Бевме гладни за читање и често чекавме ред пред библиотека за книга или списание на англиски јазик. Читањето ни беше „бавна“, а не „брза“ храна, ни беше задоволство, а не само начин за прибирање голем број плитки информации како што тоа го прават денешните студенти од интернет - Зоран Анчевски прави споредба меѓу неговите студентски денови и денешните навики на младите.
Англискиот јазик му „легнал“ преку рокенрол-песните што ги слушал во младоста. Со преводот се „заразил“ транскрибирајќи ги хитовите од странски бендови за да можат точно да ги изведат маалските рок-бендови. Така наместо на медицина, завршил на студии по англиска книжевност на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Зоран Анчевски е еден од најголемите македонски поети на денешницата. Во два наврата ја доби наградата „Браќа Миладиновци “ на Струшките вечери на поезијата за збирките „Небесна пантомима“ во 2018 и „Збунети компаси“ во 2022 и наградата „Григор Прличев“ за поемата „Коњски житија“ во 2023 година. Автор е на повеќе стихозбирки, преведувач и уредник на голем број поетски антологии, избори и прозни дела на врвни светски автори од англиски на македонски јазик. Добитник е на престижното меѓународно признание за поезија „Џакомо Леопарди“ во Италија, 2004, а за својата преведувачка дејност ја има добиено наградата „Григор Прличев“ на Друштвото на литературни преведувачи во 2001 година.
-Идејата да се запишам на Филолошки факултет дојде сосема случајно, откако сфатив дека не сакам да студирам медицина иако се подготвував за тоа. Англискиот јазик „ми легна“ преку рокенролот кој го слушав како маѓепсан за време на моите гимназиски денови. Рускиот во тоа време беше во дефанзива, како и францускиот, а благодарение на рокенролот и неговата култура, англискиот доживеа невидена експанзија: мојата генерација броеше над сто бруцоши. Се сеќавам, на маалските рок-бендови им преведував и транскрибирав (колку што знаев и умеев) песни од Битлси, Ролинг стоунс, Би-џиз, Ху и други за да знаат што пеат и како да изговараат на англиски јазик, па така се заразив и со преводот - се навраќа на студентските денови Анчевски.
Од Филозофски на Филолошки факултет
Бил студент во седумдесеттите години од минатиот век. Морал првин да се запише на Филозофскиот факултет зашто дури по втората година од студиите Филолошкиот се оформил како посебна високообразовна установа со Катедра за англиски јазик и книжевност, како една од најмладите катедри.
-Тогаш немаше насоки и отсеци, па така изучувањето на јазикот и културата на тој јазик (историјата, цивилизацијата и книжевноста) беа интегрирани во еден студиум, што и до ден-денес сметам дека е најцелисходно при формирањето вистински филолог, без оглед дали подоцна ќе се обликува како толкувач, книжевен преведувач или наставник - додава Анчевски.
Компетентни професори и странски лектори
Професорите, иако биле пионери во професијата, давале сѐ од себе и работеле со голем ентузијазам. Студентите имале исклучителна можност да слушаат предавања и од странски лектори и да го учат јазикот од домородни говорници.
-Доаѓаа на предавања многу компетентни професори од Белградскиот и Загрепскиот универзитет, а ја имавме и таа среќа редовно да добиваме странски лектори и професори преку Британскиот совет и Фулбрајтовата програма. Најчесто се работеше за искусни професори и виспрени млади лектори од Велика Британија и САД, од кои многу научив бидејќи тогаш контактот со домородни говорници (а згора на тоа и универзитетски професори) беше многу ретка можност - вели Анчевски.
Како студент уживал во подготовките на книжевните предмети (како од англиска така и од американска книжевност) и така се фокусирал повеќе на книжевноста и културологијата.
-Најмногу ги сакав испитите кај проф. Светозар Бркиќ од Белград, не оти беа лесни, туку поради тоа што научив што значи да се биде одушевен од тешкото. Најмногу се мачев со општите предмети Општонародна одбрана (ОНО), Социологија и сл. поради лошата методологија во наставата и изведувањето на испитите. Може да звучи необично од денешен аспект, но го сакав предметот по марксизам сфаќајќи го како филозофија, а не како идеологија - вели поетот и преведувач.
