X
 10.01.2024 Наша тема

Ако не добијам работа, ќе бидам принудена да ја напуштам Македонија, вели д-р Елмедина Асани, специјализант по неврохирургија

Привршува со специјализацијата по неврохирургија, а сѐ уште нема изгледи за вработување, иако Медицинскиот факултет го завршила со просек 9,7 и поминала многу доедукации

Тешко е да се поверува дека во земја која кубури со доктори, квалитетни медицински кадри остануваат без работа. Д-р Елмедина Асани во март ќе ја заврши приватната специјализација по неврохирургија, а претходно Медицинскиот факултет во Скопје го заврши со просек 9,7, помина многу доедукации во земјава и странство, а сѐ уште не доби вработување. Таа критикува дека во државното здравство има политизираност и непотизам при вработувањата, а во приватните клиники се бара долгогодишно искуство. Елмедина сака да остане и да работи во Македонија, но доколку и како специјалист не добие вработување, плата, осигурување, со еден збор егзистенцијална сигурност, ќе мора да ја напушти државата.

- Ми останаа последните два месеца од специјализацијата, по што ќе останам без работно место. Ја сакам работата со пациенти и можноста да работам на научноистражувачки проекти и сè што барам е да ми се даде можност да работам. Сум вложила и секогаш ќе вложувам повеќе, максимум од себе за да бидам најдобра што можам. Јас сакам да останам во Македонија, но не сум сигурна дека Македонија сака да ме задржи. Ако продолжам да бидам невработена, без здравствено и пензиско осигурување, без работен стаж и без никаква работна сигурност, колку и да имам желба да останам, ќе бидам принудена да ја напуштам Македонија - вели д-р Асани.



Работните места се пополнуваат по партиска линија

Иако секоја година се распишува конкурс за приватни специјализации, додава докторката, државата нема никаков план за тоа каде и како да се вработуваат тие млади доктори. Па затоа, млад лекар е најголем извозен производ на Македонија. Работните места се пополнуваат несоодветно, по партиска линија, со неквалификувани лица, а се игнорираат достигнувањата и знаењето.

- Покрај финансиските проблеми, едни од главните причини зошто докторите ја напуштат Македонија се политизираноста и непотизмот во вработувањето. Не секогаш најдобрите се тие што се вработуваат. Дополнително, демотивирачки влијае начинот како децата на професори, а во денешно време особено и тие со партиски врски, се пробиваат многу лесно во здравствениот систем, било преку добивање специјализација било преку вработување. Едноставно нема простор за нас, обичните смртници, колку и да се трудиме - додава Асани.

Бесмислена е потребата да имаш афинитет кон партија за да изградиш кариера

Досега имала повеќе понуди за работа во странство, како од земјите во регионот така и од Западна Европа. Понуди сè уште ѝ стигнуваат и, како што вели таа, тука се и го чекаат мигот кога ќе одлучи да замине, а главната причина ќе биде затоа што нема основни услови за достоинствен живот.

- За мене е неоправдана, бесмислена потребата да имаш афинитет кон една политичка партија за да можеш да постигнеш нешто во професионалниот живот. Јас останав во Македонија бидејќи верувам дека, покрај сè, имаме можност, капацитети и желби за подобрување. Сметам дека доколку сите се потрудиме, и ние и тие што ги водат здравствените политики, можеме да ја донесеме западната медицина кај нас. За мене, главна мотивација за работа се пациентите - додава таа.



Политиката и непотизмот да се тргнат од здравството

За да се доведат работите на прав пат, таа нагласува дека политиката и непотизмот треба да се тргнат од здравството. Пациентите го заслужуваат најдоброто од лекарите, но смета дека тоа нема да го добијат ако критериумите за вработување и специјализација се базираат на систем на нарушени вредности. Нејзин став е дека треба да има потешки и добро дефинирани критериуми за запишување на медицинските факултети и на специјализација. Нема потреба за толку голем број студенти по медицина и специјализанти кои на крај нема како да ги вработиме.

- Македонија се соочува со голем одлив на млади луѓе од сите области, а медицината е најзасегната. Јавното здравство се соочува со голем недостиг на персонал и тоа допрва ќе се одрази врз секојдневното работење. Приватните болници, од друга страна, нудат одлични опции за работа, но тие се сепак приватни институции каде што главен императив за вработување е долгогодишно искуство - вели д-р Асани.

Неврохирургијата - прв и единствен избор за професија

Медицината ѝ е голема љубов, а се одлучила да стане доктор за да може да им помага на пациентите. Дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје за шест години, со просек 9,7. За време на студиите, како и за време на специјализација, била на различни доедукации, конференции и конгреси во Берлин, Њујорк, Виена, Салцбург, Стокхолм, Загреб, Ерусалим и во земјите од регионот. Неврохирургија ѝ е прв и единствен избор за професија.



- Неврохирургијата е комплексна специјализација и нашите методи за работа, инструменти и процедури се развиваат и се подобруваат речиси секој ден. Друга мотивација за мене се успешните неврохирурзи во нашата земја и во светот. Тие се многу интелигентни, амбициозни и страсни луѓе кои се вешти во областа на неврохирургијата. Од нив има многу што да научам. Спремна сум да се соочам со сите предизвици. Само на таков начин, со максимална посветеност во работата, може да се гради успешна кариера. Само така можам да бидам добар хирург - заклучува докторката.

Човечкиот мозок е најкомплицираниот уред во универзумот

Таа објаснува дека е фасцинирана од мозокот и од начинот на кој тој функционира. Вели дека тоа е најкомплицираниот уред што го знаеме во универзумот. Има 10 милијарди клетки само во кортексот, кој е надворешен дел од мозокот и само во едно мало парче од тој кортекс, во еден кубен милиметар, има повеќе врски отколку што има ѕвезди во галаксијата Млечен Пат. Сите овие врски го прават мозокот способен за складирање и преземање големи количини податоци на неверојатни начини. Системот на складирање информации, односно меморија во нашиот мозок е толку сложен, што најнапредните суперкомпјутери дури и не се приближуваат до капацитетот за складирање на мозокот, кој изнесува 10 трилиони бајти меморија. Неврохирурзите се одговорни за оваа најневеројатна работа што ја знаеме во целиот универзум - човечкиот мозок.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема