X
 11.06.2021 Наша тема

Самет Јеркој студира македонски јазик во нашиот лекторат во Истанбул: „Јазикот го учам и преку македонските песни и ора“

Јазикот го учам не само преку лексички и граматички вежби, туку и преку традиционалните македонски песни и ора. Имам многу незаборавни спомени од Охрид. Имам голема желба да го научам македонскиот jазик на повисоко ниво и да го промовирам македонскиот jазик во Турција, вели Самет

Самет Јеркој од Истанбул е еден од 78. студенти што се запишани на студии во Лекторатот по македонски јазик на Истанбулскиот универзитет. Тој за Факултети.мк раскажува за љубовта кон македонската кујна, книжевност и традиција и зборува дека токму тоа е причината што избрал да го научи македонскиот јазик.
Инаку, годинава се одбележуваат 35 години од формирањето на Лекторатот по македонски јазик на Истанбулскиот универзитет, а свечениот настан, кој ќе се одржи на платформата „Зум“ денеска, ќе го отворат проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, и проф. д-р Махмут Ак, ректор на Истанбулскиот универзитет.

- Студирав руски јазик и книжевност на Истанбулскиот универзитет и генерално сум заинтересиран за сите балкански јазици. Ги студирам и проучувам како самоук зашто многу го сакам Балканот. Во 2016 година дипломирав, во 2018 магистрирав и сега го подготвувам својот докторат. Сакам да специјализирам во областа на балканистиката. Го студирам и македонскиот jазик и ги посетувам изборните предмети по македонски јазик. Лесно ми е да го учам, ја сакам македонската култура, кујна, природа, книжевност и, секако луѓето, кои се многу драги и гостопримливи - вели Јеркој.

Тој пред седум години бил на семинарот во Охрид, каде што имал можност да се запознае и да се дружи со пријатели доjдени од странство, а со кои заедно го изучувале македонскиот јазик.

- Тоа го правевме не само преку лексички и граматички вежби, туку и преку традиционалните македонски песни и ора. Имам многу незаборавни спомени од Охрид. Имам голема желба да го научам македонскиот jазик на повисоко ниво и да го промовирам македонскиот jазик во Турција - уверен е Самет.


Самет Јеркој

Пандемијата го намали бројот на студенти што учат македонски јазик


Оваа година се навршуваат 35 години од формирањето на Лекторатот по македонски јазик на Истанбулскиот универзитет во Истанбул, Турција. Свечениот настан, кој ќе се одржи на платформата „Зум“ денеска, ќе го отворат проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, и проф. д-р Махмут Ак, ректор на Истанбулскиот универзитет, а пригодни обраќања ќе имаат директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, деканот на Факултетот за литература, проф. д-р Хајати Девели, и деканката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ од Скопје, проф. д-р Aнета Дучевска.

Овој настан ќе го збогатат со свои излагања проф. д-р Емине Инанир, раководител на Катедрата за словенски јазици и литература, во чии рамки е Катедрата за македонски јазик и книжевност, проф. д-р Ѓонул Узелли, раководител на Катедрата за македонски јазик и книжевност, и проф. д-р Гордана Алексова, некогашен лектор по македонски јазик на Истанбулскиот универзитет.

Лекторката Марина Цветаноска работи во Лекторатот од учебната 2016/2017 година. Поради отсуството на лектор во изминатата година и немањето просторни можности, започнува да се изучува само предметот Вовед во македонски јазик 1 - со два часа неделно во летниот семестар и во тој период го посетуваат 26 студенти.



- Веќе во зимскиот семестар во 2018 година бројот на предмети и студенти се зголеми, па така до денес се застапени пет изборни предмети отворени за сите катедри на Универзитетот и тоа: Вовед во македонскиот јазик, Македонски јазик – средно рамниште, Напреден македонски јазик, Вербално изразување и Превод на македонски јазик. Македонскиот јазик и литература побудува навистина голем интерес кај студентите не само од славистичката катедра, кај студентите што го изучуваат рускиот и украинскиот јазик, туку и кај студентите што студираат историја, лингвистика и др. Како изборен предмет го избираат од различни мотиви, повеќето од студентите имаат потекло од Македонија, односно нивните баби и дедовци се доселиле во Турција, но македонскиот јазик не го заборавиле и поради таа љубов, тие одлучуваат да научат македонски јазик, да се запознаат со македонската култура и традиција - вели лекторката.

Пред пандемијата курсевите по македонски јазик ги посетуваа вкупно 129 студенти, што е навистина голема бројка. Како што информира Цветаноска, поради пандемијата, наставата се одвива на далечина, и овој семестар се завршува со 78 студенти и надеж дека од септември вратите на факултетот ќе бидат отворени.



Тројца најдобри одат на Летната школа во Охрид

Лекторите и Лекторатот по македонски јазик и книжевност, според наставната програма на Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет, земаат учество во многу активности и придонесуваат во организацијата на многу настани што придонесуваат за подобрување на турско-македонските културни односи. Во тој контекст веќе две години Факултетот за литература го одбележува 26 септември, Европскиот ден на јазиците, во чии рамки има можност да се презентира и македонскиот јазик, книжевност, култура и традиција. Студентите го уредуваат паното со репрезентативен материјал кој ги отсликува македонскиот јазик, литературата, култура и традицијата и учествуваат со рецитали во пригодниот дел од манифестацијата.

- На крајот од секоја учебна година тројца најуспешни студенти и двајца научни соработници имаат можност да учествуваат на двонеделната летна школа во Охрид, која ја организира Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Тоа е одлична можност студентите и одблизу да се запознаат со македонскиот јазик, култура и традиција и по престојот во Македонија се враќаат одушевени и мотивирани да продолжат на повисоко ниво да го изучуваат македонскиот јазик, да преведуваат и да ја шират љубовта кон Македонија и своите искуства тука, во Истанбул. Од оваа година почна да се реализира и Зимската школа по македонски јазик (на далечина), со што се зајакнати капацитетите за подиректен и поплоден контакт со македонскиот јазик, преку учество на повеќе студенти и можност во иднина и во зимскиот период да се реализира посета на Македонија - вели Цветаноска.

 

Во тие рамки Катедрата за македонски јазик и литература на Истанбулскиот универзитет беше домаќин на симпозиумот „Урбани културни идентитети – Скопје и Истанбул“, кој се одржа во ноември 2019 година и на кој учествуваа еминентни научни работници од македонска и од турска страна. Многубројните и интересни теми го третираа урбаниот концепт за градовите Скопје и Истанбул и ја докажаа историската врска на политичките, економските и на културните релации, актуелни и во современата поврзаност.

Марина Цветаноска

Спомен-плоча на македонските поети во Истанбул

На четвртиот кат на Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет е поставена спомен-плоча на македонските национални поети, браќата Миладиновци, кои во втората половина на 19 век биле активни во Истанбул.

- Така студентите се заинтригирани за нивното дело, а потоа и преку наставната програма се запознаваме и со другите културни дејци што твореле во Истанбул, а имаме можност и преку воннаставните активности да ги посетиме остатоците од Магнаурската школа, каде што учел Кирил Филозоф. Истанбул, како важен културен центар низ вековите, и денес навистина нуди богата можност за многу креативен пристап кон наставните содржини кои Лекторатот по македонски јазик ги спроведува - додава Цветаноска.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема