X
 13.05.2025 Технологија

Ако користите „Чет-ГПТ“, никогаш не откривајте му ги овие работи

Алатките со вештачка интелигенција речиси станаа неизбежен дел од секојдневниот живот. Дури и ако не ги користите активно секој ден, голема е веројатноста дека користите некоја услуга која се потпира на модел со вештачка интелигенција како што се „Чет-ГПТ“, „Џеминај“, „Перплексити“ и слични.

Иако многумина се потпираат на овие сервиси за помош и во приватниот и во професионалниот живот, не се сосема свесни дека секое користење на овие алатки претставува потенцијален ризик за безбедноста.

Луѓето, во желба побрзо да завршат некоја работа, често им откриваат на чет-ботовите и другите модели со вештачка интелигенција чувствителни и приватни информации кои не треба да се споделуваат со никого. Но, треба да имате предвид дека чет-ботовите не се луѓе.

Всушност, во овој контекст треба да се третираат како луѓе бидејќи исто како што не би му откриле лични или деловни информации на случаен минувач на улица, така не треба им ги откривате ни на чет-ботовите.

Иако компаниите што ги развиваат овие модели најчесто велат дека не ги користат податоците од разговорите за дополнителна обука на моделите (иако, на пример, „Дипсик“ токму на тој начин го тренира својот модел), тоа не значи дека податоците не остануваат зачувани во вашиот кориснички профил. Доволно е некој да седне пред вашиот компјутер, да го отвори вашиот омилен модел со вештачка интелигенција и да ја прегледа историјата на разговорите, а со тоа и чувствителните податоци.

Кои чувствителни информации не треба никогаш да ги споделувате?

Лични податоци


Без разлика колку доверба имате во „Чет-ГПТ“ или слични алатки, од безбедносни причини никогаш не треба да внесувате податоци како: целосно име и презиме, адреса, матичен број, број на лична карта, пасош и слични документи за идентификација. Истото важи и за фотографии од такви документи. Ако користите чет-бот за изработка на биографија, подобро побарајте од него шаблон кој потоа ќе го пополните на својот компјутер отколку да му ги доставувате личните податоци.

Финансиски информации


Тоа што важи за бројот на кредитна или дебитна картичка, бројот на банкарска сметка или лозинка за електронско банкарство, важи и за алатките со вештачка интелигенција. Ако сакате совет за кредит или штедење, тогаш подобро користете измислени примери отколку вистински информации.

Лозинки

Дали треба воопшто да се објаснува? Споделувањето лозинки за пристап до кориснички профили или внатрешни системи на вашата компанија е исклучително неодговорно. Како што не би му ги дале клучевите од вашиот стан на непознат, така не треба да ги споделувате ни со чет-бот.

Чувствителни или тајни информации

„Чет-ГПТ“ не е ваш исповедник, ниту најдобар пријател. Не треба да му откривате доверливи работи како кој кого изневерува, што направил некој колега, здравствени податоци или семејни проблеми. Тоа се приватни информации.

Информации за компанијата каде што работите


Може да звучи практично да побарате од „Чет-ГПТ“ да ви помогне да составите договор или да уреди некој документ, но ако станува збор за доверливи податоци, не правете го тоа. Поради ова, некои компании целосно го блокираат пристапот до чет-ботови на службените компјутери.

Експлицитна содржина


Дури и на шега, ако го прашате „Чет-ГПТ“: Како да се ослободам од некого засекогаш, тоа може да ве доведе во непријатност. Не само што нема да добиете одговор, туку некои модели ваквите прашања ги бележат и пријавуваат во полиција. Ако сте во искушение да поставите сомнително прашање, воздржете се.

Медицински информации

Чувствувате болка? Нема ништо лошо во тоа да го прашате „Чет-ГПТ“ за објаснување на некој медицински термин или препораки за вежби, но избегнувајте да внесувате лични и препознатливи податоци. Наместо тоа, формулирајте го прашањето општо, на пример: „Препорачај ми вежби за маж во триесеттите со болки во грбот.“

Извор: n1info.hr
Фото: Unsplash
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија