X
 09.08.2020 Здравје

Најчести митови за маските за лице

Носењето маска стана тема на многу дебати и дискусии низ целиот свет. Мислењата на луѓето се поделени, иако здравствените власти и експертите советуваат да се носи заштита за лице за да се намали ширењето на коронавирусот.

Носењето маски стана вообичаено по појавата на коронавирусот во многу земји во Азија, но помалку луѓе носат маски на Западот. Во САД носењето маски за лице стана политичко прашање, иако Антони Фаучи, директор на американскиот национален институт за алергии и заразни болести, повеќепати изјави дека носењето маска помага во намалувањето на ширењето на коронавирусот.

Според неодамнешна анкета, 89% од Американците изјавија дека носат маски во јавност. Во меѓувреме, многумина се повикуваат на разни причини за да не носат маски. Но, брзо се појавија и вести кои покажаа дека овие причини веројатно се митови.


Фото: Freepik

Мит 1: Се намалува нивото на кислород што се вдишува

Носењето маска може да биде непријатно или невообичаено за оние што не се навикнати на тоа, но не предизвикува вдишување на јаглероден диоксид или недостиг на кислород. Здравствените работници постојано носат вакви маски и немаат проблеми со дишењето.

Доктор Вилијам Шафнер, професор за заразни болести на Универзитетот „Вандербилт“ во Нешвил и медицински директор на Националната фондација за заразни болести, вели дека на здравите луѓе не им пречат маските додека извршуваат физички активности. Маитиу О Туатаил, лекар од Ирска, покажал дека нема недостиг на кислород дури и кога носи шест маски.

Експертите препорачуваат почесто дишење преку носот доколку чувствувате непријатност при носењето на маската. Но Светската здравствена организација вели дека не треба да се носи маска при вежбање бидејќи потта може да ја навлажни маската и со тоа да влијае врз дишењето, а и го поттикнува размножувањето на микроорганизми.

Мит 2: Доколку не ви е лошо, не ви треба маска

Истражување спроведено во Италија покажало дека 40% од луѓето што имале позитивни тестови за коронавирус немале симптоми. Друго истражување посочува дека ширењето на вирусот од лицата без симптоми е уште почесто.

Според тоа, над половина од пациентите се заразиле од лица без симптоми или лица што подоцна имале симптоми. Заклучокот е дека можеби физички се чувствувате добро, но тоа не значи дека не го носите коронавирусот во себе.


Фото: Freepik

Мит 3: Маската нема да го заштити лицето што не е заразено

Главната цел на носењето маски е да се спречи ширењето на коронавирусот, особено на јавни места и околу луѓе што не ги гледате често, особено доколку не може да се одржи физичка дистанца. Маските ги заштитуваат луѓето што ги носат, иако тие се поефикасни кога ги носат лица што се заразени.

Мит 4: Не треба да носите маска доколку имате медицинска состојба

Правилата за ова се разликуваат од држава до држава. Некои власти велат дека некои луѓе не треба да носат маски поради анксиозност, клаустрофобија и други тешкотии со менталното здравје, вели психотерапевтот Сузан Бабел.

Таа објаснува дека многу трауматски спомени може да се поврзат со маските за лице. На пример, луѓето може да имаат трауми доколку биле ограбени или повредени од лице со маска или имале третмани за рак или вирус поради кој нивните блиски морале да носат маски. Таа ги советува овие лица да научат како да се смират додека носат маска за да се соочат со предизвиците.


Фото: Freepik

Според докторката Џенифер Ештон, оние со респираторни болести, како астма, имаат дури и повеќе причини да носат маска за време на пандемијата. Доколку некој се чувствува доволно добро за да излезе во јавност, може да носи маска или заштита за лице, вели таа.

Мит 5: Доволно е само да се носи маска

Како што велат од Светската здравствена организација, носењето маска не е доволно. Потребно е да се задржи физичката дистанца и редовно да се одржува хигиената. Истовремено, организацијата ја нагласува потребата за безбедно носење на маските и нивно одржување.

Автор: Шон Флеминг
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје