X
 10.09.2023 Наука

Кое е научното објаснување за испуштањето на отпадната вода во Фукушима?

Јапонија почна да испушта прочистена радиоактивна вода од оштетената нуклеарна централа Фукушима во Тихиот Океан - 12 години по големата нуклеарна несреќа. Кина веднаш го критикуваше Токио и воведе целосна забрана за увоз на јапонски морски плодови, а протести беа организирани и во Јапонија и Јужна Кореја поради испуштањето на оваа вода во океанот.

Регулаторното тело за атомска енергија на Обединетите нации тврди дека водата ќе има „незначително“ радиолошко влијание врз луѓето и животната средина. Но, дали е навистина безбедна?

Уште од катастрофата, нуклеарната компанија „Тепко“ пумпа вода за да го лади реакторот. Тоа значи дека електраната секој ден произведува контаминирана вода, која се складира во повеќе од 1.000 резервоари, што е доволно за да се наполнат повеќе од 500 олимписки базени. Јапонија вели дека ѝ треба земјиштето окупирано од тие резервоари за да може да изгради нови капацитети за безбедно деактивирање на централата.

Јапонија постепено испушта отпадна вода во океанот, со дозвола од Меѓународната агенција за атомска енергија. Првото испуштање е едно од четири планирани до крајот на март 2024 година. Целиот процес на деактивирање на централата ќе трае најмалку 30 години.

Проблемот со испуштањето на водата е радиоактивен изотоп на водород наречен трициум, кој не може да се отстрани од контаминираната вода бидејќи не постои технологија за тоа. Наместо тоа, водата се разредува. Пораката од многу експерти е дека испуштањето на оваа вода е безбедно, но меѓу научниците постои несогласување за последиците. Трициумот може да се најде во водата насекаде низ светот. Многумина тврдат дека ако нивото на трициум е ниско, последиците се минимални. Но, критичарите велат дека се потребни повеќе студии за тоа како тоа може да влијае врз океанското дно, морскиот живот и луѓето.


Фото: Pixabay

Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека независна анализа покажала дека концентрацијата на тритиум во ослободената вода била многу под дозволената граница. Еден ден по испуштањето на водата, „Тепко“ објави дека примероците од морската вода покажале дека нивоата на радиоактивност биле стабилни и во рамките на безбедносните граници.

Џејмс Смит, професор по геолошки и еколошки науки на Универзитетот во Портсмут, вели дека теоретски, може да ја пиете таа вода бидејќи отпадната вода веќе е прочистена кога се складира и разредува. Но, некои научници тврдат дека не може да се предвиди влијанието што ќе го има испуштањето на оваа вода. Американската национална асоцијација на морски лаборатории во декември 2022 година наведе дека јапонските податоци се неубедливи.

- Видовме несоодветни радиолошки процени на влијанието врз животната средина поради кои сме многу загрижени дека Јапонија не само што нема да може да открие што сѐ испушта во водата, морските седименти и организми, туку дури и ако успее во тоа, нема ресурси за водата да се исчисти потоа - изјавиле од асоцијацијата.

Еколошки групи како „Гринпис“ одат чекор понатаму повикувајќи се на студија објавена во април 2023 година од научници од Универзитетот во Јужна Каролина. Според неа, трициумот може да има директни негативни последици врз растенијата и животните, како намалена плодност и оштетување на клеточната структура. 

Експертите велат дека отпадните води може да ги однесе морската струја, но рибарите во Јапонија се плашат за својата егзистенција, а жителите стравуваат да пливаат и да нуркаат во водата.

Извор: BBC
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука