Во јануари 2020 година властите го затворија Вухан, мултимилионски кинески град, поради брзото ширење на новиот коронавирус за кој се веруваше дека потекнува и се рашири од тамошниот пазар. Повеќе од 13 милиони жители во градот и повеќе од 60 милиони во провинцијата Хубеи поминаа 76 дена во строга изолација, при што епидемиолозите и владите низ светот главно го следеа примерот на Кина. Но, каков е животот во Вухан денес, пет години по избувнувањето на вирусот?
Новинарите Лука Хвалц и Мај Валериј од Радио Словенија го побараа одговорот на ова прашање и снимија радиорепортажа на оваа тема, која ја пренесе порталот на Словенечкиот јавен сервис. Тие го посетија Вухан неколку дена пред кинеската Нова година. Ја опишуваат атмосферата во градот како опуштена и динамична,иако прекрасните облакодери од двете страни на реката биле обвиени со магла и смог во еден инаку сончев ден.
Разговарале со неколку луѓе, а тие им кажале дека не се занимаваат со прашањата поврзани со појавата на коронавирусот во тој град. Ним им било непријатно бидејќи се познати само по ковид-19 и не сакаат да зборуваат за тој тежок период. Според официјалната статистика на кинеските власти, во првите три месеци од целосното заклучување на градот до крајот на април 2020 година 3.869 жители на Вухан починале од инфекција со коронавирус.
Џинг, првиот соговорник на словенечките новинари, им вели дека се горди на кинеската влада бидејќи со строги мерки успеала да ги заштити своите жители од уште поголема катастрофа. Тој ги пофалил одговорните за грижата за сите за време на речиси тримесечното затворање на градот, а оние што биле испратени во карантин можеле бесплатно да живеат во хотели.
„Блиндиран“ пазар
Областа на пазарот Хуанан остава малку поинаков впечаток бидејќи се верува дека коронавирусот таму преминал од животните на луѓето и ја започнал пандемијата. Околу него има високи сини огради, во околината се гледаат неколку обезбедувачи, поставени се и камери, но насекаде низ градот е така. Горниот дел на една од експозитурите на маркетот е отворен, но таму продаваат чаши со години, па немаат никаков контакт со делот каде што се нудела храна, а се претпоставува и со живи животни. Пазар за храна сега функционира во населба оддалечена 40 минути. Не се знае што ќе биде со двете згради во центарот на градот. Интересно е што во соседството има градинка, веднаш до забарикадираниот пазар, пишуваат словенечките новинари.
Тие велат дека обезбедувањето не им дозволило да ги посетат најголемите гробишта во градот, каде што за време на пандемијата неколку недели не биле дозволени погреби. Од нив било побарано да си заминат. Затоа тие можеле да разговараат со професорот Џорџ Фу Гао, водечки кинески вирусолог и директор на Националниот центар за заразни болести. Гао инсистирал дека нема докази оти вирусот што брзо се шири низ светот потекнува од пазар во Вухан.
- Јавноста беше предупредена. На 23 јануари 2020 година нашата влада одлучи целосно да го заклучи целиот град Вухан. Сето ова беше неопходно, но и необично, иако за нас професионалците ваквата постапка е сосема нормална. Претходно, кога имаше појава на САРС, ги активиравме истите механизми откако го идентификувавме потеклото на вирусот. Тогаш мерките стапија во сила веднаш, САРС не се прошири, но за жал, со ковид беше поинаку. Мислам дека овој коронавирус беше многу „паметен“, знаеше како да избегне замки, прерасна во пандемија - вели Гао, но не одговорил на прашањата за соработката со Светската здравствена организација во истражувањето на потеклото на вирусот, како и деталите за потеклото и преносот на коронавирусот од животни на луѓе.

Верба во вештачката интелигенција
- Можеби еден ден вештачката интелигенција ќе помогне да се најдат одговорите - ја завршил Гао својата изјава.
Се чини дека Кинезите се потпираат на него и во многу други области. Имено, по завршувањето на пандемијата, Вухан развил еден од најмоќните суперкомпјутерски системи во Кина, а најнапредните компании работат во таканаречената оптичка долина.
Словенечките новинари ја посетиле и фабриката „Хисенс“, еден од најголемите производители на телевизии во светот и сопственик на „Горење“ од Велење, своевидна врска меѓу Кина и Словенија. Вухан е дом и на најнапредните компании во ласерската и оптичката индустрија, а исто така е и седиште на „Јангце Мемори“, најголемиот кинески производител на компјутерски чипови и полуспроводници.
Вухан сè повеќе ја инкорпорира вештачката интелигенција во организацијата и контролата на градскиот живот бидејќи има цел да стане суперпаметен град. Во близина на споменатата оптичка долина се тестира самоуправувачка магнетна железница, а веќе може да се испробаат самоуправувачки такси-возила. И покрај стагнацијата и неизвесноста околу воведувањето на американските царини, Вухан сè уште има силна автомобилска индустрија, првенствено фокусирана на електричните автомобили.
Словенечките новинари заклучуваат дека дури и во неформални разговори е речиси невозможно да се почувствува сомнеж дека нешто тргнало наопаку во пандемијата, или дека можеби работите можеле да се направат подобро. Коронавирусот само уште повеќе ги зближил Кинезите, и тие се горди на себе и на одговорот на владата на пандемијата и веруваат дека заедно ќе ги надминат заканите на Трамп за царините. Сепак, денес, празната болница, која беше изградена на периферијата на Вухан за само десет дена од почетокот на пандемијата, останува подготвена.
Извор: tportal.hr
Фото: Freepik