X
 10.10.2017 Наша тема

Психолог Ивана Хаџиванова: Секој човек во својот живот барем еднаш ќе се соочи со симптоми на депресија или анксиозност

Психологот и психотерапевт Ивана Хаџиванова смета дека грижата за менталното здравје треба да ни биде приоритет на сите, а посебно на младите. - Низ светот одењето на психотерапија е нормална работа, да речеме исто како и одењето на забар. Никој не е имун на тежината на животот, секој човек најмалку еднаш се почувствувал преплавен од негативни емоции и психолошки симптоми и го знае значењето на подадената рака во тој период, вели таа



Ивана Хаџиванова

Aнксиозност, недостиг на внимание и хиперактивност, панично растројство, фобии, опсесивно-компулсивно растројство, депресија, злоупотреба на психоактивни супстанции, растројства во исхраната, растројства на поведението, маргинализација, ниска самодоверба и несигурност се само дел од сериозните психолошки растројства што најчесто се јавуваат кај младите, а не ги одминуваат ниту Македонците. Психологот Ивана Хаџиванова без двоумење тврди дека кај нас постои епидемија на анксиозност која претставува загрижувачка појава во современото општество, за која мора да се зборува и интензивно да се работи. На Светскиот ден на менталното здравје - 10 Октомври, со Хаџиванова разговаравме за еден од најголемите здравствени приоритети во Европската Унија, но и во нашата држава. Таа вели дека според податоците од последната студија за глобалната оптовареност со болести, менталните растројства претставуваат 22 процента, односно речиси една четвртина од оптовареноста со болести во ЕУ. Тие ги спречуваат луѓето да уживаат во здравјето и во квалитетот на живеењето и да го реализираат својот целосен потенцијал во работата, образованието и социјалниот живот.

Кои се главните причини за појавата на психолошки растројства и зошто е голем бројот на младите лица што страдаат од нив?
- Младите луѓе на возраст помеѓу 15 и 25 години, како што растат, искусуваат различни периоди на промена, како што се премин од детство во адолесценција, од образование кон работа, менување на социјалните односи со семејството и врсниците, создаваат партнерски релации. Овие промени предизвикуваат висок степен на ранливост за младите луѓе кои не секогаш се во можност сами да се справат со притисоците и предизвиците. Ако овие периоди на промена се подолги и посложени, младите луѓе се со поголема веројатност да се соочат со одредени тешкотии. Резултат на тоа е појавата на процент на млади луѓе со предиспозиција да страдаат од психолошки растројства. Тоа влијае врз намалување на капацитетите за водење исполнет живот, користење на сопствените потенцијали и успех во социјалниот, образовниот и професионалниот аспект од нивниот живот. Неретко младите луѓе се соочуваат со недостиг на одбранбени механизми за справување со стресот со кој се соочуваат. Поддршката и третманот треба да се базираат на силна меѓусекторска соработка меѓу семејствата, училиштата, работодавците, здравствените работници од јавниот и од приватниот сектор, кои можат ефикасно да стигнат до младите луѓе во нивната секојдневна средина додека се активно вклучени.



Кога се забележуваат првите знаци на психолошките растројства?
- Повеќе од половина од менталните растројства кај младите излегуваат на површина пред дваесет и петтата година од животот, па затоа е од суштинско значење да се обезбеди соодветна поддршка и грижа во доволно рана фаза. Неуспехот во третирањето и превенцијата на менталните здравствени растројства кај младите луѓе се потврдува дека има значајни последици за нивната иднина, што резултира со намалени очекувања од животот и работата, истовремено со негативен социјален и економски исход за целото општество. Возрасните имаат родителска одговорност за младите луѓе, но и младите имаат лична одговорност за себе и треба да преземат сè за превенција, заштита и третман на својата психолошка состојба и ментално здравје. Мора да се развие и негува нивната желба за сè поголем личен раст и развој.

Постои ли свесност кај младите во Македонија за потребата од психотераписки третман и работа на себе во смисла на личен раст и развој?
- Ме радува фактот дека македонската популација е многу повеќе запознаена и почнува психотерапевтски третман за одржување на својот ментален еквилибриум, споредено со податоците од минатата деценија. Особено сум среќна што постои свесност и кај младата популација, кај која психотерапевтската работа дава огромен успех. Голем дел од мојата енергија како професионалец е насочена токму кон тоа да се доближи психотерапијата и посетата на психолог до македонскиот народ воопшто. Имено, сметам дека одиме во насока кон западните трендови каде што секој човек практикува редовно да посетува психотерапевт за подобрување на квалитетот на своето живеење и нега на своето психолошко здравје. Психолошкото здравје на човекот е еднакво важно како и соматското-телесното, тие се меѓусебно поврзани. Добро ни е познато дека голем број телесни здравствени проблематики се предизвикани од нарушена психолошка рамнотежа и негрижа за менталното здравје. Низ светот одењето на психотерапија е нормална работа, да речеме исто како и одењето на забар. Никој не е имун на тежината на животот, секој човек најмалку еднаш се почувствувал преплавен од негативни емоции и психолошки симптоми и го знае значењето на подадената рака во тој период. Секој човек во својот живот барем еднаш ќе се соочи со депресивна симптоматологија, анксиозна состојба или панична состојба.



Колку психологот или психотерапевтот може да помогне за одржувањето на менталното здравје и менталната хигиена на секоја единка?
- Многу, тоа е и всушност главниот дел од нашата работа и мисија, а се реализира низ советување, психотерапија и психодијагностика. Личниот раст и развој подразбира соочување со секојдневието, но и разрешување на дадени конфликти и развојни процеси. За жал, без двоумење тврдам дека постои епидемија на анксиозност која претставува загрижувачка појава во современото општество, за која мора да се зборува и интензивно да се работи особено со младата популација. Несомнено е дека интензивната анксиозност е едно од најмачните чувства што човекот ги доживува во својот живот и претставува динамички центар на неврозата. Епидемиолошките истражувања укажуваат на голема преваленција на анксиозните растројства, што ги прави најчести ментални растројства. Елементот на беспомошност кој се јавува во рамките на анксиозните состојби е најчесто најнеподнослив за индивидуата, а особено за младата и сè уште незрела личност. Психотерапијата е главна алатка за утврдување на причините за настанување на анксиозноста.

Како всушност дејствува психотерапијата? 
- Стручна помош за надминување на акутни проблеми во живеењето, сериозни психолошки симптоми, растројства и болести, како и личен раст и развој на нови потенцијали и свесности за себе. Тоа е психотерапијата. Тоа е поим кој го означува процесот на промена што се случува при контактот на едуциран психотерапевт и клиент. Тоа е структуриран процес на постепени промени и достигнување на цели, решавање проблеми, психолошки конфликти и симптоми или развој и интеграција на сопствената личност. Таа е процес на себеспознавање, откривање на своите ограничувања и потенцијали, несвесни содржини кои нè спречуваат да бидеме нашата најдобра верзија. Психотерапијата помага да се унапредат организацијата и квалитетот на живеење, да се поттикне растот и развојот на личен, семеен и професионален план. По успешен психотераписки процес, личноста станува посреќна и позадоволна со себе и подготвена за соочување со животните предизвици и тешкотии, подобра во реализација на работните потенцијали, со поголемо разбирање со другите луѓе и комуникација. Низ процесот ќе се запознаете себеси, вашите мисли и чувства, ќе ги разберете причинителите на вашето однесување и ќе создадете стратегии за надминување на акутните проблеми. Психотерапијата помага и кога личноста е незадоволна од својот живот, не е сигурна за своите избори и одлуки и сака да направи промена во своето однесување. Секоја личност може да има корист од психотерапевтски третман, не само клиенти што се со дијагностицирано психијатриско растројство. Психотераписка помош се применува во сите животни доби и придобивките од истата се од големо значење.



Денеска е Светскиот ден на менталното здравје. Со неколку колеги почнувате кампања за подигање на свеста за грижата за менталното здравје. За што станува збор?
- Како професионалец со чувство на голема лична одговорност, сметајќи се себеси за чувар на менталното здравје, сум активно вклучена во организацијата на кампањата за подигнување на свеста за грижата на менталното здравје. Кампањата е организирана и поддржана од Комората на психолози, прекрасен тим од психолози и психотерапевти, кој на денешниот ден ќе објавува и споделува слики на социјалните мрежи со бел лист хартија на кој е испишана порака: Јас имам Психотерапевт. Јас имам Психолог со хаштагот #jasimampsihoterapevt #jasimampsiholog. Ги поканувам сите што сакаат да ја споделат својата фотографија со порака за одбележување на овој ден, да ни се придружат, со што би ја дале својата поддршка на оваа кампања. Face book page: Гешталт Психотерапија
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема