Не е докторка, но во два наврати помагала при породување. Не во болници, туку во авион. На едно од бебињата како благодарност ѝ било дадено нејзиното име. Работата во авијацијата е стресна и ризична, но знае да биде и радосна. Јулијана Ѓоргиевска, Македонка родена во Неготино, веќе 16 години работи за светски авиокомпании, најпрво како стјуардеса и кабински сервисен директор, а потоа и како тренер за укажување прва помош за време на лет (MedAire Trainer) и распоредувач на екипаж.
- Едни од најнезаборавните моменти беа кога двапати бев дел од екипаж кој помогна при породување на патнички. Особено емотивен ми беше еден лет од Доха до Мелбурн, кога активно учествував во породувањето и на свет дојде прекрасно девојче. Следниот ден, за време на мојот престој во Мелбурн, мојот менаџер ме извести дека семејството одлучило да ја крсти ќерката по мене – Јулијана. Тоа беше момент на огромна радост и гордост, знаејќи дека сум станала дел од нечиј живот - вели Ѓоргиевска.
Ја одбрале од 500 кандидати за стјуардеси во „Катар ервејс“
Денес живее во Германија, но редовно го посетува родното Неготино каде што ги минала детството и тинејџерските денови. Кога имала 13 години отпатувала во Торонто, Канада, на летна школа каде што го совладала англискиот јазик. По враќањето назад, нејзиниот поглед кон светот веќе не бил ист и сакала да биде граѓанин на светот. Дипломирала на Факултетот за безбедност во Скопје, а голема поддршка ѝ бил дедо ѝ, кој ѝ дал сила да продолжи кон следни предизвици во кариерата и живот.
- Ми се појави можност да аплицирам за работа како стјуардеса во „Катар ервејс“. Да бидам искрена, во 2009 година речиси никој во Македонија не знаеше каде е Катар, а авиокомпанијата само неколку години претходно почна со комерцијални летови. Сосема случајно, прелистувајќи низ интернет, ја најдов апликацијата и аплицирав. Имаше околу 500 кандидати, а на крај само тројца бевме избрани - вели таа.
Како стјуардеса работела 10 години и не ѝ било тешко да напредува.
-Во компанијата имаше повеќе од 130 националности, а моите вештини и подготвеноста постојано да учам и да се надградувам совршено се вклопија со нејзината визија, мисија и корпоративни вредности. Со текот на годините, напредував и ја завршив мојата кариера таму на позицијата директор за кабински услуги - вели Ѓоргиевска.
Искуство со итно слетување
Како најстресна ситуација го издвојува едно полетување со сериозни технички проблеми со авионот, кога таа како кабински сервисен директор морала да ги подготви патниците за итно слетување.
-Благодарение на ефикасната координација и тренираните процедури, сите останавме смирени и, за среќа, безбедно слетавме на итната писта. Тој момент уште повеќе ми потврди колку се важни обуката, тимската работа и дисциплината во оваа професија - додава Ѓоргиевска.
Обучувач за укажување прва помош и распоредување на екипаж
Напредувајќи професионално, станала MedAire Trainer, односно обучувач на кабинскиот екипаж за укажување прва помош при лет. Според европската авијациска регулатива, сите членови на екипажот мора да бидат тренирани за итни медицински ситуации. Обуките се спроведуваат во специјално опремени простории кои овозможуваат практична симулација на сценарија. Таа им дава на пилотите и на кабинскиот екипаж практични знаења и вештини за тоа како да реагираат во итна медицинска состојба, кого да контактираат и како да ја користат достапната опрема на авионот.
Знаењето и искуството детално ги има разработено во 100 видеа на нејзиниот ј
утјуб-канал, кој и денес е извор на знаење за оваа професија. Секојдневно добива известувања дека некој успеал да добие работа во авијација благодарение на нејзините видеа.
Магистер по авијациски менаџмент на Универзитетот во Вилдау, Германија
Во Германија се преселила во 2019 година и паралелно со учењето на германскиот јазик се запишала на мастер-студии по авијациски менаџмент на Државниот технички универзитет за применети науки во Вилдау, Бранденбург. Магистрирала на тема за жените менаџери во авијацијата.
Денес е дел од светот на „Business Aviation“ и работи за приватна авиокомпанија со седиште во Германија. За разлика од редовните авиолинии, во неа нема фиксни дестинации и распоред. Клиентите летаат каде сакаат, кога сакаат и со тип на авион кој тие ќе го изберат. Нејзината работна позиција, покрај медицинската обука, е и распоредување на екипажот.
Во Македонија недостига академска програма за авијацијата
-Би било прекрасно да се оформи една таква иницијатива – и ако некогаш некој започне нешто во тој правец, би сакала да бидам дел од тоа. Денес сме сведоци на постојан раст на бројот на патници на двата наши аеродроми, а покрај тоа имаме и неколку помали регионални аеродроми кои би биле совршени за малите авиони што се користат во Business Aviation. Живееме во ера каде што побарувачката за летање – и во бизнис и во комерцијална авијација – е огромна. Македонија има потенцијал да биде одлична поддршка и за OEM индустријата (за производство на оригинала опрема) и за авијациските операции - нагласува Ѓоргиевска.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.