Читањето е многу важно за комплетен филолог и преведувач
Како студенти многу брзо им станало јасно дека да се биде добар и комплетен филолог и преведувач, најважно е читањето и аналитичкиот пристап кон текстот, т.е. неговото „разглобување“ и толкување, без оглед дали се работи за стручен или за книжевен текст.
-Бевме гладни за читање и често се случуваше во нашата семинарска библиотека да се чека на ред за книга или списание на англиски јазик, што сега е незамисливо со оглед на можностите што ги нуди интернетот. Читавме многу повеќе од студентите денес. Читањето ни беше „бавна“, а не „брза“ храна, ни беше задоволство, а не само начин за прибирање голем број плитки информации како што тоа го прават денешните студенти од интернет. Впрочем, одамна немам чуено млади луѓе да разговараат за прочитана книга во бифе, кафуле или во ресторан. Нам тоа ни беше речиси секојдневие - вели Анчевски.
Другарувале со Горан Стефановски, Драги Михајловски и други автори
Додека студирал во Скопје, имало и книжевни клубови, како „Кочо Рацин“ во Домот на градежниците, „22 Декември“ во Домот на армијата каде што убаво се дружеле, читале и дискутирале за поезија. Студиите и клубовите многу придонеле за неговото зреење како поет.
-Самата катедра има многу силна книжевна традиција што започна во тоа време бидејќи во неа како млад кадар другарувавме, се читавме, критикувавме и подучувавме со Горан Стефановски, Драги Михајловски и други колеги кои активно пишуваа. Тоа продолжува и денес бидејќи на катедрата професорки се веќе афирмираните авторки Калина Малеска и Румена Бужаровска, а следам и уште неколку многу даровити автори чие време допрва доаѓа. Тие години на авторско дружење и зреење од денешен аспект ги сметам за непроценливи - додава Анчевски.
Вели дека во студентските денови човек не може да има сериозни преводи, туку само сериозни обиди. Неговата генерација ја читала својата лектира главно во преводи на српско-хрватски јазик, а преведувањето директно од англиски на македонски јазик уште било во пионерска фаза.
-Полето беше огромно, а искуството премало. Мислам дека студиите ми помогнаа да го мапирам мојот интерес во полето на преводот, но сериозните преводи дојдоа подоцна, откако претходно во книжевните списанија што тогаш постоеја во Македонија почнав да претставувам во превод избори од најразлични англо-американски автори од мојата лектира и така ја минав фазата на чиракување во работилницата на преводот - вели преведувачот.
Студискиот престој во САД во текот на најпрогресивните движења во книжевноста
По дипломирањето Анчевски заминал на постдипломски студии и стекнал магистерско звање од областа на современата американска поезија на Државниот универзитет во Чико, Калифорнија.
-Да се биде во Сан Франциско, да се појде во Лос Анџелес, да се вдиши атмосферата на клучните калифорниски универзитети како што се Беркли и Стенфорд, во тоа време беше како да се биде во жижата на најпрогресивните движења во книжевноста и уметноста воопшто. Имав одлични професори, посетував и часови по креативно пишување на кои доаѓаа врвни американски автори, одев на книжевни средби, читања, концерти, хепенинзи и се спријателив со голем број колеги кои сега нешто значат во американската книжевност и култура. Тој студиски престој ми беше пресвртница во животот од најразлични аспекти бидејќи тогаш се профилирав како човек од професија, но и како автор кој пред себе си поставил високи вредносни аршини кои сѐ уште ги почитувам и негувам – вели Анчевски.
Кога пак би одбирал, би ги избрал истите студии
Работниот век како универзитетски професор го мина на Филолошкиот факултет, каде што беше и студент. Го прашавме кои денови му беа посреќни - студентските или професорските?
- Во носталгична смисла, студентските – во професионална смисла, професорските. Кога би можело пак да ми се понуди да одбирам студии и професија, би ги избрал истите. Среќата ја сметам за променлива категорија. Во младоста човек може да е среќен и со ситни работи, но кога ќе помине прекрасната невиност на младоста и кога човек од различни причини ќе падне и прокрвави „врз трњето на животот“ (како што вели поетот Перси Шели), среќата станува поретка и поинаква категорија. Но и во подоцнежните години човек може да е среќен, иако изворите на таа среќа се поинакви - посочува Анчевски.
Фото: приватна архива