дел на Македонија и пошироко, секогаш сум уживал во убавините и сум настојувал што подолго време да останам во природата. Корените ми се од центарот на духовниот, преродбеничкиот, културниот, економскиот центар на Мијачијата и пошироко - Галичник. Инаку, роден и целокупниот работен и животен век го минувам во Гостивар. Уште како дете со дедо ми Нестор Шулевски (татко на мајка ми Милица) ја крстосувавме прекрасната планина Бистра, летниот одмор го минував со овчарите, овците, кучињата, коњите во бачилото Салтаница на планината Бистра, на дедо ми му помагав при косењето на ливадите, при собирање дрва, секоја недела ме носеше на литургија во црквата „Св. Петка“, пееше во црковниот хор, ме носеше и во Бигорскиот манастир. Сето тоа придонесе да ги засакам планината, природните убавини, традициите, обичаите, фолклорот, изворните македонски песни итн. Тоа ми е во крвта, постојано се движам низ планинските беспаќа, запознавам многу лица од кои црпам теми за пишување репортажи, записи кои се несекојдневни, исполнети со многу љубов, емоции, патетики...

Дали сега кога ќе го погледнете Вашето творештво, чувствувате должност дека одново и одново морате да овековечите, опишете и пренесете некој момент поврзан со местата кои ги вардите сиве години?

- Во новинарското творештво никогаш нема крај, ниту пак може да се каже дека сė напишав и нема повеќе што да пишувам. Сė додека здравјето ме служи, ќе пишувам. Многу теми во времето што сум сакал да ги реализирам, од објективни или субјективни причини, не сум ги направил и многу ми е криво. Повторно да се навратам, не е можно, возот замина, не може да се стигне. Во новинарството има правило: ако денес не се заврши работата, утре не ти треба. Кога ќе се добијат информации, треба да се напише текстот и да се објави. Дневно работев по 10 и 15 часа, а остануваше и време за кафеана, да си ја честам душата за исполнетата обврска, да уживам со колегите, другарите и пријателите. Кафеаната е најголемата институција во животот, како да си завршил два факултети!

Каде ги везете Вашите патописи?

- Секаде каде што ќе се најдам, на планина, во манастир, на село, покрај река, во кафеана, најчесто во станот, каде што условите за творење ми се најдобри. Во минатиот век, најтешко ми беше како да ги испратам текстовите (извештај, информација, вест, запис). На многу места немаше фиксен телефон, а таму каде што ги имаше, за да добијам стенограф во редакцијата, најбрзо беше за еден час, а во многу случаи и повеќе. На пример, во февруари 1972 година известував од тримечот на репрезентациите Македонија, Србија и Црна Гора, во алпски дисциплини, што се одржа на скијачките терени на планината Бистра. Натпреварите завршија во 13 часот, резултатите ги добив по еден час. Во меѓувреме наврна снег на локалниот пат с. Маврово - Маврови Анови, и беше непрооден. Пешки за нешто повеќе од еден час ги минав шесте километри и во малата пошта што се наоѓа во една трошна куќа чекав цел час љубезниот поштар да воспостави телефонска врска со редакцијата во Скопје. Прво ја доби поштата во Гостивар, го поврзаа со поштата во Скопје, а тие со редакцијата на „Нова Македонија“. За денешната генерација, ова е чудно.



Богати сте со многу прикaзни, ќе споделите ли некој Ваш спомен што не е запишан?

- Многу доживувања, анегдоти се случуваа на патувањата во Македонија и низ некогашната заедничка држава СФРЈ, низ светот, имав многу средби и разговори со обични луѓе, со врвни уметници, актери, пејачи, како и со политичари и стопанственици. Навистина е многу тешко да одделам некоја од илјадниците анегдоти. Поетот Радован Павловски, академик на МАНУ, неколку години по ред, во сите годишни времиња го придружував и му фотографирав пејзажи, цркви, куќи од неговата Железна Река, од планината Добра Вода. Некој ден по Втори август, со поетот и мала група љубители на планината од Железна Река и Гостивар, по неколкучасовно пешачење низ планинските беспаќа, стигнавме на врвот Добра Вода (2.062 метри надморска височина). Откако одморивме, Раде ни кажа дека треба да извршиме археолошко истражување на просторот: „Кога имав дваесетина години, пред половина век, на овој простор често доаѓав, во една пригода на лист хартија напишав прекрасна песна и ја оставив под еден камен. Дојде момент да ја откопаме“. За еден и пол час ја „изоравме“ планината, камен по камен подигнувавме и не успеавме да ја пронајдеме песната.

Дали македонскиот народ доволно го вреднува, познава и негува древното културно-историско богатство што го поседува?

- Тешко можам да одговорам на ова прашање, треба да се направи истражување, добиените податоци да се анализираат и да се добие реален заклучок. Според мое мислење, надлежните институции не доволно или воопшто не се грижат за зачувување на древното културно наследство. Ова ќе го поткрепам со два примера, а ги има прилично многу. Во Галичник, во долниот дел, каде што почнало да се гради селото, се наоѓа родната куќа на Ѓорѓија Пулевски, македонски лексикограф, поет, историчар, граматичар, собирач на народни песни и војвода. Неговата куќа во 1956 година беше претворена во „Меморијален музеј на Ѓорѓија Пулевски“. Четири години е под клуч, затворена за посетителите. Поранешниот претседател на МЗ на Галичник, Митре Ажиевски, пред неколку години ни изјави дека со музејот управува националната установа Музеи на Македонија, од неразбирливи причини музејот е затворен, пропаѓа и на посетителите им е скратена можноста да ги разгледаат уникатните и оригинални експонати. Во уште полоша состојба се наоѓа „Музејот на првата партизанска печатница“ во долнореканското село Битуше. Веќе неколку години никој не се грижи за овој музеј. Искршени се стаклата на прозорците, надворешната врата е отворена, целата поставка е расфрлена на подот, дел уништена, како и дрвената преса, буквите, фотографиите и друго. Списокот со незаштитени споменици на културата е доста долг. Крајно време е надлежните институции да поведат грижа, да почнат да ги обновуваат оштетените културни споменици, да ги вратат во првобитна состојба и да ги стават во функција, да ја сочуваат историјата, а со тоа ќе дадат соодветен прилог во овие времиња кога од сите страни е нападнат македонскиот идентитет, македонскиот јазик, постоењето на Македонците. Во последниве години младите покажуваат интерес за посета на културното богатство, на социјалните мрежи ги критикуваат институциите кои не водат грижа за одржување на културното богатство и ги отфрлаат изреките дека нема пари.

Фото: приватна архива
Подготвил: Александра Овчарска-Бела

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема